ПОВЕЌЕ

    МАКЕДОНЦИТЕ НЕ ШТЕДЕЛЕ НА КУПУВАЊЕ НОВ АВТОМОБИЛ! Кои брендови биле најпродавани и колку заработиле застапниците лани?

    Време зa читање: 3 минути

    Граѓаните не штеделе за купување нов автомобил. И во пандемијата со КОВИД-19, се барало возило плус. За автомобилската индустрија, според официјалните податоци, немало криза. Најпродавани биле автомобилите што се застапени од Порше Македонија, односно фолксваген, ауди, шкода и порше.

    И покрај тоа што е лидер на пазарот со најмногу продадени автомобили, Порше не заработил најмногу. Според анализата на Пари, најголема добивка има Мак Аутостар, кој е застапник на мерцедес.

    За оваа година, податоците од Европа се позитивни. Втор месец по ред расте продажбата на нови автомобили. Проблемите кои минатата година ги имаа во синџирот на снабдување и недостигот на чипови, веќе се намалуваат. Производителите на автомобили во Европската Унија, Европската зона за слободна трговија и Велика Британија, во септември испорачале над 1 милион возила, што е за 7,9 насто повеќе од лани. Само во Европа продажбата во септември е зголемена за 9,6 %, но е далеку под нивото на 2019 година, односно продадени се една третина помалку возила во однос на состојбата пред пандемијата. Во однос на минатата година, пак, за првите десет месеци од оваа година, продажбата е падната за 10 %.

    И покрај тоа што бројките покажуваат раст на продажбата на луксузни и возила со електричен погон во Европа, се очекува вкупната продажба на сите автомобили годинава или да се намали или да стагнира. Како причини се наведуваат  влошената економска состојба и растечката инфлација.

    Порталот Пари анализира кои автомобили биле најпродавани и колку заработиле ТОП петте застапници во автомобилската индустрија.

    Минатата година, петте најголеми увозници на автомобили направиле промет од речиси 186 милиони евра, а тоа им донело профит од нешто над 10,7 милиони евра. Во 2020 година, истите овие компании направиле промет од речиси 130 милиони евра, или дури 56 милиони помалку од лани.

    ТОП 5 ЗАСТАПНИЦИ НА АВТОМОБИЛИ ПО ПРИХОДИ (во евра)

    Приход во 2020 годинаПриход во 2021 година
    ПОРШЕ МАКЕДОНИЈА47.480.00058.622.000
    МАК АУТОСТАР23.648.00041.071.000
    ЕУРОИМПЕКС24.378.00035.498.000
    АВТОНОВА20.214.00033.153.000
    ТОЈОТА  12.238.00017.334.000

    | Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк

    Податоците покажуваат дека минатата година најголем приход, над 58,6 милиони евра, остварил Порше Македонија. Сепак, кога станува збор за заработката, оваа компанија е на четврто место. Од продажба на порше, фолксваген, шкода и ауди, ќарот му достигнал нешто над 1,6 милиони евра. Најголема заработка има застапникот на мерцедес, Мак Аутостар, кој за една година успеал да ги зголеми приходите речиси двојно, а остварената добивка му надминала 3,4 милиони евра. Трет на листата по остварени приходи е застапникот на пежо, Еуроимпекс, но го нема во моќната петорка по остварена добивка.

    Минатата година добро заработувале и продавачите на половни возила. Според анализата на Пари, Друштвото за трговија на големо и мало МА ТРУСТ ДОО Скопје, од трговија со автомобили и моторни возила од лесна категорија, минатата година заработило 2,4 милиони евра. Со овие бројки се најде на второто место на листата по остварен профит.

    Застапникот на ситроен, Автонова, лани заработил над 2 милиони евра, а нешто над милион евра увозникот и застапник на БМВ, М Кар.

    ТОП 5 ЗАСТАПНИЦИ НА АВТОМОБИЛИ ПО ДОБИВКА (ВО ЕВРА)

    Добивка во 2020 годинаДобивка во 2021 година
    МАК АУТОСТАР1.641.0003.443.000
    МА ТРУСТ1.220.0002.432.000
    АВТОНОВА1.257.0002.074.000
    ПОРШЕ1.604.0001.628.000
    М КАР789.0001.157.000

    | Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк

     

    Лектор: Христина Ангелеска

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично