ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | Огненоски: Идејата за „100 НАЈГОЛЕМИ“ е да им се даде шанса и на помалку видливите компании, а оствариле резултати за пофалби

    Време зa читање: 7 минути

    ТАРГЕТ ГРУП од 2019-та година ја изработува листата на 100 НАЈГОЛЕМИ компании во земјава по приход, добивка и вработени. Во наредниот период компанијата ќе започне со објавување на најновата ранг листа на најуспешните компании за 2021 година.

    Идејата да се започне со изготвување на „100 НАЈГОЛЕМИ“ е како што ни открива првиот човек на компанијата, Огнен Огненоски во интервјуто за порталот „Пари“ била да им се даде шанса не само на оние најголемите туку и на оние помалку видливите компании да се истакнат, бидејќи нивните резултати се навистина за истакнување, пофалба и почитување.

    Огненоски посочува дека за да се подготви листа на 100 најголеми потребно е да се анализира работењето на најмалку топ 1000 (илјада) компании во државата. Причината за ова е постојаното менување на трговските друштва на оваа листа.

    Генералниот менаџер и ко-сопственик на Таргет Груп, Огненоски посочува :

    „Aко сакате да преживеете во бизнисот денес, правилата на игра се променија и мора да се придржувате согласно новите. Правилото  „големите бизниси ги јадат помалите“ повеќе не важи, новото правило е „брзите ги јадат спорите“.  Доколку Вашиот бизнис не е подготвен да делува веднаш на предизвиците и не успее во најкус можен рок позитивно да се адаптира на новите услови на пазарот, вие ќе бидете потиснати од оние кои ќе успеат да го направат тоа, без разлика на нивната големина и капитал“.

    Пари: Таргет груп е единствената компанија која што ја изготвува листата на 100 најголеми компании во земјава. Од каде дојде идејата да се изготвува листа на најуспешните компании во земјава?

    Огненоски: Целта на проектот „100 Најголеми“ е да допринесе кон развој и јакнење на позитивната деловна клима низ промоција на позитивната деловна пракса на најголемите компании по приход, добивка и број на вработени. Горди сме и радосни што го започнавме проектот „100 најголеми во Македонија“, кој сигурен сум, ќе живее долго и ќе расте заедно со резултатите на најдобрите македонски компании. Нашата идеја е проектот да им даде шанса не само на оние најголемите туку и на оние помалку видливите компании да се истакнат, бидејќи нивните резултати се навистина за истакнување, пофалба и почитување.

    Еден од начините да можете квалитетно и структурирано да се информирате за пазарните учесници, што претставува основа за секоја сериозна бизнис одлука е токму оваа публикација „100 Најголеми во Македонија“ која што се публикува на порталот „Пари“ и еднаш годишно ги презентира најважните бизнис податоци за најуспешните трговски друштва во Македонија.

    Пари: Која година по ред се изготвува 100 најголеми и што е целта на оваа листа?

    Огненоски: Проектот „100 Најголеми во Македонија“ го започнавме во 2019-та година и веќе четврта година по ред ги претставуваме најуспешните и најголемите трговски друштва како и друштвата со најголем број на вработени за изминатата фискална година. Главен партнер на проектот е „Аналитика Медиум“ кој овој проект го претставува на својот најчитан портал за економија, финансии и бизнис во Македонија – порталот Пари (pari.com.mk).

    Пари: Како се изготвува листа на 100 најголеми, колку време и труд е потребен за изготвување?

    Огненоски: За да се подготви листа на 100 најголеми потребно е да се анализира работењето на најмалку топ 1000 (илјада) компании во државата. Причината за ова е постојаното менување на трговските друштва на оваа листа. Секоја година имаме нови помеѓу 20-30% трговски друштва, кои претходно никогаш не биле рангирани на оваа листа. Во оваа листа на 100 најголеми се земаат во предвид исклучиво трговските друштва од Македонија регистрирани согласно законот за трговски друштва и на оваа листа нема да најдете ниту една државна институција, државни претпријатија, банки, осигурителни компании и невладини организации. За да се подготви ваква листа потребни се неколку месеци анализа и обработка на податоци кои се преземаат од официјални извори.

    Пари: Лани имавме исклучително тешка економска година, што покажува рангирањето за 2021 дали има поголеми помесување во делот на деловните успеси на компаниите?

    Огненоски: Ковидот целосно ги промени свеста и навиките. Кога промената ќе се погледне од бизнис аспект, потребата од брза адаптација, експресно преструктурирање и делување веднаш, станаа „must“. Ако сакате да преживеете во бизнисот денес, правилата на игра се променија и мора да се придржувате согласно новите. Правилото  „големите бизниси ги јадат помалите“ повеќе не важи, новото правило е „брзите ги јадат спорите“.  Доколку Вашиот бизнис не е подготвен да делува веднаш на предизвиците и не успее во најкус можен рок позитивно да се адаптира на новите услови на пазарот, вие ќе бидете потиснати од оние кои ќе успеат да го направат тоа, без разлика на нивната големина и капитал. Ова може да се потврди со неколку факти, а се однесуваат за новиот број на компании кои се вклучија на листата оваа година.

    Во листата 100 најголеми по приход за 2021 имаме 15 нови компании кои не беа на оваа листа во 2020-та година. На листата 100 најголеми по добивка имаме тектонски поместувања и имаме 35 нови компании кои не биле на минатата листа. Додека, според бројот на вработени има 13 нови компании на листата 100 најголеми работодавачи.

    Пари: Сега во 100 најголеми ги рангирате компаниите според приход, добивка и вработени. Дали во иднина планирате да ја проширите листата?

    Огненоски: Нашата цел е преку промоција на успешните бизниси да го стимулираме претприемништвото во Македонија и со помош на овие информации да можат македонските бизниси да носат полесни деловни одлуки. Во план е да продолжиме со рангирање на најуспешните бизниси според нивната големина, дејност и град. Најуспешните односно најголемите трговски друштва кои не се на листата „100 Најголеми во Македонија“, дефинитивно ќе се најдат на листата 10 најголеми во нивниот град, во нивната дејност или нивната големина. Исто така очекуваме оваа публикација веќе од следната година да прерасне во свечен настан со гала вечер, каде што во живо ќе бидат претставени најуспешните бизниси од Македонија.

    Пари: Дали македонските компании се доволно транспарентни?

    Огненоски: Со оглед на тоа што сме пионери во областа на управување со деловни податоци можам да истакнам дека компаниите се многу потранспарентни сега во споредба со периодот од пред 10-тина години. Веќе 10-та година нашата компанија Таргет Груп собира, обработува и дистрибуира бонитетни информации за сите регистрирани правни лица од држава и за компании од повеќе од 110 држави низ светот.

    Проблемот не го гледам во транспарентноста на компаниите туку проблемот лежи во поединци кои управуваат на одредени државни институции кои согласно закон мораат да ги направат достапни податоците за правните лица, а не го прават тоа и сме целосно посветени во многу блиска иднина да се соочат со ригорозни казни. Податоците за сите правни лица во нашата држава се согласно закон јавни и како такви мораат да му се дадат на стопанството да управува со нив. Целта е анализирање на финансиската состојба на компаниите со што би се креирале многу подобри услови на пазарот и би се креирале паметни политики со цел носење на ефикасни бизнис одлуки. Бенефитот е на двете страни. Од една страна ликвидноста на стопанството ќе биде на задоволително ниво, бројот на неуспешни компании ќе биде значително помал, додека од друга страна државата ќе успее да генерира високи приходи генерирани од даноците и најважното од се, ќе се создадат услови на здрава економија базирана на информации.

    Редакција Пари

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично