ПОВЕЌЕ

    Извештај за деветмесечните финансиски перформанси на котираните акционерски друштва

    Време зa читање: 12 минути

    Комисија за хартии од вредност објави краток извештај за деветмесечните финансиски перформанси на котираните акционерски друштва.

    Во периодот од 01.01.2020 година до 01.09.2020 година на официјалниот пазар на Македонска берза АД Скопје котираат акциите на 100 друштва (99 акционерски друштва и едно командитно друштво со акции).

    Согласно Правилата за котација на Македонска берза АД Скопје, друштвата чии хартии од вредност котираат на официјалниот пазар на берзата се должни да објават неревидирани биланси на успех за периодот 01.01.-30.09. најдоцна до 30.10. во тековната година, како и неревидирани консолидирани биланси на успех за истиот период, најдоцна до 15.11. во тековната година.

    Од вкупно 100 друштва кои имаа обврска да објават неревидирани деветмесечни биланси на успех, 97 друштва ја исполнија својата обврска и ги објавија извештаите на СЕИНЕТ системот на Берзата. Од нив, 22 друштва покрај поединечните имаат објавено и консолидирани деветмесечни биланси на успех.

    Минатата година од вкупно 100 друштва кои имаа обврска да објават неревидирани деветмесечни биланси на успех, 98 друштва ја исполнија својата обврска и ги објавија извештаите на СЕИ-НЕТ системот на Берзата.

    I. Остварен финансиски резултат

    i. Котирани акционерски друштва

    Од објавените 97 деветмесечни биланси на успех се констатира дека 69 друштва периодот 01.01.-30.09.2020 година го завршиле со позитивен финансиски резултат – нето добивка, а 28 друштва деветмесечниот период го завршиле со негативен финансиски резултат – нето загуба.

    Во периодот 01.01.-30.09.2019 година од објавени 98 деветмесечни биланси на успех, 77 друштва оствариле позитивен финансиски резултат – нето добивка, а 21 друштва деветмесечието го завршиле со негативен финансиски резултат – нето загуба.

    Оттука, за дел од друштвата периодот од првите девет месеци од 2020 година бил понеповолен за финансиското работење на друштвата во однос на истиот период од 2019.

    Вкупниот износ на остварените нето добивки во првите девет месеци од 2020 година е 10.213.824 илјади денари и истиот бележи намалување за 10,44% во однос на вкупниот износ на остварени нето добивки во првите девет месеци од 2019 година, кога изнесувал 11.404.597 илјади денари.

    Во поглед на остварените нето загуби, забележано е дека и покрај зголемениот број друштва што искажале нето загуби за деветмесечието, вкупниот износ на искажаните загуби бележи намалување односно од 628.403 илјади денари, колку што изнесувал во првите девет месеци минатата година, во истиот период од 2020 година изнесува 453.873 илјади денари, што претставува намалување на нето загубите за 27,61%. Ова во најголем дел се должи на намалените загуби искажани од друштвата од секторите индустрија и земјоделство. Имено,друштвото Либерти АД Скопје од секторот индустрија за првите девет месеци од минатата година искажа нето загуба во износ од 303.679 илјади денари, додека за првите девет месеци оваа година има остварено нето добивка во износ од 6.872 илјади денари, а од друштвата од секторот земјоделство, друштвото ЗК Пелагонија АД Битола за првите девет месеци од минатата година искажа нето загуба во износ од 154.908 илјади денари, додека за првите девет месеци оваа година истата ја има речиси двојно намалено, при што искажа нето загуба во износ од 79.745 илјади денари.

    Гледано од аспект на дејноста, состојбата со бројот на друштва кои оствариле добивка односно загуба за деветмесечниот период е следна:

    Оттука, може да се заклучи дека сите друштва од секторите трговија со нафта, фармација, банкарство и осигурување, чии хартии од вредност котираат на берза деветмесечието го завршиле со добивка. За разлика од нив, во секторите угостителство доминираат загубите.

    Од аспект на износот на остварениот финансиски резултат евидентно е дека износот на добивката што го остваруваат друштвата од секторот финансии (банки и друштва за осигурување) е значително повисок од износот на добивката што ја остваруваат друштвата од другите дејности – индустрија, фармација, трговија со нафта, услуги. Имено, најголем дел од вкупниот износ на остварените нето добивки во првите девет месеци од 2020 година, односно 48,71%, е остварен од осумте банки и двете друштва за осигурување, чии хартии од вредност котираат на Македонска берза АД Скопје. Покрај банките и друштвата за осигурување, значајно учество во вкупно остварениот износ на нето добивки во првото деветмесечие од годината имаат и секторите индустрија со 23,38% и услуги со 12,31% од вкупно остварениот износ на нето добивки.

    Гледано од аспект на дејноста на друштвата кои објавиле деветмесечен биланс на успех на берзата, остварениот финансиски резултат во периодот 01.01.-30.09. по сектори е следна :

    Најголем дел од вкупниот износ на остварените нето добивки во првите девет месеци од 2020 година, односно 47,54%, е остварен од осумте банки чии хартии од вредност котираат на Македонска берза АД Скопје. Покрај банките, значајно учество во вкупно остварениот износ на нето добивки во првото деветмесечие од годината имаат и секторите индустрија со 23,38%, услуги со 12,31% и фармација со 9,45% од вкупно остварениот износ на нето добивки, додека значајно помало е учеството на друштвата од останатите сектори во вкупно остварениот износ на нето добивки односно 2,81% од секторот трговија со нафта, 1,26% од секторот градежништво, 1,17% од секторот осигурување, 1,02% од секторот земјоделство, 0,99% од секторот трговија и 0,06% од секторот угостителство.

    Во поглед на износот на искажаните загуби, доминира секторот индустрија каде друштвата искажале загуби во износ кој претставува 44,60% од вкупно искажаниот износ на загуби во првото деветмесечие од 2020 година од друшвтата чии хартии од вредност котираат на берза. Износот на искажаните загуби од друштвата од секторите земјоделство, угостителство и услуги, исто така зафаќа значаен дел од вкупниот износ на искажани загуби во деветмесечието со учество од 22,55%, 17,54% и 13,97%, респективно, додека друштвата од секторите градежништво и трговија имаат мало учество со 1,32% односно 0,01%, респективно во вкупно искажаниот износ на загуби од друштвата за периодот 01.01.-30.09.2020 година.

    Најголем пад на износот на нето добивките има кај друштвата од секторот угостителство за 95,32%, од секторот трговија со нафта за 61,28% и од секторот градежништво за 48,49%. Во поглед на искажаните нето загуби, друштвата од секторите угостителство и услуги бележат најголем пораст на искажаните износи на нето загуби за периодот од 01.01.- 30.09.2020 година во однос на истиот период од 2019 година, и тоа за 605,62% односно 322%, респективно. Учеството на износот на искажаните загуби од друштвата од секторот угостителство и од секторот услуги во вкупниот износ на остварени нето загуби од котираните друштва за периодот 01.01.-30.09.2020 година е 17,54% и 13,97% респективно, и истото бележи пораст во однос на учеството во вкупниот износ на остварени нето загуби од котираните друштва за истиот период минатата година кога изнесувало 1,80% и 2,40% респективно.

    И покрај тоа што друштвата од секторот финансии (банките и друштвата за осигурување) претставуваат една десеттина од вкупно котираните друштва, нивното учество во вкупно остварениот позитивен финансиски резултат – нето добивка е значајно. Имено, нето добивките од акционерските друштва од финансискиот сектор претставуваат 48,71%, од вкупниот износ на остварените нето добивки во првите девет месеци од 2020 година од друштвата чии хартии од вредност котираат на Македонска берза АД Скопје. Вкупниот износ на остварени нето добивки на банките и друштвата за осигурување што котираат на берза за првите девет месеци од 2020 година се намалил за 5,09% во однос на вкупниот износ на остварени нето добивки што банките и друштвата за осигурување го оствариле за истиот период минатата година. Сите 10 друштва од финансискиот сектор деветмесечието го завршиле со нето добивка, за разлика од минатата година кога една банка регистрираше нето загуба за истиот период.

    Најголем дел од друштвата чии хартии од вредност котираат на берзата се од различни стопански дејности, но истите освтариле нето добивки во вкупен износ кој е малку повисок од вкупниот износ на остварените нето добивки од друштвата од финансискиот сектор. Имено, нето добивките од друштвата од стопанството претставуваат 51,29%, од вкупниот износ на остварените нето добивки во првите девет месеци од 2020 година од друштвата чии хартии од вредност котираат на Македонска берза АД Скопје. Вкупниот износ на остварени нето добивки на друштвата од стопанството, чии хартии од вредност котираат на берза за првите девет месеци од 2020 година се намалил за 14,99% во однос на вкупниот износ на остварени нето добивки што овие друштва го оствариле за истиот период минатата година. Вкупно остварениот износ на нето загуби за првите девет месеци од годината од 454.873 илјади денари се должи на загубите генерирани од друштвата од стопанството, чии загуби во однос на истиот период минатата година, кога изнесувале 621.657 илјади денари се намалени за 26,83%.

    Остварени оперативни приходи на друштвата од стопанството

    Во периодот 01.01.-30.09.2020 година 27 друштва имаат зголемување на остварените приходи од редовно работење во однос на остварените приходи од редовно работење во истиот период минатата година, додека 58 друштва бележат намалување на приходите од редовно работење во деветмесечието годинава во однос на деветмесечието минатата година. Едно друштво остварило приходи од редовно работење на исто ниво како и истиот период минатата година, а едно друштво минатата година не регистрирало приходи за периодот 01.01.-30.09., додека за истиот период оваа година има регистрирано незначителен износ на приходи од редовно работење.

    Гледано по сектори, најголемо учество во вкупно остварените оперативни приходи од друштвата од стопанството во првите девет месеци од 2020 година имаат друштвата од секторот индустрија (35,32%), по што следат друштвата од секторот трговија со нафта (29%), услуги (13,64%) и фармација (12,14). При тоа, пораст на остварените оперативни приходи во првите девет месеци од 2020 година во споредба со истиот период минатата година е забележан само во секторот фармација, додека сите други сектори бележат намалување на остварените оперативни приходи.

     

    II. Резиме

    Транспарентноста на друштвата чии хартии од вредност котираат на берза е на солидно ниво и може да се заклучи дека прогласената пандемија на Covid-19 не влијаеше во голема мера на обемот на информации што им се достапни на инвеститорите на пазарот на капитал.

    Имено, заклучно со 16.11.2020 година 97% од друштвата што имаат обврска да објават неревидирани деветмесечни биланси на успех на пазарот на капитал (97 друштва од вкупно 100 друштва што имаат обврска да објават), ја исполнија обврската за обелоденување на деветмесечни финансиски податоци. Во однос на минатата година бројот на друштва што ја исполниле обврската за објавување на деветмесечни биланси на успех е за едно помалку. Минатата година 98 од вкупно 100 друштва односно 98% од друштвата што имаа обврска објавија деветмесечни биланси на успех.

    Меѓутоа, пандемијата влијаеше на намалување на приходите на друштвата и на нивната успешност. Од аспект на финансиското работење, забележано е намалување на приходите од работењето на друштвата и на остварениот финансиски резултат во првите девет месеци од 2020 година во однос на истиот период од 2019 година.

    Акционерските друштва од стопанството кои објавиле деветмесечни биласи на успех, во периодот 01.01.-30.09.2020 година регистрирале намалување на приходите од работењето во однос на истиот период минатата година за 17,08%. Имено, во првите девет месеци од годината (01.01.-30.09.2020 година) друштвата реализирале приходи од редовно работење во вкупен износ од 83.131.446 илјади денари, додека вкупно остварените приходи од редовно работење за истиот период минатата година (01.01-30.09.2019 година), изнесувале 100.254.304 илјади денари.

    Бројот на друштва од стопанството што реализирале нето добивка во првите девет месеци од 2020 година во однос на истиот период од 2019 година е намален од 68 друштва на 59 друштва, при што вкупниот износ на остварената нето добивка на друштвата е намален за 14,99%, од 6.162.364 илјади денари остварен во првите девет месеци на 2019 година на 5.238.669 илјади денари во првите девет месеци од 2020 година. Речиси во сите стопански дејности е регистрирано намалување на приходите од работењето, освен во секторот фармација каде е забележан пораст на приходите од редовно работење, што е очекувано со оглед на новата состојба во економското окружување наметната со пандемијата КОВИД-19.

    Негативните последици од пандемијата кои се покажаа во реалниот сектор, се рефлектираа и на финансискиот сектор, пред сè на банкарскиот сектор, кој регистрира намалување на редовните приходи од камати и од провизии и надоместоци, а во следниот период се очекува уште повидливо влијание на кризата на финансискиот сектор каде ефектите од кризата се со одложено дејство.

    Комисијата за хартии од вредност продолжува да ја следи транспарентноста на друштвата и продолжува да инсистира на навремено и целосно информирање на инвеститорите за информирано донесување одлуки.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично