Во текот на минатата година Македонија ја посетиле 1.260.425 туристи. За 7,8 проценти повеќе во споредба со 2023 година. Притоа, забележлив е раст кај странските, додека кај домашните гости има минимално намалување. И натаму најбројни меѓу посетителите се турските туристи.
Според последните податоци од Државниот завод за статистика, во декември во земјава имало 55.371 турист. Најголемиот дел од нив – 61,5 отсто се странски гости (34.052), додека 38,5 проценти биле домашни (21.319). Зад себе оставиле 113.490 ноќевања. Домашните туристи оствариле 46.708 (41,2%), а странците 66.782 ноќевања (58,8%).
На годишно ниво, од јануари до декември, бројот на нашинците регистрирани како туристи е опаднат за еден отсто. Наспроти тоа, зголемувањето кај странците е за 13,1 насто. Или соодносот домашни – гости е 430.246 со 830.179.
Бројот на ноќевањата во целата 2024, во однос на 2023 година бележи пораст од 5,2 проценти. Кај домашните туристи има зголемување за 2,1, а кај странските за 8,9 проценти. Изразено низ бројки, од вкупно реализираните 3.297.732 ноќевања, 1.765.093 се направени од домашните посетители, а нешто помалку – 1.532.639 од дојденците.
Што се однесува до декемвриската статистика, странците кои повеќе денови престојувале во Македонија имаат 66.782 ноќевања, додека домашните – 46.708.
Вообичаено, најмногу посетители имало од Турција. Лани во декември биле регистрирани 7.809, кои во вкупната структура на туристи имаат удел од 22,9 отсто. Од нив се остварени 15.313 ноќевања.
Ако Србите досега секогаш биле зад Турците, во декември има промена. На второто место според бројноста се бугарските туристи, во декември 4.711 на број, со учество од 13,8 проценти. Воедно, оствариле 7.739 ноќевања.
Србите овојпат се трети. Статистиката утврдила 4.183 туристи (12,3%) и 7.765 ноќевања.
Главниот град во декември имал најмногу гости: вкупно 19.995, од кои 3.418 домашни и 16.577 странски. Во Скопје се заведени 36.250 ноќевања, од домашните 5.076, а 3.117 од странските гости.
Крајезерските места во последниот месец од годината биле посетени од 15.774 гости, со мала предност на нашинците – 7.965, наспроти странците – 7.809. Бројот на ноќевањата е 29.952 (од домашни туристи 14.633, од странски 15.319).
Исто така, најголемиот дел од туристите се определиле за хотелско сместување. Во хотелските објекти, во декември, биле регистрирани 47.973 гости (домашни 14.999, странски 32.974), како и 93.224 ноќевања. Во таа бројка домашните гости имаа удел од 28.585, а странците со 64.639 ноќевања.