ПОВЕЌЕ

    Дали се раѓаат и лидерот и менаџерот?

    Време зa читање: 2 минути

    Лидерите и менаџерите се индивидуи кои во една компанија, заедница или група имаат моќ, авторитет, способност да влијаат и да ги насочуваат преостанатите кон одредени цели и вредности. Сепак, менаџерот и лидерот имаат значајни разлики во своите улоги. Тие, главно, се разликуваат според начинот на кој доаѓаат на својата позиција и влијанието кое го имаат врз поединците во одредена група.

    Менаџерите доаѓаат на своите позиции во групата врз основа на именување на одредена позиција најчесто од повисоките нивоа на менаџмент. На ваков начин тие добиваат формален авторитет и моќ да влијаат врз другите поединци во групата, заедницата или компанијата. Менаџерите имаат точно поставени цели кои треба да ги следат и да го контролираат нивното исполнување преку насочување и мотивирање на поединците. Добриот менаџер поставува сигурност и стабилност на организацијата.

    Лидерите, пак, од друга страна, немаат формален авторитет и кај нив авторитетот произлегува од експертското знаење на поединецот во одредена група. Изборот на лидерот е од самата група. Додека менаџерот ги насочува преостанатите кон извршување на одредени работи за остварување на одредени цели, лидерот цели кон тоа да се обезбеди помош од преостанатите кон остварување на зацртаните цели и визии. Значајни карактеристики на лидерите се дека тие се креативни, флексибилни, харизматични и луѓе кои најчесто преземаат ризик за остварување на целите.

    Од карактеристиките и од можностите на влијание кои ги имаат врз одредена група, може да се каже дека лидерот се раѓа, а менаџерот се создава. Лидерот се раѓа затоа што тој има способност да ги насочи другите да го следат и да му веруваат во остварувањето на одредени цели и визии и неговиот авторитет е неформален, односно доаѓа спонтано – врз основа на довербата и знаењето кои ги поседува. Од друга страна, менаџерот се создава, зашто неговото влијание врз преостанатите поединци во групата произлегува од формалниот авторитет што го ужива благодарение на позицијата на која се наоѓа во една група, заедница или компанија.

    Сепак, во современите услови на функционирање на компаниите, менаџерот треба да се труди да биде и лидер со цел да се постигнат најдобри резултати преку креативност, флексибилност, иновативност, но истовремено и аналитичност, стабилност и рационалност во работењето на компанијата.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично