ПОВЕЌЕ

    ИСТРАГА НА INVESTIGATE EUROPE: Европските танкери транспортираат гориво од Русија и покрај санкциите

    Време зa читање: 3 минути

    И покрај санкциите, европските бродови сè уште транспортираат милиони тони гориво од Русија според истражувачкиот портал Investigate Europe. Набавките на гориво и обезбедуваат на Москва средства што се користат за војна против Украина.

    Според истрагата, само минатиот месец европски бродови извршиле околу 250 пратки гориво и покрај ембаргото воведено од Европската Унија на почетокот на декември. Грчките бродски компании доминираат во извозот на гориво од Русија, објавија новинарите.

    КРВАВА НАФТА

    Помеѓу 5 декември и 5 јануари, руските меѓународни пристаништа ги напуштија вкупно 689 пратки со фосилни горива. Од нив 250 на европски танкери, според анализата на податоците собрани од новинарите од CREA и информацискиот систем Equasis. „Шокирана сум што европските бродски компании и нивните сопственици продолжуваат да извезуваат крвава руска нафта и гас“, рече Свитлана Романко, директорка на украинската активистичка организација „RAZOM WE STAND“.

    Санкциите на ЕУ имаа за цел да ги ограничат руските приходи и во исто време да ги обесхрабрат европските транспортери да транспортираат руски фосилни горива. Истрагата на новинарите на порталот Investigate Europe и грчките новинари покажа дека одлуката на ЕУ направи малку за да го ограничи рускиот профит од извозот на гориво.

    Танкери и бродови што превезуваа нафта, гас и јаглен со мртов капацитет од речиси 16 милиони тони направија стотици патувања по стапувањето во сила на најновите санкции на ЕУ. Во оваа трговија доминираат грчките сопственици на бродови, а исто така учествуваат бродови регистрирани во Германија, Монако, Кипар, Данска, Италија, Норвешка и Велика Британија.

    Новинарите на Investigate Europe тврдат дека санкционираната руска државна компанија „Совкомфлот“ продолжува да тргува во Европа преку полномошник регистриран во Обединетите Арапски Емирати. Дополнително, Русија сега собира „флота во сенка“ нафтени танкери кои можат да тргуваат недопрени од санкциите, пишува Investigate Europe.

    Санкциите на ЕУ наметнати на Русија им забрануваат на бродовите на ЕУ, осигурителите и другите олеснувачи на трговијата да испорачуваат сурова нафта на меѓународните пазари, освен ако не се купи во рамките на ценовната граница поставена од Западот. Ограничувањата беа дизајнирани за значително намалување на приходот на Русија од трговијата со фосилни горива, но се проценува дека Москва сè уште заработува 640 милиони евра дневно од извозот.

    Investigate Europe тврди дека Западот ги „блокирал шансите за успех на сопствениот план“ и недостатокот на учество во санкциите против Русија од страна на главните купувачи на руски суровини – Кина, Индија и Турција – е само една од клучните недостатоци на планот на ЕУ. Европската комисија е критикувана и поради тоа што ја постави границата на цената на руската нафта на 60 американски долари за барел, што е повисока од просечната цена на нафтата што се извезува од Русија.

    Имплементацијата на санкциите на ЕУ е одговорност на земјите на ЕУ. Националните власти се одговорни за почитување на ценовната граница. Европската комисија нема надлежност да оценува поединечни случаи на непочитување на санкциите“, коментира претставник на ЕК.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично