Светската банка во извештајот за земјите од Западен Балкан прогнозира дека државите од регионот ќе се соочат со рецесија и регионалниот раст на Западен Балкан се предвидува да биде меѓу минус 3 и минус 5,6 процентни поени.
„Земјите од Западен Балкан, како и остатокот од светот, ќе бидат погодени од последиците на корона вирусот, а Македонија благодарение на навремената реакција и соодветните владини мерки најдобро се справува со кризата во споредба со другите земји од регионот“, истакна советникот за економски прашања на претседателот на Владата, Фатмир Битиќи, на прес-конференцијата, цитирајќи го најновиот редовен економски извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан.
Тој додаде дека се проценува нашата економија да забележи пад од 1,4 до максимум 3,2 процентни поени. Споредено, Црна Гора ја очекува економски пад од 5,6 проценти, кој во случај на продолжување на пандемијата до крајот на летото, би бил 8,9 проценти. Проценките за Србија се за негативна стапка од 2,5, односно 5,3 проценти. Албанија ја очекува негативна стапка од 5, односно 6,9 проценти, а Косово пад на БДП од 4,5 проценти, со можен пад и до 11,3 проценти.
„Преку владините мерки за финансиска поддршка, како бескаматни кредити, исплата на плати од 14.500 денари по вработен или субвенциите за придонеси, се помагаат најпогодените сектори и при тоа се цели кон одржување на динамиката на економијата и зачувување на секое работно место“, рече Битиќи.