ПОВЕЌЕ

    МИНИМАЛНА ПЕНЗИЈА ОД 7.783 ДЕНАРИ – тоа беше реалност пред 10 години, што се промени оттогаш?

    Време зa читање: 5 минути

    Само 7.783 денари изнесувале најниските пензии во септември 2016 година, откриваат податоците од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Податоците за пензиите за септември годинава сè уште не се објавени, но ако тргнеме од тоа дека во август најниската пензија била 20.888 денари, со септемвриското усогласување од 3 насто, таа изнесува 21.515 денари.

    Времепловот од пред една деценија нè носи и до просечната пензија, која тогаш изнесувала 13.106 денари. Сега е 28.891 денар.

    Во однос на највисоките пензии, во септември пред една деценија износот бил 38.394 денари, а со септемвриското усогласување годинава се проценува на 97.162 денари.

    Од бројките застапени во анализата на Пари произлегува и дека за 10 години минималната пензија се зголемила за 13.372 денари, односно за 176,4 насто, просечната пензија се зголемила за 120,4 насто, додека максималната пензија за 153,1 насто.

    Истовремено, бројот на пензионерите се зголемил за 46.651, односно за 15,4 насто.

    СЕ НАМАЛИЛ ЈАЗОТ МЕЃУ НАЈНИСКИТЕ И НАЈВИСОКИТЕ ПЕНЗИИ

    Најголеми корекции на пензиите се случија со линеарното зголемување од вкупно 7.000 денари во периодот од март 2024 до март 2026 година.

    Линеарното зголемување, со цел да се подобри животниот стандард на луѓето со најниски пензии, беше и изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ, но со помал износ од 5.000 денари, кој потоа се зголеми со оглед на инфлацијата како дополнителна заштита на најранливите категории на пензионери.

    Во време на линеарното зголемување се направија законски измени, со кои се изземаа редовните законски усогласувања што се прават двапати годишно во септември и во март, кога пензиите се индексираат – 50 насто со раст на просечната нето-плата и 50 насто со инфлацијата (полугодие во однос на претходно полугодие).

    Линеарното зголемување им помогна на корисниците на пониски пензии, додека оние со високи пензии добија помалку пари ако усогласувањето би било според законската формула.

    Со сите корекции се намали јазот меѓу најниските и највисоките пензии: пред 10 години највисоката пензија беше 4,93 пати поголема од најниската пензија, а сега е 4,52 пати.

    СООДНОСОТ СО ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА СЕ НАМАЛУВА

    Еден друг индикатор, пак, оди подлабоко во анализирање на животниот стандард на пензионерите, а тоа е соодносот на просечната пензија и просечната плата.

    Податоци за просечната нето-плата во септември годинава сè уште нема. Последните податоци се за јули, кога изнесувала 48.499 денари. Во јули 2016 година, пак, просечната нето-плата била 22.334 денари.

    Во јули годинава просечната пензија била 28.046 денари, а во јули 2016 година изнесувала 13.103 денари.

    Така, соодносот меѓу просечна пензија и просечна плата пред 10 години бил 1 : 1,70, односно просечната плата била 1,7 пати повисока од просечната пензија. Во 2026 година, исто во јули, просечната плата била 1,73 пати повисока од просечната пензија.

    Поинаку кажано, просечната пензија пред 10 години беше 58,67 насто од просечната плата, а сега изнесува 57,83 насто.

    Со оглед на значајниот раст на платите во последните години, иако имаше и значајно зголемување на пензиите, сепак, учеството на просечната пензија во просечната нето-плата се намали.

    МИНИМАЛНАТА ПЕНЗИЈА Е ПОБЛИСКУ ДО МИНИМАЛНАТА ПЛАТА

    Од март годинава минималната плата е 26.047 денари. Во 2016 година била 10.080 денари, а во кожарската и во текстилната индустрија изнесувала 9.000 денари.

    Во согласност со овие податоци, минималната пензија од 7.783 денари во 2016 година била 77,21 насто од минималната плата, односно 86,48 насто од минималната плата за текстилците и кожарите.

    Сега, минималната пензија од 21.515 денари е 82,60 насто од минималната плата.

    Покрај редовните законски усогласувања со формула, од 2016 година досега имаше 6 паушални, линеарни зголемувања на пензиите. Покрај последните четири во висина од вкупно 7.000 денари, линеарно зголемување имаше и во 2016 година за 650 денари и во 2020 година за 720 денари.

    Во 2017 година, пак, имаше политичка корекција на минимална плата од 10.080 на 12.000 денари. Поголемо зголемување на „минималецот“ имаше и во 2020 година, од 12.507 на 14.500 денари. Инаку, и за минималната плата постои редовно законско усогласување.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично