Осум девојки и жени се убиени за помалку од три месеци. За десет месеци МВР евидентирало 1.897 настани поврзани со семејно насилство. Во просек, повеќе од шест дневно. Кругот на насилството се шири. Реакциите и осудите се задоцнети, а раката на правдата како да е скршена.
Ако општеството не го санкционира насилството, не преземе мерки да го спречи натамошното насилство, тогаш државата и сите ние стануваме негови соучесници, предупредува во интервјуто за Пари психологот Гордана Несторовска.
Таа е специјалист по училишна психологија, системски семеен советник и член на Управниот одбор на Комората на психолози на Република Македонија. Има долгогодишно искуство како психолог во основно училиште и поминала бројни обуки за ненасилна трансформација на конфликти, превенција од насилство и врсничко насилство. Реализатор е и на обуки во рамките на проектот „Прекинување на циклусот на насилство – Системска превенција на семејно насилство“.
Пари: Како се создава насилник?
Несторовска: Никој не се раѓа со предодредена судбина да биде насилник, но неповолните искуства, научените обрасци на однесување и личните карактеристики можат да го зголемат ризикот за појава на насилно однесување.
Во семејната средина децата постепено усвојуваат одредени начини на однесување и комуницирање со другите луѓе. Дете што гледа дека еден родител воспоставува контрола врз другиот преку страв, може да научи дека моќта и доминацијата се составен дел од блиските односи.
Децата и младите во своето опкружување се изложени на многу модели што применуваат насилство. Под влијание на овие модели на однесување, тие почнуваат да реагираат насилно. Дополнително, ако насилството се нормализира или останува несанкционирано, се испраќа опасна порака дека тоа е прифатлив начин за постигнување цел.
Важно е да нагласиме дека изложеноста на насилство не значи дека детето неизбежно ќе стане насилно. Присуството на стабилни, поддржувачки настроени возрасни, позитивни модели на однесување и навремена психолошка поддршка можат значително да го намалат тој ризик.
Пари: Дали насилството има препознатлив образец на ескалација? Постојат ли рани предупредувачки знаци што околината често ги занемарува?
Несторовска: Образецот на ескалација започнува со зголемување на напнатоста, се случува насилен инцидент, следи извинување и ветување дека тоа нема да се повтори и привремен период на смирување. Насилството може да зачести и да стане посериозно. Насилството не се развива секогаш на ист начин. На пример, во партнерските односи често започнува со суптилни форми на контрола, љубомора, изолација од блиските, постојано проверување и понижување, а потоа постепено преминува во закани, заплашување и физичко насилство. За жал, овие рани предупредувачки знаци жртвите најчесто ги толкуваат како грижа, љубов или минлив конфликт. Некои од предупредувачките знаци за појава на насилство се: посесивност, претерана љубомора, контролирачко однесување, понижување и обезвреднување, заплашување и закани.
Важно е да нагласиме дека насилството не мора да започне со физички напад за да биде сериозно, ниту секогаш постепено ескалира. Заканите, контролата и психолошкото насилство сами по себе се форми на насилство и бараат навремена реакција. Колку порано ќе ги препознаеме овие знаци, толку се поголеми можностите да спречиме понатамошна ескалација и да ја заштитиме жртвата.

Пари: Каде потфрла општеството? Дали се плашиме да се вмешаме во „туѓи“ проблеми, дали не ги препознаваме опасностите или постепено стануваме рамнодушни кон насилството?
Несторовска: Мислам дека прво се изгубивме во воспитувањето на децата. Преголемото заштитништво, задоволувањето на сите нивни потреби и непоставувањето граници претставуваат проблем. Дете што е воспитано да се грижи само за своите потреби, може да стане возрасен човек што се грижи само за сопствените интереси и желби, без да води сметка за другите. Кога ќе пораснат, некои од овие деца може да го започнат кругот на насилството.
Кругот на насилството е сериозен проблем во општеството и не е лесно да се прекине, особено за жртвата. Некои деца, за жал, многу рано го запознаваат насилството во својот дом. Нивното опкружување им покажува дека проблемите се решаваат со тепање, навредување, психичко и физичко малтретирање, понижување и закани. Тие модели на однесување ги прифаќаат како нормален начин на комуникација и решавање проблеми.
Сè што се случува во општеството, пред сè на социјалните мрежи, им испраќа порака на младите дека ваквото однесување е нормално, бидејќи никој не го санкционира ниту насилството ниту несоодветното однесување.
Пари: Како психолог со долгогодишно искуство, како ги доживувате вестите за насилство со смртен исход? Се прашувате ли – зошто не ги заштитивме?
Несторовска: Прво, како психолог и како родител сум многу згрозена од фемицидот, затоа што е прекинат животот на жена што имала свои желби и планови за иднината, а сето тоа ѝ било насилно одземено.
Таа длабока вознемиреност кај мене создава потреба за поддршка и општествена одговорност, не само кон жртвите на насилство што ги загубиле животите, туку и за охрабрување на жртвите што во моментот трпат каков било вид насилство – да го пријават и да добијат соодветна правна разрешница.
Тука потфрламе и ние како општество, не само институциите. Потфрлаат и семејството, сведоците што виделе што се случува, а не пружиле помош, професионалците и заедницата. Не сме направиле доволно за да ја заштитиме жртвата. Кога насилството претходно било пријавено и постоеле закани, жртвата треба да се чувствува заштитена. Наместо тоа, таа не само што не била заштитена, туку се чувствувала и изиграна од системот.
Фемицидот не е изолиран чин. Ретко кога убиството се случува без претходни настани; најчесто му претходат долготрајно вознемирување и насилство врз жртвата. Тоа може да биде физичко насилство со тепање и повреди, сексуално насилство, психолошко, економско и социјално насилство. Насилникот не ги почитува потребите и чувствата на жртвата.
Кога постои насилство во партнерските односи, најчесто се застапени речиси сите видови насилство. Насилникот настојува да ја изолира жртвата, да ги прекине нејзините контакти со околината, па таа не гледа начин да излезе од кругот на насилството.
Особено ме загрижува што нашето општество реагира откако ќе се случи трагедија. Станавме општество што не превенира, туку реагира по настанот. Тогаш сите стануваме „херои и заштитници“, иако можело нешто да се направи претходно за да се заштити жртвата.
Пари: Во повеќе случаи жртвите претходно пријавувале насилство или закани. Какви психолошки последици може да има врз жртвата сознанието дека побарала помош, а опасноста и понатаму постои?
Несторовска: Основен проблем е жртвата да собере храброст да го пријави насилството. Поради стигмата, омаловажувањето од средината и стравот дека ќе бидат исмеани, жртвите најчесто не го пријавуваат насилството. Го пријавуваат во момент кога веќе се сериозно загрижени за својот живот или за своето здравје.
Кога жртвата ќе собере храброст да го пријави насилството, во некои случаи таа може да доживее непријатност поради несоодветните реакции на некои од институциите. Жртвата што не добила заштита е вознемирена, загрозени ѝ се и психолошката и физичката безбедност. Сè почесто чувствува дека нејзиниот глас не е слушнат и дека никој не ја сфаќа сериозно.
Пари: Рита Колумбија, постојаната координаторка на ОН во Македонија, предупреди дека секојдневните извештаи за родово базирано насилство укажуваат на национална вонредна состојба. Дали се согласувате со ваквата оценка?
Несторовска: Зголемувањето на родово базираното насилство во едно општество укажува на криза на моралните односи, криза во начинот на воспитување на младите и подлабок проблем што не ги засега само институциите – образованието, здравството, социјалните служби, полицијата – туку буквално целото општество.
Тоа е аларм дека треба да се воспостави широка, добро осмислена кампања, спроведена така што информациите ќе бидат достапни до сите: децата, родителите, наставниците и целата околина, за да можат навремено да го препознаат насилството, да дадат поддршка и да реагираат.
Од психолошки аспект, насилството укажува на доминација и насилни модели на однесување, но и на нарушени меѓучовечки односи, во кои конфликтите се решаваат со насилство и закани, наместо со отворена комуникација, почитување и емпатија.
Насилството, кое во последно време станува сè повидливо во нашето општество, а и во регионот, укажува на криза на општеството, семејството и идентитетот. Општество што го толерира насилството или не презема ништо против него испраќа опасна порака до децата и младите – дека можат да направат што било без последици и санкции.
Пари: Според податоците од Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за децата, лани 1.201 дете поради некоја причина било повикано во полициска станица. Бројката е пониска од претходната за 2024 година. Дали тоа е резултат на новата методологија, со опфат на деца во ризик до 14 години?
Несторовска: Добро е што има законски промени. Детето треба да биде заштитено од секаков вид насилство. Истовремено на детето треба да му се укаже кога самото направило насилство или се однесувало несоодветно. Порано постоеше категоријата постари малолетници, на возраст од шеснаесет до осумнаесет години. Сега лицата до осумнаесет години се деца. Законот ги третира како деца, но тоа не значи дека се изземени од законските последици и педагошки мерки. Целта е да се работи на реституција – корекција на однесувањето. Сторителот треба да согледа дека тоа што го направил не е соодветно и да најде начин да го поправи своето однесување. Добро би било децата и младите што се сместени во казнено-поправните домови да добијат можност навистина да го коригираат своето однесување.
Пари: Дали тие воспитно-поправни домови се функционални? Има ли сознанија дали децата излегуваат од нив со подобро или со полошо однесување?
Несторовска: Немам лично искуство, но мислам дека се прави голема трансформација на воспитно-поправниот систем. Воспитно-поправните домови се осовременуваат и сместените лица имаат можност за онлајн образование. Не се исклучени од образовниот систем, имаат менторски надзор и се работи на поддршка и ресоцијализација. Колку е тоа ефикасно, навистина немам податоци. Но, ако процесот на корекција на поведението и ресоцијализација се спроведе како што треба, постои можност младата личност да го коригира своето однесување и да се врати на вистинскиот пат.
Пари: Каде децата и младите ги добиваат првите „лекции“ за насилното однесување?
Несторовска: Децата учат по модел – не толку од она што им го кажуваме, колку од она што гледаат дека го правиме. За жал, некои деца, не само во Македонија туку и во светот, дома се соочуваат со отворена агресија, насилство и повреда на човековите права. Тие се сведоци и на физичко насилство меѓу нивните родители.
Тоа не само што остава траума врз психата на детето, туку претставува негативен модел на однесување што подоцна може да го копира и продолжи. Семејството во кое родителите се караат и се тепаат најчесто нема капацитет за ненасилна комуникација. Не поставува здрави граници. Или воопшто не се поставуваат граници или се премногу ригидни. Системот во кој има понижување, закани и физичко или психичко насилство претставува негативен модел што детето може да го пренесе во друга средина – меѓу врсниците, на улица, во училиштето.
Пари: Дали во училиштата лесно се препознаваат децата изложени на семејно насилство?
Несторовска: Воопшто не е лесно да се препознаат. Токму тоа е целта на „Прекинување на циклусот на насилство – Системска превенција на семејно насилство врз децата“, што е проект на МОН чиј реализатор е Комората на психолози. Преку обуките, психолозите и другите стручни соработници од основните училишта учат како да ги препознаат знаците и како да реагираат за успешно да ги заштитат и да им помогнат на учениците што се жртви на семејно насилство. Проектот укажува на тоа дека наставниците, како луѓе со кои децата секојдневно се во контакт, се првите што може да ги препознаат знаците дека со детето се случува нешто невообичаено и да ѝ укажат на стручната служба.
Интересно е што знаците не мора да бидат тоа што го очекуваме. Одличен ученик може одеднаш да стане незаинтересиран за учење, поспан и пасивен. Од друга страна, мирен и одговорен ученик може да стане потемпераментен, агресивен и да покажува непочитување кон другите.
Секое дете има свој заштитен механизам и различно реагира во училиштето. Постојат знаци што можат да се препознаат, но важно е возрасните да ги познаваат. Родителите треба да забележат кога нивното дете покажува невообичаено однесување, бидејќи можеби е жртва на насилство. Наставниците и стручните служби треба да препознаваат промени што можат да укажат на семејно насилство или булинг.
Децата полесно ќе се осмелат да кажат во училиштето дека се жртви на врсничко насилство, но многу потешко зборуваат за семејно насилство, бидејќи се во конфликт на лојалност. Се плашат дека нивните родители ќе бидат санкционирани или казнети и дека семејството ќе се распадне.
Наставниците и стручните соработници во училиштата реализираат програми за превенција од врсничко насилство, а предавања за унапредување на безбедноста и спречување на насилството реализираат и обучени полициски службеници со кои имаме успешна соработка.
Одговорноста е на возрасните – да го препознаат насилството, да се едуцираат и да ги искоренуваат насилните облици на однесување. Пред сè вербалното, за кое нашето општество често смета дека не е вид насилство. Секако, и физичкото насилство, и навреме да реагираат. Секое препознаено насилство на кое не се реагира навреме е опасно, затоа што може да ескалира.
Пари: Од таа гледна точка, може ли да се каже дека општеството станува соучесник на насилниците?
Несторовска: Ако општеството не го санкционира насилството, не преземе мерки да го спречи натамошното насилство и не спроведе кампања со која сите ќе се запознаат со облиците на насилство и со ризикот од негово ескалирање, тогаш државата и сите ние стануваме соучесници.
Во училиштата најважно е да создадеме средина во која детето ќе се чувствува безбедно, поддржано и добредојдено да му се обрати на наставник, психолог или друг вработен и да каже што го мачи. Без разлика дали се плаши затоа што дома се случува нешто или се плаши да се врати дома.
Се среќаваме со деца што се изложени на семејно насилство и се плашат да се вратат дома. Таквото дете може да останува на дополнителни часови, секции и други активности, само со цел подоцна да си замине. Но реакциите може да бидат и спротивни: некои деца сакаат што побрзо да се вратат дома, од страв дека во нивно отсуство може да се случи нешто. Значи, реакциите се многу различни и понекогаш спротивставени.
Пари: Ако детето се повлече и покажува дека се плаши од нешто, дали може да стане мета на други, поагресивни деца?
Несторовска: Да, децата што веќе претходно биле жртви или децата што се повлечени и несигурни може да станат жртви на врсничко насилство. Но, од друга страна, во училиштата долго работиме на инклузивноста и на тоа децата да сфатат дека кога некој се осамува или му се случува нешто, потребно му е внимание. Посензитивните деца често се свртуваат кон него и на некој начин го земаат под своја заштита. Често ни се случува дете да дојде и да каже: „Мојот другар не е добро, нешто му се случува“. Тоа е знак дека како психолог треба да го повикам детето во канцеларија, да започнам разговор, да го опуштам и постепено да му покажам дека сум лице од доверба. Во поддршката и грижата за ученикот што е жртва на насилство се вклучуваат стручната служба, наставниците, како и лица во кои ученикот има доверба. Ако има знаци на семејно насилство во тимот за поддршка се вклучуваат и други институции – ЦСР, МВР, здравствени установи. Многу е важно возрасните да функционираат како усогласен систем за поддршка.
Пари: Често се повикуваме на системот. Каде почнува неговата изградба, кој ги поставува основните правила и граници?
Несторовска: Нашето општество има проблем со поставувањето граници, и тоа почнува во семејството. Родителите поставуваат правила, а често први ги прекршуваат. На пример, му велат на детето да не го користи телефонот, а тие самите постојано се на телефон. Треба да поставиме правила што сите ќе ги почитуваме. Да почнеме со еден час во денот во кој никој во семејството нема да користи телефон.
Семејството е првиот систем во кој детето стекнува доверба. Потоа следуваат училиштето, општината и заедницата. Ако детето постепено стекнува доверба во тие системи, ќе верува и дека ќе биде заштитено кога ќе се соочи со насилство, наместо да остане без помош.
Пари: Колку социјалните мрежи и содржините што промовираат доминација, понижување на жените и агресивни модели на машкост влијаат врз младите?
Несторовска: За жал, социјалните мрежи можат да влијаат многу негативно, уште од најрана возраст. Погледнете кои се јунаците во цртаните филмови и игрите. Децата често се фасцинирани од ликови што имаат моќ, доминација и контрола над другите.
Социјалните мрежи претставуваат ризик за децата. Добро е што во многу основни училишта употребата на мобилни телефони е ограничена. Кога ученикот ќе дојде, го остава телефонот на определено место и го добива по завршувањето на часовите. Ако е потребен за наставна активност, на пример онлајн-квиз, се користи под контрола. Не можеме да ги заштитиме децата 24 часа, но можеме барем во времето што го поминуваат на училиште.
Пари: Што мора да се промени за следната пријава за насилство да не заврши со уште едно убиство, за да не изгубиме уште еден живот?
Несторовска: Прво и основно, мора да спроведеме кампања на ниво на државата, со која јасно ќе се укаже дека насилството постои, дека е казниво и дека сите законски мерки сериозно ќе се преземаат – и навистина да се преземаат. Од друга страна, потребна е систематска едукација и на децата и на родителите, затоа што во спротивно, залудно работиме.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








