
Иуте кредит Македонија ќа ја издаде првата емисија на корпоративни обврзници вредна три милиони евра. По пат на јавна понуда ќе бидат издадени 30 илјади вакви обврзници, со номинална вредност од 100 евра, а ќе носат камата од 8,5 насто.
Одобрение за оваа активност финансиското друштво доби од Комисијата за хартии од вредност, која објави известување за одлуките донесени на последната седница.
„Комисијата за хартии од вредност донесе Решение со кое на Финансиското друштво Иуте кредит Македонија ДООЕЛ Скопје му се дава одобрение за издавање долгорочни должнички хартии од вредност по пат на јавна понуда – прва емисија на 30.000 корпоративни обврзници со поединечна номинална вредност од 100 евра и вкупна номинална вредност од 3.000.000 евра. Каматната стапка на долгорочните должнички хартии од вредност за целиот период е фиксна и ќе изнесува 8,5 % на годишно ниво. Емисијата на обврзници на Иуте кредит македонија ДООЕЛ Скопје се врши со цел оптимизација на трошоците на финансирање и диверзификација, како и проширување на изворите на капитал“.
Иуте Македонија е дел од меѓународната Иуте Групација, основана во Молдавија. Дејствува и на пазарите во Албанија и Бугарија. Во четирите држави имаат продажна мрежа што опфаќа повеќе од 4.653 локации и над 274 илјади клиенти. Финансиското друштво во Македонија работи од 2017 година, обезбедувајќи им на граѓаните и на малите фирми едноставен пристап до потрошувачки, и до кредити за реновирање и рефинансирање.
Аналитика








