ПОВЕЌЕ

    КАМАТИ, ПРОВИЗИИ, ДОБИВКА… Комерцијална банка со супериорни резултати на банкарската сцена

    Време зa читање: 3 минути

    Најголемата македонска банка повторно самата се надмина и уривањето на сопствените рекорди станува вообичаена појава. Покажувајќи дека секогаш може повеќе, Комерцијална банка поставува се повисоки стандарди на македонскиот банкарски простор. На кој има солидни и успешни банки, но Комерцијална е секогаш неколку чекори понапред.

    Години наназад Банката се движи по истиот курс. По курсот на растот, развојот и успехот. Кормилото е во сигурните раце на Управниот одбор, од каде што произлегуваат политиките, со кои Комерцијална не само што се одбрани од надворешните шокови и влијанија, туку по секоја надмината криза стануваше се помоќна. Столбот, Хари Костов, е потврден и препознатлив во својата професија, заштитен знак на оваа институција. Во првата постава се Илија Илоски, главен оперативен директор, Д-р Маја Стевкова Штериева, главен финансов директор, Билјана Максимовска-Поповиќ, главен директор за корпоративно банкарство и Никола Џамбазовски, главен директор за продажба.

    Целината се заокружува со вработените, кои имаат голема улога во остварениот позитивен финансиски резултат. Незабележан досега на нашите простори.

    Ова се фактите. Добивката е зголемена за извонредни 64,7 проценти. И изнесува речиси 50 милиони евра, наспроти одличните 30 милиони евра забележани во истиот период од минатата година. Со тоа, Комерцијална банка со 133,2 проценти ја остварила планираната бруто-добивка за трите квартали од 2023 година.

    Пред исправката на вредноста, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, добивката е за 49,5 насто поголема во однос на споредбениот период.

    Вкупните приходи од работењето изнесуваат 5.115,7 милиони денари или над 83 милиони евра и бележат зголемување од 31,6 проценти.

    Приходите, пак, од камати имаат раст од солидни 80,7 насто. Од Комерцијална наведуваат дека се зголемени сите категории каматни приходи, но најголемо е влијанието од порастот на каматата од финансиските друштва. Притоа, се посочува дека зголемувањето на каматните приходи остварени од финансиските друштва, каде што се доминантни пласманите во благајнички записи и депозитите во НБРСМ, се деветкратно поголеми.

    Инаку, во структурата на активата на Комерцијална банка над 56 отсто од пласманите се во парични средства, парични еквиваленти и пласмани во хартии од вредност, што има голема улога во одржувањето висока ликвидност и профитабилност од каматните приходи.

    Од провизии и надоместоци во овој период Банката заработила 797,3 милиони денари, односно близу 13 милиони евра, што претставува зголемување од 2,4 насто. Во овој сегмент планот има остварување од 88,4 проценти.

    Нето приходите од курсни разлики изнесуваат 4,4 милиони евра и бележат зголемување од 19,6 проценти, со што плановите се реализирани со 148,9 проценти.

    На крајот од третото тримесечје на страната од расходите се евидентирани Оперативните расходи за периодот 01.01-30.09.2023 година изнесуваат 24,7 милиони евра. Кај нив зголемувањето е за 2,6 насто и произлегува, главно, од повисоките плати и другите трошоци за вработените, чии бодови во два наврати се поместиле по нагорна линија.

    Вкупната актива на Комерцијална банка, со датум од 30 септември, достигна износ од 159.123,3 милиони денари или речиси 2,6 милијарди евра. Зглемувањето во однос на декември 2022 е 5,4 проценти.

    И, уште еден факт. Акцијата на Комерцијална банка е најтргуваната на Македонска берза. Последните резултати од работењето се нов предизвик за инвеститорите.

    новинар:

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично