ЕДИ РАМА МЕЃУ ЧЕТВРТИОТ МАНДАТ И УЛИЧНИОТ БУНТ: Можат ли протестите да го симнат од власт човекот кој победува веќе 13 години?
320
Време зa читање:6минути
Албанскиот премиер Еди Рама во вторникот за поттикнување на немирите во неговата земја ја обвини „хибридната војна“, по еднонеделните насилни антивладини демонстрации во главниот град Тирана, на кои, како едно од главните барања се истакнуваше барањето за негова оставка. Рама ги повтори претходните обвинувања дека за насилството се виновни „странски актери“, при што претходно ги посочи Русија и Иран како поттикнувачи на дезинформации на интернет. „Ова сега е препознаено и станува сериозен проблем низ цела Европа“, изјави тој во обраќање што се емитуваше во живо за време на неговата посета на албанското Министерство за образование.
Од минатиот вторник, демонстрантите постојано се судираат со полицијата, додека повеќемесечните протести ескалираат, поттикнати од нови барања за подобри услови на универзитетите, гнев поради корупцијата и повторени барања за оставка на Рама.
За време на демонстрациите, на кои учествуваа илјадници луѓе, полицијата редовно употребуваше водени топови, солзавец и гумени куршуми за да ги растера групите што ги напаѓаа владините згради и кршеа продавници во неколку делови од главниот град.
Демонстрантите фрлаа камења, молотови коктели и пиротехнички средства кон полицијата, барајќи оставка на Владата и вистинска борба против корупцијата.
„Владите се менуваат преку демократски избори. Минатата година имавме избори, а не револуција“ одговори Рама со порака кон демонстрантите кои бараат оставка. Тој инсистира дека има мандат да ги заврши преговорите за членство во ЕУ.
„НЕЗАМЕНЛИВИОТ“ ЕДИ РАМА
Еди Рама досега има освоено четири последователни премиерски мандати пред да се соочи со сериозен политички предизвик каков што се протестите во Тирана. Откако на почетокот на летово контроверзниот туристички проект поврзан со семејството на Доналд Трамп, предизвика еколошки протести, гневот на граѓаните прерасна во поширок бунт против начинот на владеење, корупцијата и социјалните проблеми во Албанија. Одговорот на Рама на оваа ескалација е недвосмислен: нема да поднесе оставка, а власта се менува на избори, не со револуција.
Откако го обезбеди четвртиот премиерски мандат пред нешто повеќе од една година, Еди Рама во оваа криза влегува како премиер кој никогаш не загубил парламентарни избори откако ја презеде власта во 2013 година. Тој располага со силно парламентарно мнозинство и продолжува да ја поврзува својата политичка иднина со европската интеграција.
На 15 октомври Рама во писмен одговор за Ројтерс порача дека изборите биле одржани минатата година, а на 18 октомври отиде чекор понатаму, оценувајќи дека протестите повеќе ја загрозуваат европската иднина на Албанија отколку неговата влада. Со тоа одбраната на спорниот инвестициски проект прерасна во одбрана на целиот политички мандат.
Неговата владејачка Социјалистичка партија на изборите во мај 2025 година освои 83 од вкупно 140 пратенички места, а повеќе од половината важечки гласови. Значи, Рама влезе во четвртиот мандат со посилна парламентарна позиција отколку во претходниот. Сепак, изборната победа сама по себе не покажува колкава е поддршката за него денес, по повеќемесечните протести и последните судири со полицијата.
ПРОГРЕСИВЕЦОТ КОЈ СТАНА ПРЕЧКА НА ДЕМОКРАТИЈАТА
Политичката кариера на Еди Рама почна далеку пред премиерската функција. Поранешниот уметник влезе во владата како министер за култура во 1998 година, а во 2000 година стана градоначалник на Тирана. Во трите градоначалнички мандати стекна меѓународна препознатливост со урбанистичките интервенции, обновувањето на јавните простори и разнобојните фасади.
Во 2005 година го презеде раководството на Социјалистичката партија. Осум години подоцна, во 2013 година, ја презеде и власта во Албанија. Неговиот политички проект се потпираше на ветувањата за европска интеграција, економска модернизација и институционални реформи.
Она што следуваше беше континуитет на изборни победи: коалициска победа во 2013 година, самостојно парламентарно мнозинство во 2017 година, негово задржување во 2021 година и дополнително зајакнување во 2025 година. Податоците покажуваат дека низ четирите изборни циклуси Социјалистичката партија го зголемила својот удел во гласовите за речиси 12 процентни поени. Последната победа му донесе на Рама и комотно мнозинство од 83 пратеници, наспроти потребните 71.
Но, политичките аналитичари во Албанија посочуваат важна разлика меѓу мнозинство од важечките гласови и мнозинство од сите граѓани. Излезноста во 2025 година беше околу 44,8 проценти. Оттука, резултатот од 53,2 проценти е силен изборен резултат, но не значи дека толкав дел од сите полнолетни граѓани го поддржуваат премиерот.
ОД ЕКОЛОШКИ ПРОТЕСТ ДО ПОЛИТИЧКА КРИЗА
Корените на кризата водат кон крајот на мај 2026 година, кога започнаа протести против туристичкиот развој во еколошки чувствителниот предел Вјоса–Нарта. Спорот е поврзан со инвестициските планови на Џаред Кушнер и Иванка Трамп, кои опфаќаат и проект на островот Сазан.
Според Ројтерс, инвестицијата кај Вјоса–Нарта е вредна околу 1,4 милијарди евра, додека Рама во јуни зборуваше за вкупна вредност до пет милијарди евра за двата проекта. Активистите предупредуваат на ризик за заштитените живеалишта, додека владата го претставува развојот како можност за туризмот и економијата.
Првите протести беа насочени кон заштитата на природата. Фламингото стана нивен симбол, а движењето доби препознатлив идентитет како „Фламинго револуција“. Но, во демонстрациите постепено се вклучија граѓани со пошироки забелешки за владеењето на Рама.
Особено значајно е што премиерот уште од почетокот ја поврзуваше својата позиција со правото да ги спроведува развојните проекти за кои, како што смета, добил изборен мандат. „Тоа ќе биде прекрасен проект и ќе го реализираме“, изјави Рама на почетокот на јуни, во екот на првите протести на Фламинго-револуцијата, а неговата изјава беше придружена со повикување на неговиот изборен мандат и оценката дека големите соништа отсекогаш предизвикувале контроверзии. Во интервју за Ројтерс, тој рече дека е избран за да ги остварува таквите инвестиции, а не за да ги следи луѓето со поинаква визија за развојот на земјата.
Во меѓувреме, кризата се прошири. Студентите и средношколците почнаа да протестираат поради образовните услови, трошоците за живот, недостигот од можности за работа и сомнежите за корупција. Во средината на октомври протестите ескалираа во судири со полицијата, оштетување јавни и приватни објекти и стотици кривични пријави. Европската комисија го поддржа правото на мирни демонстрации, но го осуди насилството.
КРИЗАТА ЕСКАЛИРА, ТВРДОКОРНОСТА НА ПРЕМИЕРОТ – УШТЕ ПОВЕЌЕ
Рама тврдеше дека Иран се вклучил во ширењето на дезинформации, иако истакна дека не тврди оти Иран ги создал протестите. Иранското Министерство за надворешни работи ги отфрли неговите обвинувања. Притоа, албанскиот премиер не понуди никакви докази со кои би ги поткрепил своите тврдења. „Не сум јас предизвикан, не е предизвикана владата… туку патот, мисијата“, изјави Албанскиот премиер.
Рама во континуитет ги претставува протестите на кој барањата за негова оставка се наведуваат како централни, како закана за европскиот пат на земјата. Во истиот период спомена и наводна странска вмешаност во инцидент со дрон, без независно потврдени докази за неговите тврдења.
Рама порача дека е подготвен за разговор со секого, освен со оние што учествуваат во насилство и со политичките партии што не се оградуваат од него. Најави и правни и финансиски последици за одговорните. „Протестите се ПРАВО, додека насилството е КРИВИЧНО ДЕЛО.“