
Од длабочините на прилепските карпи до статус на национален симбол. Македонскиот рубин, еден од најпрепознатливите и најретки минерали во земјата, официјално е заштитен како национален полускапоцен камен, со што Македонија за првпат добива официјално признат минерален симбол.
Одлуката ја соопшти министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која истакна дека со завршувањето на постапката за заштита, државата добива уште едно автентично обележје на своето природно и културно наследство.
„Го заштитивме македонскиот рубин. Денес државата добива нешто автентично македонско, официјално признаено и заштитено. Му благодарам на Геолошкиот завод за посветената работа и соработката во целиот процес. Ова е само почеток – продолжуваме со заштита и на други уникатни минерални богатства, меѓу кои и одредени видови македонски мермер“, изјави Божиновска.
Со новиот статус, македонскиот рубин добива заштита како национално минерално наследство, а државата за првпат официјално прогласува минерал за свој симбол.
Постапката не била едноставна. Бидејќи станува збор за прв ваков случај во државата, процесот барал координација на повеќе институции, подготовка на стручна документација и усогласување на правните процедури. Во реализацијата активно учествувале Геолошкиот завод, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Државниот завод за индустриска сопственост.
Од Министерството посочуваат дека значајна улога имале директорот на Геолошкиот завод, Ивица Андов, и стручниот тим на институцијата, како и Дејан Шкартов – Деко, долгогодишен промотор и преработувач на македонскиот рубин, кој доброволно се откажал од претходно стекнати права за каменот да добие државна заштита и да стане национално добро.
Посебна благодарност е упатена и до Државниот завод за индустриска сопственост и неговиот директор Елјеса Незири за поддршката во спроведувањето на постапката.
Македонскиот рубин важи за геолошки уникат. Станува збор за корунд со карактеристична малиново-розева боја, која се должи на присуството на хром во неговата кристална структура. Неговата посебност е и во тоа што се среќава исклучиво во околината на Прилеп и планинските предели на Мариово, што го прави единствен природен рубин во копнена Европа кој се обработува локално.
Покрај минералошката и колекционерската вредност, рубинот со години се смета за дел од културното и историското наследство на земјата и симбол на нејзината природна автентичност.
Процесот за негово официјално признавање започнал во септември 2025 година, а со донесеното решение е заокружена постапката за институционална заштита. Од Министерството оценуваат дека овој чекор претставува пример како преку соработка меѓу институциите, стручната јавност и поединците може да се зачуваат и афирмираат природните богатства од национално значење.
Отсега, македонскиот рубин нема да биде препознатлив само меѓу геолозите и колекционерите, туку и како официјално заштитен национален симбол на Македонија.
Аналитика








