ПОВЕЌЕ

    Ја задржавме стабилноста и ги надминавме очекувањата за раст – обраќање на Управниот одбор на ТТК банка

    Време зa читање: 4 минути

    Мала банка со воочлива финансиска отпорност, со високи остварување и голем успех постигнат минатата година е сликата за ТТК банка. Растот ги надмина очекувањата, профитабилноста се зголеми, а сето тоа се должи на вработените, на нивниот посветен и одговорен однос кон работата, се вели во заедничкото обраќање на членовите на Управниот одбор. Во составот се генералниот извршен директор и претседател на Управниот одбор, Драгољуб Арсовски, генералната директорка за управување со ризици, Наталија Алексова, и генералниот директор за комерцијално банкарство, Димитри Трповски.

    „Задржувајќи ја нејзината стабилност, високата ликвидност и капитализацијата со значителен квалитет на средствата, ТТК банка АД Скопје реализираше силни перформанси во клучните сегменти на работењето, што доведе до зголемување на профитабилноста, надминувајќи ги очекувањата за раст и обезбедувајќи конзистентна вредност за нашите клиенти, вработени, акционери и за пошироката заедница“, се наведува во обраќањето и се додава дека во фокусот биле и се квалитетот на активата, управувањето со ризикот и контролата на трошоците, заедно со  стабилното и профитабилно оперативно работење врз основа на реални и предвидливи очекувања. Притоа, деловната стратегија се темели врз потребите на клиентите.

    Во специфичен амбиент со секојдневни предизвици, со приспособливата стратегија на работење ТТК банка оствари позитивен финансиски резултат, кој на крајот од минатата година забележа износ од 105,2 милиони денари, кој е за 72,9 проценти поголем од достигнувањето во 2022.

    „Банката успеа да генерира позитивен нето-оперативен приход пред исправките на вредност во износ од 171,2 милиони денари, при остварен годишен раст на оперативните приходи и оперативните расходи од 6,8 % и 3,3 % соодветно. Во истиот период, исправката на вредност на финансиските и нефинансиските средства на нето-основа изнесува 53,8 милиони денари. Изворите на средства и вкупната актива на Банката забележаа пораст од 15,6 %. Во делот на депозитите, реализиравме силно остварување со раст на депозитите од комитенти за 18,8 %. Тоа е резултат на нашиот изграден углед како стабилен, доверлив и сигурен партнер“.

    Освен тоа, ТТК ја зголеми и основната главнина.

    „Како активен, стабилен и етаблиран учесник на македонскиот финансиски пазар, ТТК Банка АД Скопје успешно го заврши процесот на зголемување на основната главнина преку скрип емисија на нови акции по пат на приватна понуда, а истовремено се посвети на обезбедување различни иновативни решенија кои носат корист за Банката на долг рок. На тој начин ликвидносната позиција на ТТК Банка АД Скопје се задржа на стабилно ниво и дополнително зајакна, обезбедувајќи задоволителен капацитет за навремено и редовно намирување на обврските, но и за поддршка на кредитната активност наменета за компаниите и домаќинствата“.

    Во обраќањето се наведуваат реализираните заложби за дигитализација, за развој на интернет-банкарството, за раст на бројот на корисниците, за подобрување на деловната мрежа… Особено се нагласува кредитната активност.

    „Зголемувањето на кредитното портфолио преку квалитетни пласмани, како една од стратешките цели на ТТК банка се реализираше со поддршка на клиентите со добар бонитет и квалитетни претприемнички идеи сo развоен потенцијал. Преку понуда на соодветни индивидуални решенија и производи и создавање стабилно и долгорочно партнерство, Банката е подготвена во континуитет да обезбеди поддршка за нивната ефикасност и успешност“.

    Лани Банката одбележа 30 години од основањето на Тетекс банка, правниот претходник на денешната ТТК банка АД Скопје. Токму во јубилејната година оствари високи резултати, за кои им се заблагодаруваат на вработените, на акционерите и на членовите на Надзорниот одбор за поддршката за реализација на бизнис-плановите.

    „Убедени сме дека, благодарение на нашиот високо отпорен бизнис-модел, иновација и подготвеност да се припособуваме на промените, повторно ќе ги постигнеме зацртаните цели“, се вели во обраќањето на Управниот одбор.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично