Државниот завод за ревизија утврдил серија неправилности и слабости во работењето на пет друштва за интернет и електронски игри на среќа во кои Државна лотарија има 51% од основната главнина. Поради значењето на утврдените состојби, ревизорите изразиле неповолно мислење и за финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста на работењето со законската регулатива и воспоставените политики.
Ревизијата ги опфати „Државна лотарија – 77 БИТС“, „Државна лотарија – Везув“, „Државна лотарија – Моззарт“, „Нова државна видео лотарија – НОВО-ВЛТ“ и „Државна видеолотарија на Република Македонија – Касинос Аустриа“. Кај сите пет друштва Државна лотарија е доминантен сопственик со удел од 51%.
Во еден договор 2,17 милиони евра, во друг – 771 илјада
Еден од повпечатливите наоди се однесува на паричните влогови кај друштвата за интернет игри основани во 2023 и 2024 година.
Во договорите за заедничко вложување било предвидено содружниците да уплатат вкупно 2.171.470 евра, во три рати во период од три години. Но во договорите за основање на истите друштва бил утврден значително понизок паричен влог – 771.470 евра, со рок за уплата од една година. На ревизорите не им биле презентирани уредни и веродостојни докази со кои би се објаснила оваа разлика.
Дополнително, моделот на плаќање во три рати во период од три години, според ДЗР, не е усогласен со Законот за трговските друштва, кој предвидува рок од една година за уплата на преостанатиот дел од влогот.
Кај „Државна лотарија – Моззарт“ и „Државна лотарија – Везув“ неуплатениот дел од договорените влогови не бил евидентиран во трговските книги. Кај „Везув“, од договорените 2,17 милиони евра, до моментот на ревизијата биле уплатени само 9 милиони денари, односно околу 146 илјади евра.
Договори на 10 и 15 години, а во најголем дел од постапките – само една понуда
ДЗР утврдил и сериозни слабости кај набавките.
Изборот на оператори за софтвер, интернет-платформи со играчки содржини, како и за одржување и техничка поддршка на ВЛТ-терминалите, бил спроведуван преку јавни повици и интерни правилници, без примена на Законот за јавните набавки.
Во најголем дел од постапките била доставена само една понуда, по што биле склучувани договори со исклучително долг рок – 15 години кај дел од друштвата и 10 години кај НОВО-ВЛТ.
Ревизијата констатирала слабости и при маркетингот, рекламата, пропагандата и промоцијата. Кај „Моззарт“, „77 БИТС“ и „Касинос Аустриа“ за дел од трошоците не била обезбедена целосна и соодветна документација, поради што ДЗР не можел во целост да потврди дали средствата биле користени наменски и рационално.
Закуп без претходно одобрение и авансни плаќања
Кај „77 БИТС“ и НОВО-ВЛТ биле утврдени неправилности при закуп на деловен простор. Договорите биле склучувани со заинтересирани страни без претходно одобрение од Собирот на содружници, иако таква постапка е предвидена со Законот за трговските друштва.
Кај „77 БИТС“ ревизорите утврдиле и авансни плаќања на закуп пред воопшто да биде склучен договор, како и позајмици кон поврзани друштва без потребното одобрение. Позајмиците подоцна биле вратени.
Приредувале интернет игри, а на ревизорите не им била презентирана лиценца
Еден од најчувствителните наоди се однесува на правната основа врз која друштвата ги приредувале интернет игрите.
Според ДЗР, тие работеле врз основа на пренесено право што произлегувало од договорите за заедничко вложување и основање од 2023 и 2024 година. Но на ревизијата не ѝ бил презентиран акт за издадена лиценца за приредување интернет игри на среќа.
Во септември 2024 година Владата одобрила започнување постапки за престанок на трговските друштва за интернет игри, а во декември истата година Државна лотарија поднела тужби до Основниот граѓански суд Скопје за престанок на „Моззарт“, „77 БИТС“ и „Везув“. Судските постапки сè уште траат.
„Моззарт“ и „77 БИТС“ потоа престанале да приредуваат интернет игри преку своите платформи, додека „Везув“ воопшто не започнал со основната дејност за која бил регистриран.
„Касинос Аустриа“ продолжил со интернет игри до 2024 година
Посебна состојба ДЗР утврдил кај „ДВЛМ – Касинос Аустриа“.
Според ревизијата, ова друштво продолжило да приредува интернет игри и по истекот на договорно утврдениот рок од две години, односно по 31 декември 2016 година, и тоа сè до октомври 2024 година, кога било прекинато приредувањето интернет игри.
НОВО-ВЛТ, пак, било основано за електронски игри, но воопшто не започнало со дејноста. Во текот на 2025 година била спроведена статусна промена, а на 18 ноември 2025 година друштвото било избришано од Трговскиот регистар.
Слаби контроли и непокриени загуби
Ревизорите утврдиле слабости и во системите на внатрешна контрола – во пишаните процедури, поделбата на надлежностите, превентивните и последователните контроли, како и во финансиското известување.
Проблеми биле констатирани и кај пописот, евиденцијата на побарувања и обврски и постапувањето со загубите. Кај дел од друштвата не биле преземени соодветни активности за покривање на искажаните загуби.
Недостигаат подзаконски акти, технички стандарди и систем за надзор во реално време
Ревизијата не се задржува само на работењето на компаниите, туку укажува и на празнини во регулативата.
Иако со закон било предвидено во рок од шест месеци да се донесат подзаконски акти за интернет игрите на среќа, надлежното министерство не презело соодветни мерки за тоа. Не биле пропишани формата и содржината на барањето за лиценца, минималните технички стандарди за опремата и софтверот, ниту листата на овластени правни лица што треба да ги вршат проверките.
Кај електронските игри, според ДЗР, не се уредени во целост ниту техничките критериуми за исправност, функционалност и безбедност на терминалите, системите и софтверот, ниту обврската тие да бидат тестирани и сертифицирани од овластено или акредитирано тело.
Дополнително, не е воспоставен надзорен информациски систем преку кој во реално време би се следеле уплатите, исплатите, прометот и приходите од електронските игри на среќа.
Барано блокирање на 307 сајтови и апликации – но нелегалното играње и натаму е достапно
ДЗР утврдил и проблем со нелиценцираните интернет-платформи.
Според податоците добиени од Министерството за дигитална трансформација, заклучно со јануари 2026 година биле поднесени барања за ограничување на пристапот до 307 веб-страници и апликации преку кои се приредувале игри на среќа.
И покрај тоа, ревизорите констатирале дека од територијата на Македонија и натаму се достапни веб-страници преку кои се приредуваат игри на среќа без издадена лиценца.
Наодите на ДЗР покажуваат дека проблемот не се сведува само на неколку спорни договори. Се работи за комбинација од неусогласени вложувања, долгорочни договори со ограничена конкуренција, недоволна документација, слабости во контролите и регулаторни празнини во сектор во кој државата е мнозински сопственик.
ДЗР дал препораки до одговорните лица и органите на управување на друштвата за надминување на утврдените состојби.
Аналитика








