ПОВЕЌЕ

    Интервју со Данела Арсовска, Претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија

    Време зa читање: 5 минути

     

    Со Данела Арсовска, Претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија, најголемата деловна мрежа која застапува преку 35 стопански комори и организации, разговараме за состојбите во економијата и мерките за поддршка на приватниот сектор, како и предизвиците со кои се соочува стопанството.

    Пари: Сојузот на стопански комори на Македонија, од почетокот на кризата апелира за конструктивни мерки кои ќе помогнат на економијата, како ги оценувате донесените економски мерки?  

    Сојузот на стопански комори на Македонија институционално учествуваше со предлози и препораки за донесување на економски мерки кои реално ќе ги рефлектираат потребите на приватниот сектор. Македонските мали и средни претпријатија кои претставуваат повеќе од 99 отсто од регистрираните активни претпријатија, имаат клучна улога во функционирањето на националната економија. Тие со 65 отсто учество во бруто домашниот производ доминираат пред другите субјекти, обезбедуваат повеќе од 80 отсто од работните места во приватниот сектор и се столбот на македонската економија.

    Анализите од истражувањето на Сојузот покажаа дека 86 отсто од претпријатијата сметаат дека економските мерки од првите два пакети за спас, не се во согласност со потребите и нема да ја исполнат целта,  да се преброди кризната состојба со помали последици. Претприемачите се најранливи на ефектите од економските шокови, имаат ограничени резерви на готовина и тие во оваа состојба се борат за одржување на ликвидноста. Континуирано апелираме дека на компаниите значително им се намалени приходите и не се во можност да ги покријат фиксните месечни трошоци, затоа се потребни соодветни фискални интервенции, без кои нема да можат да ја пребродат кризата.

    Пари: Штетите постојано се зголемуваат, сите сектори се погодени од кризата. Колку време сметате дека ќе биде потребно за да се вратат состојбите во нормала?  

    Најголема штета трпат секторите кои беа затворени со уредби од Владата и дејностите со кои тие се блиску поврзани, но според анализите од нашите анкети над 99% од претпријатијата се изјасниле дека имаат во извесен процент штети од кризата. Тие се соочуваат со откажување на нарачки, задоцнети плаќања, намалена продажба или производство, а не е мал бројот и на оние кои немаат воопшто никаков приход. Со оглед на тоа што е најавен прекин на рестриктивните мерки, колку успешно ќе се прилагоди приватниот сектор зависи од повеќе фактори, но пред се од квалитетни решенија за економски спас и засилување на дијалогот за заедничка соработка на сите релевантни чинители. Кризната состојба наметна да се воспостави нов начин на живот и неопходно водење грижа за индивидуалното и колективно здравје на подолг рок. Ќе биде потребно активно континуирано да се делува на прилагодување и подигање на нивото на свесност. Според проекциите дури во првата половина на 2021 година ќе отпочне да се функционира прилагодено кон заздравување на економијата.

    Пари: Сојузот и неговите членови, во услови на криза демонстрираат висока свест за општествена одговорност и даваат поддршка на оние на кои им е најпотребна. Кои се позначајните реализации во изминатиот период?  

    Последната голема помош е донацијата од 85 респираторни машини кои претседателот на Градежната комора при Сојуз на стопански комори на Македонија, во име на 4 компании оваа недела ги донира на македонскиот здравствен систем, со што се истакнува корпоративната општествената одговорност и моралната обврска да се придонесе за остварување на општествените потреби во услови на пандемија.

    Уште од почетокот на здравствената пандемија, Сојузот покрена сеопфатна кампања за превенција и заштита од Ковид 19, поттикнувајќи општествена одговорност со помош и подобрување на условите за заштита на здравјето.   Реализиравме и помош во Институт по белодробни заболувања кај децата Козле, со поставување на тунел за дезинфекција со цел значително да се намали можноста за внесување на вирусот во болницата, што е особено важно бидејќи се работи за деца со респираторни проблеми и белодробни заболувања и нивната заштита од вирусот е од исклучително значење.

    Сојузот на стопански комори на Македонија, и преку секторските комори делува кон подобрување на условите и обезбедува опрема за ранливите категории. Комората на сметководители и нејзините членови се ставија на располагање на државните институции за анализа на флуктуациите во економијата и изготвување на акциски план, но и организираа акција за обезбедување опрема за заштита за медицинскиот персонал.

    Туристичко угостителската комора и нејзините членови обезбедуваат храна и оброци за лицата кои припаѓаат на ранливи категории, како и припадниците на органите на државната управа и медицинскиот персонал кои се изложени на најголем ризик, а дел од хотелите ги отстапија своите капацитети за организирање на државен карантин. Сојузот изготви и објави уште пред два месеци Водич за приватен сектор за справување со Ковид -19, во кој на едно место може да се најдат сите процедури, насоки и прописи за намалување на ризикот од ширење на болеста како и мерките за кои може да се аплицира.

    Она што следи е засилено делување со кампањите за помош, во зависност од потребите кои ќе бидат детектирани со цел да се излезе пресрет на оние кои се најпогодени од кризата, а следната недела Комората на сметководители на Македонија продолжува со донациите за опремување на дел од најважните институции од здравствениот систем.

    Пари: Што ќе се извлече како поука од оваа криза, каде ќе се движи економијата?

    Македонската економија ја очекува рецесија, приватниот сектор ќе биде соочен со бројни предизвици, но веруваме дека од оваа криза се извлечени поуки за иднината. Градење на функционален систем со квалитетно корпоративно управување и добар кризен менаџмент треба да биде национален приоритет. На економијата и се потребни стабилност, предвидливост и владеење на правото, тоа се приоритетите на кои треба да се инсистира без отстапки.

    Сојузот на стопански комори на Македонија во период кој следи, ќе продолжи да биде коректив на владините институции, да придонесува за градење квалитетни политики кои им се потребни на претприемачите и цврсто да ги застапува нивните ставови.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично