ПОВЕЌЕ

    Колку километри, толку патарина – наплата без запирање на рампите во најава

    Време зa читање: 3 минути

    Без запирање пред наплатните рампи, нема чекање во колони, а патарината се пресметува според поминатата километража. Вака би можело да изгледа патувањето по македонските автопати доколку се реализира најавената идеја за воведување нов систем за електронска наплата.

    За промената се размислува во Министерството за транспорт, а вицепремиерот и ресорен министер Александар Николоски изјави дека во подготовката на законското решение ќе бидат вклучени и европски експерти. Очекувањата се предлог-законот да биде претставен во текот на декември.

    Основната идеја е секој да плати според изминатото растојание, а не според локацијата на наплатната рампа. Според Николоски, тоа би овозможило поправедна и поевтина наплата за корисниците на автопатите, побрзо движење на возилата и поголема безбедност во сообраќајот. Тој посочи конкретен пример од автопатот кон Гевгелија.

    „Нашата идеја е да се наплаќа од километар, што ќе биде многу поправедно, затоа што сега, теоретски, ако тргнете од Демир Капија и одите во Гевгелија, плаќате 100 денари на наплатната кај Смоквица и ако тргнете од Скопје кон Гевгелија, на истата наплатна повторно плаќате 100 денари, што за жителите од Демир Капија е нечесно и неправедно“,истакна Николоски.

    Тие разлики, вели, би требало да се надминат со пресметување на патарината според реално поминатите километри. Министерот очекува новиот начин на наплата значително да ги намали трошоците за одредени корисници.

    Николоски изјави дека по враќањето од Виенскиот економски форум се сретнал со новиот претседател на Европската транспортна заедница, при што електронската наплата на патарините била една од главните теми на разговор. Намерата е во изработката на законот да се вклучат експерти од Европската транспортна заедница, кои ќе соработуваат со домашните стручни служби.

    Причината е што ваквиот систем сè уште не е широко применет во регионот. Според Николоски, Хрватска се обидува да го воведе, но сè уште не започнала со неговата примена, додека во Србија почнува да функционира на белградската обиколница.

    „Затоа ни е потребно искуство од понапредни европски држави“, рече тој, објаснувајќи дека токму поради тоа побарал експертска поддршка.

    Новиот начин на наплата најпрво би се применил на автопатот Кичево – Охрид, за кој Николоски очекува целосно да биде пуштен во сообраќај во мај. Во следните неколку недели, како што најави, треба да биде пуштен и најсложениот дел од оваа делница, на кој се изградени четири галерии, неколку мостови, вијадукти и најдолгите тунели.

    Откако би се вовел на автопатот Кичево – Охрид, системот за електронска наплата според изминат километар би можел да се прошири и на другите автопати што се градат: Прилеп – Битола, Букојчани – Гостивар, Гостивар – Тетово и Кичево – Букојчани.

    19,505Следи нè на facebookЛајк

    слично