Екстремните температури што ја зафатија земјата носат зголемен ризик по здравјето, особено во најтоплиот дел од денот. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) предупредува дека периодот од 11 до 17 часот е најкритичен за изложување на сонце и апелира граѓаните да преземат мерки за заштита од топлотниот бран кој се очекува да трае до 7 август.
Од ИЈЗ објаснуваат дека при високи температури организмот потешко ја одржува нормалната телесна температура.
„Кога амбиентниот воздух се приближува или ја надминува нормалната телесна температура од околу 36,7 степени Целзиусови, способноста на човековото тело да се лади слабее. Дополнително, кога релативната влажност на воздухот е висока, потта потешко испарува, со што се отежнува и природното ладење на телото“, наведуваат од Институтот.
Прегревањето на организмот може да предизвика слабост, сува уста, вртоглавица, гадење, прекумерно потење, сува кожа и мускулни грчеви. Во потешки случаи, односно при влошување на состојбата позната како сончаница, може да се појават престанок на потење, екстремно топла кожа, конфузија, забрзана работа на срцето, отежнато дишење, несвестица, па дури и животозагрозувачки последици.
Кој е најчувствителен на горештините?
Според ИЈЗ, посебно внимателни треба да бидат лицата над 60 години, бремените жени, децата, социјално ранливите лица и работниците кои работат на отворено.
Во ризични групи се и лицата со хронични заболувања, меѓу кои кардиоваскуларни, белодробни и бубрежни болести, дијабетес, ментални заболувања, дебелина, како и лицата кои користат терапија што го зголемува мокрењето, како диуретици и одредени лекови за епилепсија и Паркинсонова болест.
Вода и ладовина
ИЈЗ препорачува граѓаните да избегнуваат директно изложување на сонце и физички активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
„Носете светла и лесна облека, а при престој на директно сонце користете заштитни очила и светла капа со широк обод. Останете во затворени и климатизирани простории“, советуваат од Институтот.
Доколку е неопходен престој надвор во најтоплиот дел од денот, се препорачуваат почести паузи во сенка и избегнување директно изложување на сонце.
Од ИЈЗ советуваат во текот на денот да се затвораат прозорците и ролетните, а да се отвораат навечер кога температурите се пониски.
Особено внимание треба да се посвети на исхраната и внесот на течности.
„Внесувајте доволно течности во текот на целиот ден, без да чекате да почувствувате жед. Најдобар избор е водата, а може да се консумираат и минерални безалкохолни пијалаци. Избегнувајте алкохолни пијалаци, пијалаци што содржат кофеин и многу ладни пијалаци“, велат од ИЈЗ.
Се препорачува умерена исхрана, со избегнување масна, висококалорична и храна со големо количество шеќер.
Не оставајте никого во автомобил
ИЈЗ посебно предупредува на опасноста од престој во затворени возила.
„Целосно затворените возила стануваат многу жешки. Не оставајте никого во возилото“, апелираат од Институтот.
За разладување се препорачуваат туширање со млака вода, ладни облоги или потопување на стапалата во ладна вода.
Лицата со хронични заболувања треба особено дисциплинирано да ги следат препораките и редовно да ја земаат препишаната терапија.
„За сите промени во здравствената состојба задолжително консултирајте го матичниот лекар“, потсетуваат од ИЈЗ.
Топлотен удар: како да препознаете опасност и да помогнете
ИЈЗ советува при појава на зашеметеност, слабост, вознемиреност, силна жед или главоболка, лицето веднаш да се премести на постудено место и да се измери телесната температура.
„Консумирајте вода или негазиран минерален пијалак за да се рехидрирате. Ако имате болни мускулни грчеви, веднаш одморете се на студено место и внесете течности што содржат електролити“, велат од Институтот.
Лекарска помош треба да се побара доколку грчевите траат подолго од еден час.
Доколку лице има топла и сува кожа, грчеви или е во бессознание, веднаш треба да се повика итна медицинска помош на 194 или 112.
„Додека се чека помошта, префрлете го лицето на студено место, поставете го во хоризонтална положба и подигнете ги нозете над 20 сантиметри“, советуваат од ИЈЗ.
Во случај на тежок топлотен удар, се препорачува отстранување на вишокот облека, ладење со студени облоги на вратот, пазувите и слабините, како и постојано прскање на кожата со вода.
„Не давајте терапија. Ако лицето е во бессознание, поставете го во бочна положба. Консултирајте се со лекар доколку почувствувате невообичаени симптоми или ако тие траат подолго“, додаваат од Институтот.
Аналитика








