ПОВЕЌЕ

    Македонија на 17-тото место во Извештајот Дуинг бизнис 2020

    Време зa читање: 3 минути

    Македонија во најновиот извештај Дуинг бизнис на Светска банка е рангирана на 17 место, според условите за водење бизнис во конкуренција од 190 земји. Тоа е пад за 7 места за Македонија, бидејќи минатата година беше рангирана на 10-то место.

    Првите 10 места ги заземаат Нов Зеланд, Сингапур, Хонг Конг, Данска, Кореа, САД, Грузија, Велика Британија, Норвешка и Шведска.

    За Македонија, во извештајот се наведува дека е олеснето склучувањето и спроведувањето на договорите и поедноставено е пресметувањето на давачките за спроведување, што го прави целиот процес поевтин. Се посочува и дека земјава ги промени одредбите за работна сила, правилата за технолошки вишок, повторно вработување и отпремнина.

    Од Владата преку соопштение велат дека тоа што земјата е рангирана на 17-то место меѓу 190 држави во светот и натаму ја прави земјата лидер во регионот. Словенија е рангирана на 37-то место, Србија на 44-то, Црна Гора на 50-то, Хрватска 51-ва, Косово 57-ма, Албанија 82-ро и Босна и Херцеговина на 90-тото место.

    Исто така, истакнуваат дека во ранг листата за 2020 година, кај три индикатори има напредок. Тоа се добивање градежни дозволи, пристап до електрична енергија и спроведување договори, а кај останатите индикатори не се забележани промени при нивното мерење во праксата.

    „Doing Business 2020“ е 17-тото издание што ги испитува реформите на одредбите што го поттикнуваат или спречуваат развивањето на бизнис активностите. Истражувањето претставува збир на квантитативни индикатори за бизнис одредби и заштита на имотни права во 190 земји. Покрива одредби од 12 аспекти на еден бизнис: започнување бизнис, добивање дозволи за градба, приклучок на електрична енергија, регистрирање имот, добивање кредит, заштита на малцински инвеститори, плаќање даноци, трговија, спроведување договори, справување со стечај, вработување и склучување договори со владата.
    Податоците од ова истражување се однесуваат на период од 1.5.2019.

    Линк до Извештајот достапен во пдф формат:

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично