ПОВЕЌЕ

    Кои се компаниите што вртат најмногу пари во земјава?

    Време зa читање: 5 минути

    Првите две водечки места на листата Топ компании со најголеми приходи се резервирани за странски фирми, на третото место се наоѓа фирма со домашен капитал. Фирми – гиганти од автомобилската индустрија, нафтениот бизнис, енергетиката и телекомуникацискиот сектор прикажуваат приходи кои се бројат од над 100 милиони евра до повеќе од 1 милијарда евра. Tаргет Груп ги рангира најголемите и најуспешните компании во земјава од повеќе аспекти – приходите и добивките, најголемите работодавачи во Македонија, најголемите странски фирми и најголемите државни компании.

    Најголемите приходи на конто на странски компании

    Странската компанија Џонсон Мети со остварен приход од 1 милијарда и 900 милиони евра во 2019 година е прва на листа од вкупно 130 компании во земјава рангирани според висината на остварениот приход на годишно ниво. Друштвото за производство, трговија и услуги ЏОНСОН МЕТИ ДООЕЛ – Скопје освен во 2019, рангирана е на прво место според овој критериум и во 2018 година. Просечниот број на вработени лани во оваа фирма изнесувал 1.043.

    На второ место со приход од 452 милиони и 150 илјади евра, далеку помалку од прворангираната, е уште една компанија во странска сопственост „Окта“. Оваа грчка фирма која е водечка во нафтениот бизнис во земјава е второрангирана и во 2018 година. Во ОКТА Рафинерија на нафта Акционерско друштво-Скопје просечниот број на вработени минатата година изнесувал 336.

    Со приход од 372 милиони и 300 илјади евра, третото место е резервирано за уште една фирма од нафтениот бизнис, но во домашно сопствеништво – МАКПЕТРОЛ Акционерско друштво за промет со нафта и нафтени деривати – Скопје. Оваа нафтена компанија лани, според висината на остварените приходи е рангирана на трето место додека во 2018 година била на четвртото. Во Макпетрол просечниот број на вработени минатата година бил 1 835.

    На четврто место, со остварен приход од скоро 250 милиони евра е Друштво за производство, трговија и услуги КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ – Битола. Повторно странска компанија чии приходи растат, пришто во 2018 година според висината на вкупните приходи била на пониска позиција – на шесто место. Во оваа компанија лоцирана во Битола, работат 6 458 луѓе.

    Со остварен приход од 242 милиони евра, на петто место во 2019 година е ЕВН Македонија Акционерско друштво за услуги – Скопје, водечка фирма од енергетскиот сектор со странско сопствеништво. Оваа компанија лани прикажува значајно помалку приходи во однос на 2018 година, кога била рангирана на трето место. Во ЕВН просечниот број на вработени минатата година бил 222.

    На шесто место со приход од 207 милиони и 400 илјади евра е државната фирма – Акционерско друштво за производство на електрична енергија ЕЛЕКТРАНИ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА – Скопје. И оваа компанија од енергетскиот сектор на годишно ниво бележи пад на приходите, пришто во 2018 година била за една позиција подобра во однос на 2019 година. Во ЕСМ просечниот број на вработени лани изнесувал 4,751.

    Со прикажан приход од 179 милиони евра во 2019 година, на седмо место е Друштво за производство, трговија и услуги ВАН ХООЛ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ– Илинден. Оваа компанија со странско сопствеништво лани во однос на 2018 година бележи пад на приходите поради што е рангирана за едно место подолу на листата фирми со највисоки приходи. Во Ван Хоол лани просечниот број на вработени изнесувал 1 048.

    На осмо место, со вкупен приход од 177 милиони и 400 илајди евра е повторно странска компанија – Македонски Телеком Акционерско друштво за електронски комуникации – Скопје. Оваа водечка фирма во телекомуникацискиот бизнис бележи подобрување на приходите во однос на 2018 година, кога била рангирана на деветто место. Во Македонски Телеком просечниот број на вработени лани изнесувал 1 129.

    Со приход во износ од 169 милиони и 500 илјади евра е Трговско друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги ЕУРОНИКЕЛ ИНДУСТРИ ДОО с.Возарци од Кавадарци. Оваа компанија која доаѓа од рударскиот бизнис а е со странски капитал, лани имала 937 вработени на просечно ниво.

    На десетто место со прикажан приход од 149 милиони евра во 2019 година е Друштво за трговија на мало и големо КАМ ДОО Скопје. Оваа фирма од трговскиот бизнис и основана од домашен капитал. Компанијата бележи тренд на раст на приходите во однос на 2018 година кога била рангирана на 13- то место според овој критериум. Просечниот број на вработени лани изнесувал 950.

    Приходи повисоки од 100 милиони евра во 2019 година прикажале уште неколку компании кои доаѓаат од различни сектори а тоа се :

    ЕЛЕКТРОДИСТРИБУЦИЈА ДООЕЛ Скопје Друштво за дистрибуција на електрична енергија so 145 милиони евра, Фармацевтска хемиска козметичка индустрија АЛКАЛОИД АД Скопје со приход од 141 милион евра, Јавно претпријатие за Државни патишта со приход од близу 140 милиони евра, Друштво за продажба на енергија ГЕН-И ПРОДАЖБА НА ЕНЕРГИЈА ДООЕЛ Скопје со 136 милиони евра, Друштво за комуникациски услуги А1 МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје со приход од 127 милиони евра, Друштво за трговија на нафтени деривати и услуги ЛУКОИЛ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје со приход од скоро 117 милиони евра и Друштво за производство, трговија и услуги ИГМ-ТРЕЈД Илија и др. ДОО Кавадарци со приход од скоро 110 милиони евра.

    Анализа на податоците:Таргет Груп

    Изработил А.Д

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично