ПОВЕЌЕ

    Како изградбата на вечниот пат Кичево-Охрид на кинеската компанија по загубата од 19 милиони евра, лани и донесе добивка од 7 милиони?!

    Време зa читање: 3 минути

    „ПАРИ„ АНАЛИЗА| „Синохидро корпорејшн лимитед – Пекинг, подружница Скопје“ која го гради автопатот Кичево-Охрид минатата година остварила добивка од дури 7 милиони евра, покажуваат податоците од платформата на БизнисМрежа.мк. Во 2020 година пак, компанијата била во загуба од 19 милиони евра, но во 2019 била во добивка од 24 милиони евра!

    Кинеската комапнија во македонската јавност беше прифатена со големи резерви уште откако се најави дека таа ќе биде главен изведувач на автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип.

    Финансиски показатели за „Синохидро корпорејшн лимитед“

    Показатели2021 година2020 година
    Добивка/Загуба7 мил. евра - 19 милиони евра
    Приход59,5 милиони евра45,8 милиони евра
    Вработени417142
    Извор на податоци: БизнисМрежа.мк.

    Според финансиските податоци може да се види дека „Синохидро корпорејшн“ работeл со висока стапка на профитабилност. Односно, од наплатените 59,5 милиони евра од државната каса за своето работење, имал добивка од 7 милиони евра, или таканаречената стапка на профитабилност како сооднос меѓу приходот и добивката му била дури 11,76%.

    Инаку, камен-темелникот на автопатот Кичево – Охрид се постави на 22 февруари 2014 година. За изградба на автопатот, Македонија подигна кредит од кинеската Ексим банка. „Синохидро“ требаше да го изгради автопатот за 4 години. Во меѓувреме се открија многу недостатоци на проектот. Сите анекси на договорот значјано ја зголемија неговата цена – од 374 милиони евра на 600 милиони евра!  Заедно со автопатот Миладиновци – Штип, кој веќе е пуштен во употреба, и со каматите кон Ексим банка, автопатите чинат околу 1,1 милијарди евра.

    За изградбата на овие автопати се отвори и предметот „Траекторија“ од стана на Специјалното јавно обвинителство. Бегалецот Никола Груевски, заедно со поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и бившиот директор на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски се обвинети дека го оштетиле буџетот за 155 милиони евра. Но, делото за Никола Груевски застаре, а подоцна судијата што го водеше предметот е разрешен. За другите учесници, делото се уште е во судска постапка.

    Обвиненијата се за финансиски проневери при изборот на фирма за изградба на автопатите Кичево – Охрид. Груевски беше обвинет за кривичното дело „Примање награда за незаконито влијание“ (чл.359 ст.2 од КЗ) , односно за договарање провизии со кинеската фирма изведувач „Синохидро“. Кривичното дело се случувало од ноември 2012 заклучно до 10 октомври 2013 година кога е донесена одлуката кинеската „Синохидро“ да ги гради автопатите, иако вториот понудувач дал пониска цена.

    Истрагата за случајот „Траекторија“ беше отворена на 22 мај 2017 година, а обвинение беше поднесено на 29 јуни 2017 година.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање на хиперлинк до содржината што се цитира.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично