ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ СО ДИРЕКТОРОТ НА ПОРШЕ МАКЕДОНИЈА, ЗЛАТКО МУЦУНСКИ: На автомобилскиот сектор му треба една година за да закрепне од кризата

    Време зa читање: 6 минути

    Импортерите на нови возила лани во корона кризата забележаа пад во продажбата од 25 проценти. Дополнително ситуацијата се влоши со недостигот од микрочипови на пазарот кои се неопходни за возилата. Сепак увозниците уверуваат дека и во оваа ситуација снабдувањето со нови возила на пазарот се одвива речиси како пред криза. Во најголем број на случаи до ново возило може да се дојде за три месеци, додека за специфичните модели се чека и по половина година. Генерален став на скоро сите автомобилски производители во светот е најдоцна до 2030 година, комплетно да го прекинат производството на мотори со внатрешно согорување, значи – иднината е електрична, вели во ексклузивниот разговорот за Pari.com.mk, генералниот директор на Порше Македонија, Златко Муцунски. 

    Пари: Како пандемијата се одрази на автомобилскиот сектор, колку возила годишно во Македонија се продаваа пред кризата, а колку сега?

    Муцунски: Како и во повеќето други сектори, пандемијата во текот на минатата година негативно се одрази и на продажбата на возила во светот, а секако и Македонија не беше исклучок. Во Европа се калкулираше со 20-30 процентно намалување на продажбата како резултат на пандемијата, додека во нашата земја продажбата се намали за околу 25%.

    Пари: Недостигот од микрочипови можеби најмногу се одрази во автомобилската индустрија, зошто дојде до кризата за чипови и што моментално се случува на пазарот?

    Муцунски: Недостигот на микрочипови и воопшто на полупроводници се случи заради делувањето на законите за побарувачка и понуда на пазарот и заради природниот стремеж на слободниот пазар да го оптимизира алоцирањето на скудните ресурси. Во услови кога целиот свет беше во карантин, кога личната мобилност се приближи до 0, кога неизвесноста за развојот на ситуацијата во блиска иднина беше максимална, работата од далечина стана следната „голема работа“ и новото секојдневие. Работата од далечина не е можна без ИТ производите, па побарувачката за нив неколкукратно се зголеми. Со скусена можност и воопшто веројатност за патување, набавката на автомобили го загуби приоритетот и, барем на кус рок, почна да се одложува за подоцна. Производителите и снабдувачите со микрочипови и полупроводници кусорочно го пренасочија производството кон ИТ секторот, па автомобилската индустрија неминовно започна да трпи сериозни последици веднаш штом побарувачката за автомобили нагло се зголеми во оваа година. Во основа, сметам дека ситуацијата се сведува на избор на алтернатива со помали негативни последици во даден момент.

    Пари: Ако јас се одлучам да дојдам кај вас во Порше Македонија и сакам да купам автомобил сега колку време би чекала?

    Муцунски: Многу веројатно само неколку минути, бидејќи ние се трудиме и до сега значително успеваме да ги имаме на лагер најсоодветните автомобили за нашиот пазар и во доволен број, имајќи ја предвид актуелната ситуација. Во случај на исклучително специфични барања и во најголемиот број случаи, испораката во просек е можна за околу 90 дена од потврдата на нарачката, што е во рамки на рокот на испорака за „нормални“ пазарни услови. За сето ова време кое функционираме на пазарот научивме да ги предвидиме потребите на клиентите, па дури и во вакви несигурни времиња успеваме да ги исполниме и надминеме нивните барања и очекувања. Но сепак за одредени специфични модели рокот на испорака изнесува околу 180 дена па и подолго.

    Пари: Дали недостигот од микрочипови ја зголеми цената на возилата и за колку ако има зголемување, колку чинело едно возило пред пандемијата, колку сега?

    Муцунски: Не регистрираме зголемување на цените на возилата како резултат на недостигот на микрочипови. Цените се зголемуваат како резултат на годишната инфлацијата во Евро-зоната и како резултат на технолошките поместувања кај новите генерации производи, што впрочем е случај кај сите развојно ориентирани производи со продолжен рок на употреба. Зголемувањето на цените како резултат на краткорочно регистриран недостиг на компоненти е премногу шпекулативен пристап, што партнер од доверба каков што сме ние не смее ниту да помисли да практикува.

    Пари: Кога очекувате стабилизација на пазарот со микрочипови и враќање на автомобилскиот сектор во времето пред пандемијата што зборуваат информациите во опкружувањето?

    Муцунски: Стабилизација на пазарот со микрочипови и враќање на автомобилскиот пазар на позициите од пред пандемијата очекуваме за кусо време, во период од околу 12 месеци. Од две причини: 1. Автомобилскиот сектор со електро-офанзивата станува клучен мотор на светската економија и клучен придонесувач за ставање на емисиите на штетни гасови под контрола. 2. Најголемиот бран на хиперпобарувачка на микрочипови во ИТ индустријата стивнува, а со зголемувањето на стапката на вакцинација се очекува и постепено реално враќање на животот во нормалните текови. Неминовно е реалоцирање на ресурсите на начин пооптимален за автомобилската индустрија.

    Пари: Како Порше Македонија го помина периодот во најголемата криза, работевте со загуба или сепак остваривте добивка и кои возила ви се најпродавани?

    Муцунски: Периодот на најголемата криза го минавме успешно, со оглед на околностите. Бидејќи во фокусот на нашето работење секогаш е секој поединечен клиент и целосното задоволување на клиентските барања, од таквиот пристап секогаш во добивка се сите. И во текот на најкритичните периоди на пандемијата останавме непрекинато отворени и достапни за нашите клиенти. Не е за чудење што клиентите ни возвратија со својата доверба. Во таа смисла, наши најпродавани возила од Skoda се Octavia, Karoq, Kamiq и Superb. Од Volkswagen тоа се Golf, Tiguan, T-Roc и Passat. Од SEAT тоа се Leon, Ateca, Arona. Од Audi – A3, A6, Q5, Q7, Q8, а од Volkswagen Комерцијални возила Caddy и Crafter. Кај Porsche најмногу се продава Cayenne. Толку за возилата што ни се продаваат најмногу. Останатите возила за сега ни се продаваат само многу и би сакале така да продолжи.

    Пари: Што може ново да очекуваме во наредниот период од Порше Македонија, во која насока ќе се движи компанијата?

    Муцунски: Порше Македонија ќе продолжи да биде партнер од доверба кој на клиентите им ја обезбедува мобилноста, безбедноста и безгрижноста. Со сигурност и уште повеќе ќе ги подобриме нашите услуги и нашата понуда. Електричната офанзива е дополнителен столб на нашата понуда. Први во нашата земја инсталиравме два најмоќни ДЦ полначи за електрични и хибридни автомобили кои овозможуваат за само 15 минути полнење на 80 % од батеријата. Генерален став на скоро сите автомобилски производители во светот е најдоцна до 2030 година, комплетно да го прекинат производството на мотори со внатрешно согорување, значи – иднината е електрична. А, со понудата на најновите електрични возила, македонските возачи имаат дополнителна можност за избор на својот најсоодветен автомобил и уште сега можат да ја живеат иднината.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично