Владата не размислува да ја зголемува цената на електричната енергија. Напротив, правиме план како да најдеме формула да ја намалиме или барем да ја зголемиме евтината тарифа, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој потсети дека македонските акумулации се над 70% полни и дека државата во периодов располага со 500 гигават-часови акумулирана електрична енергија, што според Мицкоски е доволно за граѓаните и индустријата да се чувствуваат безбедно и сигурно.
Изјавата на Мицкоски се надоврзува на смирувачките тонови со кои претходно надлежното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини ја уверуваше јавноста дека државата не се наоѓа во иста ситуација како повеќе држави во централна и источна Европа, каде влошената хидролошка состојба на најголемите европски реки доведе до потешкотии во снабдувањето со електрична енергија. МЕРМС тврди дека го континуирано ја следи состојбата во регионот и во Европа, како и домашните хидролошки показатели и дека, според расположливите податоци, состојбата во Македонија е стабилна и во моментов не постојат индикации дека ниските водостои во Европа претставуваат ризик за сигурноста на домашното производство на електрична енергија.
Оттаму, исто така, уверуваат дека домашните акумулации се управуваат внимателно и согласно оперативните планови, што овозможува сигурно производство на електрична енергија и стабилно функционирање на електроенергетскиот систем, додека, истовремено, хидроелектраните продолжуваат да обезбедуваат и системски услуги неопходни за одржување на стабилноста на електроенергетската мрежа.
Аналитика








