Анита Ангеловска-Бежоска е моќна личност на македонската банкарска сцена. Не само поради позицијата гувернерка на Народната банка, туку повеќе заради начинот на кој раководи со оваа најзначајна институција. Во кризните времиња успешно ја предводеше монетарната одбрана. Дури и кога централната банка се соочи со светскиот проблем со инфлацијата, незапаметен во изминатите три децении, од таму сигурно се повлекуваа потребните потези. Не е секогаш важна само добрата процена на ефектите од мерките и одлуките на носителите на политиките, туку и нивната навременост, вели гувернерката, којашто ја заокружува последната година од мандатот, во кој девизните резерви го достигнаа највисокото ниво. А, и покрај турбулентноста на периодот, успеа да го одржи курсот и да го оствари ветеното – одржување стабилен денар и стабилен банкарски систем.
Во пресрет на 8 Март ‒ Меѓународниот ден на жената, порталот Пари разговараше со исклучителни жени, кои постигнале многу и на професионален и на личен план, чии размислувања се и интересни и поучни.
Пари: Во повеќе наврати ја имате нагласено потребата за финансиска едукација и за вклученоста на жените во областа на финансиите. Кој и што им брани повеќе да навлезат во тој свет, каде се лоцираат препреките и кој ги поставува – традицијата и мажите, предрасудите за половата поделба на работите или?
Ангеловска-Бежоска: Родовата нееднаквост сѐ уште е една од глобалните теми за кои треба да се зборува и да се дејствува. Според истражување на Светската банка[1], родовиот јаз во сопственоста на сметките во економиите во развој се намалил за само 3 процентни поени во текот на една деценија (од 9 п.п. во 2011 година на 6 п.п. во 2021 година). На светско ниво, веројатноста дека жените ќе имаат неактивна сметка е поголема за 31% во однос на мажите. Само 35% од жените во земјите во развој штедат на сметки во споредба со 43% од мажите.
Слична е сликата и кај нас. Иако постои подобрување, сепак сѐ уште говориме за родов јаз во пристапот на жените до финансиите. Во 2021 година[2], 79,9% од жените и 90,6% од мажите кај нас имале платежна сметка. Родовиот јаз во сопственоста на платежна сметка во нашата земја од 10,7 п.п. е поголем од јазот во Европа и Централна Азија, којшто во просек изнесува 3,2 п.п.
Овие податоци не се само статистика којашто укажува на нееднаквоста и на потребата од преземање натамошни мерки. Финансиската вклученост на жените е од особена важност затоа што им овозможува економска независност, подобро управување со личните и семејните финансии и поголема сигурност во иднината. Финансиски едуцираните жени имаат повеќе можности за претприемаштво, инвестирање и активно учество во економијата. Вклученоста во финансискиот систем, преку пристап до банкарски услуги, кредити и штедење, им помага да ги намалат економските разлики и да создадат подобар живот за себе и за своите заедници. Родовата рамноправност во светот на финансиите не носи придобивки само за жените. Напротив, финансиската моќ на жените ги трансформира економијата и заедницата околу неа и носи напредок за сите.
Оттука, потребни се промени во корпоративните политики, залагање за финансиското образование и поголема застапеност на жените во лидерска улога. Жените сè повеќе го освојуваат финансискиот свет, но за вистинска еднаквост е потребно систематско справување со препреките што долги години ги задржувале на маргините.
Пари: Вашата работа е високо оценета од одделни поранешни министри за финансии и гувернери, меѓународните финансиски институции, особено во екот на неодамнешните кризни времиња. Има ли улога полот во домаќинското работење? Или, колку е тешко за „женската сила“ да го носи големиот товар за донесените одлуки и повлечените потези?
Ангеловска-Бежоска: Сѐ повеќе истражувања посочуваат дека жените умеат да се справат со кризни ситуации. Истражувањето објавено во Журналот за европски јавни политики[3], коешто се заснова на примерок со податоци за 90 земји во текот на должничките кризи во периодот од 2000 до 2017 година, упатува на тоа дека жените почесто се поставуваат на лидерски позиции во централното банкарство во кризни периоди. Според ова истражување, кога централната банка е водена од жена, има поумерен раст на монетарната база и на кредитната активност, што посочува на подготвеноста на жените да применат позатегнати мерки и да донесат тешки одлуки во кризни времиња. Исто така, истражувањата покажуваат дека трансформацискиот и емпатичен пристап во раководењето, заедно со повисокото ниво на нивна отпорност, им овозможува на жените соодветно да се справуваат со ризични ситуации.
Имајќи ги предвид овие истражувања, можам да кажам дека и моето назначување дојде во период којшто го одбележаа неколку кризи од размери невидени досега, но кои успеавме да ги надминеме со посветеност и со високо ниво на професионалност. Резултатите, стабилизирањето на инфлацијата, стабилниот курс на денарот, високата адекватност на капиталот на банките и силната кредитна поддршка на економијата покажуваат дека донесените одлуки биле соодветни и правилно димензионирани. Ова е препознаено и од релевантните европски и меѓународни институции, односно во редовните извештаи на Европската комисија и Меѓународниот монетарен фонд.
Пари: И во тој контекст – кој бил најголемиот предизвик со кој сте се соочиле во текот на мандатот и која била најтешката одлука?
Ангеловска-Бежоска: Изминатите години ќе бидат запаметени како години исполнети со низа предизвици кога беше неопходно решително соочување со економските турбуленции и нивно стабилизирање. Промената на економскиот и геополитичкиот пејзаж им наметна на сите економски чинители да ја зајакнат отпорноста. Предноста на нашата централна банка е што долги години се трудиме да бидеме подготвени за предизвиците и да се справиме со нив со одржливи решенија и мерки. Секоја одлука донесена во Народната банка е внимателно разгледана и анализирани се сите можни аспекти за да се донесе правилната одлука во соодветниот момент. Високата неизвесност со која се соочивме во 2020 година како резултат на здравствената криза можеби беше еден од покритичните моменти кога требаше правилно да се реагира. Корона-кризата уште еднаш потврди дека не е секогаш важна само добрата процена на ефектите од мерките и одлуките на носителите на политиките, туку и нивната навременост. Слично како и останатите централни банки, ние на оваа криза ѝ одговоривме брзо, со олабавување на монетарната политика и со воведување регулативна флексибилност, преку којашто меѓу другото, поттикнавме привремено одложување на отплатата на кредитите од страна на граѓаните и компаниите погодени од пандемијата.
Со почнувањето на војната во Украина, во првите месеци на 2022 година, неизвесноста во светот дополнително се зголеми и се одрази врз цените на основните производи на светскиот пазар. Следствено, во 2022 година, инфлацијата достигна историски највисоки нивоа речиси кај сите економии, а особено кај помалку развиените економии. Во овој контекст, имајќи предвид дека инфлацијата го намалува реалниот расположлив доход на домаќинствата, особено на оние со пониски примања, ја зголемува неизвесноста и премијата за ризик, со што неповолно делува и врз потрошувачките, и врз инвестициските одлуки, односно врз амбиентот за економски раст, Народната банка, и покрај тоа што не стануваше збор за стандарден шок на побарувачката, ја наметна потребата од затегнување на монетарната политика и зголемување на каматните стапки. Со стабилизирањето на ценовните движења, во текот на 2024 година започнавме со внимателно нормализирање на монетарната политика.
Но, морам да посочам дека и покрај овие два значајни економски предизвика, Народната банка во овој период започна и со засилена активност за унапредување на работењето во областите на дигитализацијата, родовата еднаквост и зелените финансии, но активно работеше и во областите како заштитата на потрошувачите, финансиската едукација и вклученоста. Овие области можеби не се под директна надлежност на Народната банка, но наметнуваат потреба за наше вклучување заради овозможување подобар пристап до финансиски средства, поголема искористеност на човечкиот потенцијал и поголема економска рамноправност.
Пари: Досегашните анкети покажуваат дека јавноста има високо ниво на доверба во Народната банка. Може ли таа доверба да се поврзе со доминантниот број на жените што работат во Народната банка?
Ангеловска-Бежоска: Народната банка е институција којашто се залага за високи професионални стандарди, со стручен и искусен кадар кој постојано работи на унапредување на монетарната и финансиската стабилност. Високото ниво на доверба што го ужива Народната банка во јавноста е резултат на квалитетот на човечкиот капитал, знаењето, посветеноста и одговорниот пристап во носењето на политиките. Покрај тоа, Народната банка е пример и за вклученост, имајќи ја предвид значајната застапеност на жените на раководните позиции – околу 65%. Ова е потврдено и од страна на британскиот официјален форум на монетарни и финансиски институции (ОМФИФ), којшто во 2022 и 2023 година ја рангира Народната банка како водечка меѓу централните банки и финансиските институции според застапеноста на жените во раководството. Сепак, родовата еднаквост е само еден аспект на целокупниот институционален капацитет и е дел од пошироката заложба за професионализам и квалитет во сите сегменти на нашето работење. Очекуваме дека и приватните финансиски институции во земјава ќе напредуваат уште повеќе во овој правец, имајќи предвид дека моменталната застапеност на жените во одлучувачките тела, како во управните и надзорните одбори на банките, сè уште е на релативно ниско ниво од 24%, односно 35%.
Пари: Покрај тоа што сте одговорна за работењето на централната банка и за водењето на монетарната политика што ја засега целата држава, ја имате и најодговорната функција како мајка. Како се справувате со обврските на релацијата мајка – жена – гувернерка?
Ангеловска-Бежоска: Досега зборувавме за зголемување на учеството на жените во работната сила и на лидерските позиции заради зголемување на индивидуалните и општествените економски придобивки. Но, мора да сме свесни дека еднаквите економски услови поставуваат и предизвици за жените во одржувањето соодветна рамнотежа помеѓу семејниот и професионалниот живот. Би посочила дека клучот на успехот во оваа состојба е да се има покрај себе семејство коешто има разбирање и ги цени напорите коишто секоја од нас ги вложува во кариерата. Доколку тоа недостига, мислам дека е невозможно ние како жени да напредуваме во професијата, а истовремено да ги задржиме инспиративната енергија, посветеноста на извршувањето на работните задачи, сочувствителноста и подготвеноста за извршување повеќе активности истовремено. Својата инспирација и посветеност ја црпам од моите родители, а со своето однесување се трудам да бидам пред сѐ пример за своите деца. Но, морам да истакнам дека и тие ми помагаат на некој начин да бидам она што сум и успешно да се справам со сите мои професионални предизвици.
Позицијата гувернер на Народната банка е голема чест, но пред сѐ голема одговорност. Но, кога на работните обврски ќе им се пристапи крајно професионално и со целосно стекнато знаење и посветеност, позитивен став и енергија, успехот и резултатите ќе дојдат како награда. Се трудам да им бидам добра мајка на моите три деца, да бидам родител кој им дава добар пример, а тие за возврат ги полнат моите батерии со позитивна енергија којашто ми е движечка сила во исполнувањето на професионалните обврски.
________________________________________________________________________
[1] Global Findex 2021: Women’s World Banking Response: https://www.womensworldbanking.org/insights/global-findex-2021-womens-world-banking-response/
2 Согласно податоците на последната анкета „Барометар на женското претприемништво“.
3 Empowering Women in central banking, 2 August 2024.
Маја Анастасова