ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | Ангеловска-Бежоска: Од понеделник – споредливи и детални информации за кредитите и депозитите за граѓаните, на веб-страницата на Народната банка

    Време зa читање: 17 минути

    Донесена е првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија. Веднаш потоа се дадени и Насоките за банките и штедилниците, кои што ги донесоа Народната банка и Македонската банкарска асоцијација, а се презентирани и резултатите од првата сеопфатна анкета за финтек-секторот во земјата. Ова се поводите за тематско интервју со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, преку кое што се обидуваме да дојдеме до одговори на повеќе прашања на овие теми, кои што се од интерес и за граѓаните и за компаниите. Една од новините на Народната банка е што од понеделник граѓаните на многу полесен начин ќе се информираат за кредитите и депозитите на целиот банкарски систем. Повеќе за ова читајте подолу во ексклузивното интервју со гувернерката Ангеловска-Бежоска дадено за порталот Pari.com.mk.

    Пари: Неодамна е донесена првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија чија подготовка ја иницираше и координираше Народната банка. Кои се очекувањата, колку тој документ ќе придонесе за подобри резултати за финансиската едукација и за финансиската инклузија на граѓанитe?

    Ангеловскa-Бежоска: Добрите одлуки се засноваат врз знаење, како во животот, така и во финансиите. Финансиската едукација овозможува подобро разбирање на финансиските производи, концепти и ризици. Со нивно подобро познавање, се развива способноста за носење издржани одлуки во управувањето со личните финансии, што во крајна линија придонесува за зголемена благосостојба на населението, но и на економијата во целина. Финансиската инклузија, односно достапноста и користењето на финансиските производи и услуги од повеќе граѓани и фирми, има ефекти врз економскиот раст, финансиската стабилност, придонесува за намалување на доходовната нееднаквост и за намалување на сиромаштијата.

    Првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија е донесена со цел, преку зајакната координација и соработка помеѓу финансиските регулатори, приватниот финансиски сектор и граѓанскиот сектор, да се зајакнe финансиската писменост на населението, да се подобри степенот на финансиска инклузија, а истовремено и да се обезбеди соодветна заштита за потрошувачите. Овој документ е изработен од Координациското тело на финансиските регулатори за финансиска едукација и финансиска инклузија, а под водство на Народната банка и со поддршка на Министерството за финансии на Холандија и Меѓународната мрежа за финансиска едукација при ОЕЦД (ИНФЕ-ОЕЦД).

    Стратегијата содржи 20 групи мерки и активности ‒ 8 во делот на финансиската едукација и 12 во делот на финансиската инклузија. За утврдување на овие мерки и активности, беа земени во предвид најдобрите меѓународни искуства и практики во оваа сфера, приспособени на потребите во македонската економија. За соодветна оценка на тековната состојба со финансиската писменост, во соработка со ЕФСЕ, а потоа и со ОЕЦД, беа спроведени две мерења. Исто така, наша определба е оваа стратегија да не е со краткотрајни, туку и со долгорочни ефекти, заради што беа земени предвид и очекуваните придобивки и предизвици од дигитализацијата и влијанието на технолошкиот развој врз финансискиот сектор.

    Стратегијата овозможува постигнување исклучителни резултати од коишто ќе има придобивки секој граѓанин и секоја компанија, но степенот на постигнување на резултатите зависи од посветеноста и на секоја регулаторна институција, но и на приватниот и граѓанскиот сектор. Верувам дека сите можеме да го вложиме максимумот во она што го зацртавме. За тимот на Народната банка можам и да гарантирам.

    Преку поставување јасни цели и насоки и преземање координирани напори за нивно остварување, верувам дека очeкуваните резултати и позитивните ефекти нема да изостанат.

    Пари: Заедно со Македонската банкарска асоцијација им дадовте насоки на банките и штедилниците за содржината, обликот и начинот на објавување на податоци за најрепрезентативните банкарски производи. Со која цел?

    Ангеловска-Бежоска: Целта е на граѓаните да им се обезбеди поголема достапност и поголема транспарентност на податоците за банкарските производи, а со тоа и поголема информираност и заштита на потрошувачите.

    Овој документ е прв и значаен чекор од спроведувањето на Стратегијата, со која е предвидено и зголемување на транспарентноста во работењето и објавувањето податоци за финансиските услуги од страна на целокупниот приватен финансиски сектор, вклучително и стандардизација на објавените податоци за ист вид услуга.

    Со Насоките се пропишуваат формата, начинот и податоците коишто се објавуваат за банкарските производи за населението, одделно, од страна на секоја банка и штедилница за нивните производи, наспроти претходната практика кога банките сами избираа кои податоци ќе ги објават за своите производи. Предвидено е условите, во ваква стандардна форма, да се објавуваат на видно назначено место на веб-страниците на банките и штедилниците, како и централизирано на веб-страницата на Народната банка и да се ажурираат редовно од страна на банките и штедилниците, а најмалку еднаш на секои три месеци.

    Објавата ќе ги опфати најрепрезентативните видови потрошувачки и станбени кредити за населението, како и најрепрезентативните видови депозити за населението кај банките и штедилниците. Покрај основните информации за банкарските производи, како рочноста, валутата и каматната стапка, предвидено е објавите да вклучуваат и дополнителни подетални информации, како што се висината на стапката на вкупните трошоци кај потрошувачките кредити и трошоците кои што не влегуваат во оваа стапка, видот на обезбедувањето и минималниот сооднос обезбедување/кредит кај станбените кредити, можноста за предвремено разрочување кај депозитите и други. Следствено, објавените податоци треба да овозможат подобар увид во условите понудени од страна на одделните банки и штедилници, како основа за носење одлука за избор на најсоодветниот производ, согласно со можностите и склоностите на потрошувачите.

    Веќе најавивме дека Насоките ќе почнат да се применуваат од банките и штедилниците од почетокот на август. Изминатите неколку недели засилено се работеше на завршувањето на активностите и со задоволство можам да кажам дека на веб-страницата на секоја банка и штедилница, а веќе во понеделник и на веб-страницата на Народната банка за сите банки и штедилници, овие податоци, преку унифицирани табеларни прикази ќе бидат достапни за граѓаните.

    Пари: Дали ова значи дека од понеделник сите граѓани на едно место ќе ги имаат најважните информации за потрошувачките и станбените кредити на сите банки?

    Ангеловска-Бежоска: Да, токму така –од понеделник, сите граѓани ќе имаат унифициран пристап до најважните информации за потрошувачките и станбените кредити на целиот банкарски систем. Најголемиот број банки и штедилници го објавуваа најголемиот дел од информациите и до сега, но не унифицирано, не на ист начин, не во иста табела. Сега, за секој граѓанин, овие информации ќе бидат достапни на ист начин, кај секоја банка и секоја штедилница. Значајно е да се истакне дека МБА и банките покажаа големо разбирање и целосно ја поддржаа оваа активност, со која настојуваме секоја банка и секоја штедилница да објавува избрана група информации што се од значење за формирање целосна слика за производот што се нуди.Со ова всушност ги насочуваме клиентите кон најзначајните аспекти кои што треба да ги имаат предвид при разгледувањето одделни кредити и депозити, заради избор на соодветен производ, истовремено водејќи сметка и за можните ризици.

    Мислам дека е важно што покрај на веб-страниците на банките и штедилниците, каде што информациите ќе се објавуваат поединечно, информациите за целиот банкарски системќе ги има и на веб-страницата на Народната банка.

    Пари: Што друго планирате за заштита на потрошувачите?

    Ангеловска-Бежоска: Заштитата на потрошувачите на финансиските производи е на високо место во целите зададени во Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија, како и во приоритетите на Народната банка. Унапредувањето на заштитата на потрошувачите е, исто така, заради зголемување на нивната финансиска инклузија.

    Предвидени се повеќе активности за заштита на потрошувачите, како од Народната банка, така и од другите финансиски регулатори. Овие активности и мерки се насочени кон: носење сеопфатна регулатива за заштита на потрошувачите во областа на финансиите, согласно со добрите практики на ЕУ; зајакнување на комуникацијата со потрошувачите заради подобро согледување на нивните потреби и реакција на нивните поплаки; финансиска едукација на потрошувачите за подобро разбирање на нивните права; разгледување на правните можности за разрешување на споровите,како и анализа на можностите за воведување финансиски правобранител.Исто така, ќе продолжиме со унапредувањето и на соработката со граѓанските здруженија кои што се активни во оваа област.

    Во Народната банка минатата година беше формирана Работната група за заштита на потрошувачите, со експерти од различни области, со што се потврдува нашата определба за засилување на активностите во оваа сфера. Оваа работна група всушност и ги изработи Насоките за стандардизираните податоци за основните производи на банките. Меѓу другите активности на Работната група, изработен е и посебен дел на веб-страницата на Народната банка за информации за потрошувачите, на кој покрај табелите со стандардните податоци по банки, ќе се објават и други содржини за потребите на клиентите на банките и штедилниците, вклучително и лица за контакт за поплаки во врска со одделни банки и штедилници, како и најчесто поставувани прашања од потрошувачите до Народната банка.Овој дел на веб-страницата, исто така, од понеделник ќе биде достапен за јавноста. Во иднина, овој дел на веб-страницата и натаму ќе се надградува, паралелно со активностите коишто ќе ги спроведуваме. Се разбира, продолжуваат и редовните активности за финансиска едукација на целни категории граѓани.

    Пари: И пред носењето на Стратегијата, финансиската едукација, подолг период, има висока позиција во агендата на Народната банка. Како и зошто финансиската едукација се најде во листата приоритети на Народната банка?

    Ангеловска-Бежоска: Глобалната финансиска криза упати на потребата од зајакнување на регулацијата и управувањето со ризиците од страна на финансиските институции, но исто така упати и на потребата од финансиски едуцирано население, кое ги разбира предностите од користењето на различните финансиски производи и знае да се заштити од потенцијалните ризици при нивното користење.

    Пред близу 10 години, Народната банка започна со активности за финансиска едукација, коишто постојано се развиваа и збогатуваа, како организирање предавања, обуки за обучувачи, изработка на голем број едукативни материјали за различни возрасни групи итн. Исто така, Народната банка ја зајакна соработката со останатите финансиски регулатори заради остварување заедничка мисија кон јасно дефинирани и мерливи цели во областа на финансиската едукација и финансиската вклученост. Резултатот на овие напори е Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација, кое што од пред две години со потпишување нов меморандум, опфаќа и финансиска инклузија. Заради соработка и заедничко ангажирање на приватните финансиски институции за финансиска едукација и финансиска вклученост, Народната банка има склучено Меморандум за соработка и со Македонската банкарска асоцијација.

    Со растот на финтек-индустријата, потребата од финансиска писменост на населението допрва ќе се зголемува. Новите технологии ќе понудат олеснет пристап до нови, поконкурентни финансиски производи или форми на финансирање на населението и малите претпријатија, како дополнителни извори на финансирање на економскиот раст. Сепак, покрај бројните придобивки, овој бран иновации со себе носи и нови предизвици, како за регулаторите, така и за приватните финансиски субјекти, но и за клиентите. Да не ја заборавиме една од извлечените поуки од кризата: полесниот пристап до финансиски услуги на краток рок нуди предности, но на долг рок може да доведе до преземање преголеми ризици, особено ако изостанува соодветно ниво на финансиска писменост од страна на населението. Затоа, финансиската едукација треба да се смета како доживотен, постојан процес, особено земајќи ја предвид сè поголемата сложеност на пазарите.

    Во Народната банка постојано сме им посветени на активностите во сферата на финансиската едукацијаи финансиската инклузија, а почнувајќи од оваа година тие се издвоени како посебна стратегиска цел во нашиот среднорочен стратегиски план.

    Пари: Колку е финансиски писмено нашето население, ако направиме споредба со другите земји од регионот или со развиените европски земји?

    Ангеловска-Бежоска: Пред изработката на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија, инициравме мерење на финансиската писменост во земјава, за да можеме да подготвиме релевантни мерки и активности. Согласно со методологијата на ОЕЦД, која што ги зема предвид финансиското знаење (познавањето на основните финансиски концепти, како камата, инфлација, ризици), финансиското однесување (редовност во плаќање на сметките, разгледување повеќе опции при избор на финансиските услуги) и финансиските ставови, населението кај нас оствари 56% од максималната вредност. Со овој резултат на финансиска писменост сме близу до земјите од регионот, но во споредба со развиените земји,тој укажува на простор за подобрување.

    Нашата цел е да подготвиме соодветни едукативни програми, коишто ќе ги намалат постојните јазови во финансиската писменост кај одделни групи население, а кои што се вообичаени во светски рамки и главно упатуваат на пониско ниво на финансиска писменост кај женската популација, кај лицата со пониско образование и помали приходи, кај помладите и повозрасните лица. Во Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија се предвидени мерки и активности за зголемување на финансиската писменост кај возрасното население, преку дефинирање целни групи, како женската популација, невработените и слично и разработка на неколку модули на курсеви заради нивно соодветно едуцирање и подобро информирање од областа на финансиите. Понатаму, се предвидува воспоставување основни компетенции за сите возрасни групи, односно дефинирање на основните знаења од областа на финансиите коишто е пожелно да се поседуваат, почнувајќи од предшколска возраст, потоа за учениците од основното и средното образование, како и за возрасното население. Исто така, преку поттикнување на сите потенцијални субјекти од приватниот и граѓанскиот сектор коишто може да спроведуваат финансиска едукација ќе се настојува да се зголеми опфатот на населението.

    Пари: Покрај финансиската едукација, во последно време фокусот го ставате и на финансиската вклученост. Колку нашето население има пристап до финансии и што се презема во насока на зголемување на вклученоста?

    Ангеловска-Бежоска: Пристапот до финансии или финансиска вклученост се поврзува директно со намалувањето на сиромаштијата и доходовната нееднаквост, одржливата финансиска стабилност и економскиот раст. Потребата за постигнување повисока финансиска вклученост е глобално прашање со оглед на проценките дека околу 1,7 милијарди од населението во светски рамки сѐ уште немаат пристап до банкарски систем.

    Податоците од платежната статистика на Европската централна банка и Народната банка, кои може да послужат за индиректно согледување на степенот на финансиска вклученост, упатуваат на потребата за вложување натамошни напори за зголемување на финансиската вклученост на населението и кај нас. Имено, според податоците за 2020 година, инфраструктурната покриеност со банкомати и уреди на физички места на продажба во земјата е релативно послаба во однос на ЕУ.

    Така, бројот на банкомати во земјата изнесува 483, додека пак бројот на уреди на физички места на продажба е 16.311, што е речиси двојно помалку од просекот на ЕУ каде тие изнесуваат 771 и 32.676, соодветно, на 1 милион жители.

    Бројот на платежни картички по глава на жител во земјата изнесува 1 картичка, што е исто така под просекот на земјите од ЕУ – 1,6. Во тој контекст, употребата на платежните картички за извршување на плаќања во земјата е значително пониска со состојбата во земјите од ЕУ. Така, во 2020 година биле реализирани 38 трансакции по глава на жител со платежни картички во земјата, наспроти 142 трансакции по глава на жител во ЕУ. Уште позабележителна е разликата кај користењето на кредитните трансфери, имајќи предвид дека македонските граѓани во просек извршиле 8,5 трансакции по глава на жител користејќи ги кредитните трансфери наспроти 71 трансакција по глава на жител во ЕУ.

    Оттаму, потребно е и се преземаат низа мерки за зголемување на финансиската вклученост, пред сѐ од аспект на законската регулатива и од аспект на зајакнување на комуникацијата со потрошувачите и транспарентноста. На пример, во Предлог-законот за платежни услуги и платни системи, чија примена се очекува да започне во текот на следната година, се предвидува и воведување платежна сметка со основни функции, која што ќе може да ја отвори секој граѓанин. Отворањето на сметката, како и неколку основни платежни услуги, за ранливите категории ќе бидат бесплатни, со што ќе се подигне степенот на финансиска вклученостза која што се залагаме. Исто така, решенијата во Предлог-законот ќе придонесат за либерализација и влез на нови даватели на пазарот на платежни услуги, пред сè од финтек-секторот, раст на конкуренцијата и поширок сет платежни услуги кои што ќе станат достапни за потрошувачите и компаниите.

    Пари: Пред почетокот на пандемијата за прв пат формиравте т.н. Порта за иновации, која беше целта и кои се резултатите од тоа?

    Ангеловска-Бежоска: Да, свесни за значењето на финтек-секторот, а следејќи ја практиката на централните банки на најразвиените економии во светот пред пандемијата воспоставивме т.н. Порта за иновации како платформа за комуникација на Народната банка со иновативната бизнис-заедница (финтек-секторот) и други релевантни институции. Народната банка настојува преку оваа платформа да им овозможи на финтек-компаниите да соработуваат со неа како финансиски регулатор надвор од постојната формална регулаторна рамка. Подготвени сме и да ја разгледаме потребата за евентуална промена на регулативата и за намалување на регулаторните ограничувања за влез на нови иновативни проекти, без да се наруши интегритетот на финансискиот сектор и без прекумерно преземање ризици.

    Од досегашната интеракција преку Портата, мора да се истакне дека има навистина голем интерес за финтек-индустријата, како од компаниите‒ странски и домашни, така и од физичките лица. Над 30% од субјектите кои што се имаат обратено преку Портата се од странство, што укажува на интерес на меѓународниот финтек-сектор за потенцијални странски вложувања во нашата економија.

    Пари: Дали и изминатата година во услови на ковид-19, продолживте со активности за поддршка на иновации во финансискиот сектор?

    Ангеловска-Бежоска: И покрај бројните предизвици со кои се соочивме минатата година, поради кои главното внимание им беше посветено на поддршката на економијата и зачувувањето на макроекономската стабилност, сепак продолживме и со активностите за поддршка на финансиските иновации. На пример, минатата година успеавме да спроведеме сеопфатна финтек-анкета во која учествуваа 220 испитаници (банки, компании коишто нудат финансиски услуги, компании за алтернативно финансирање, инкубатори, акцелератори, регулатори и државните институции), од кои близу 90% сметаа дека финтек-секторот може да донесе бројни придобивки за економијата. Притоа, како наjзначајни предизвици беа посочени регулативата за платните системи, големината на пазарот, капацитетот за спроведувањена стратегии за дигитална трансформација или развој на финтек-производи и финтек-услуги и финансиските средства за спроведување на ваквите стратегии.

    Врз основа на Анкетата беше подготвена Студија на случај, која што е основа за подетални дискусии со финансиските институции, регулаторите и други заинтересирани страни заради преземање натамошни активности за поддршка на финтек-развојот, како и за изработка на првата национална стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот.

    На наше големо задоволство, Европскиот фонд за Југоисточна Европа – ЕФСЕ ја издвои Народната банка како лидер во регионот на Западен Балкан во активностите за поддршка на развојот на финтек-секторот. Ние сме единствената земја од регионот чијашто централна банка го има мапирано финтек-екосистемот, односно јасно ги има утврдено чинителите и капацитетите за развој на овој сектор и во којашто централната банка веќе има иницирано подготовка на национална Стратегија за поддршка на финтек-секторот.

    Исто така, дел од експертите на Работната група за финтек-секторот во Народната банка од неодамна се вклучени и во работните групи за финансиски иновации формирани од Банката за меѓународни порамнувања – БИС, со што нашата централна банка ги следи и учествува во оформувањето на најновите меѓународни согледувања и регулативи за финтек-секторот.

    Пари: Што може да очекуваме од Народната банка во сферата на финтекот во периодот што следи?

    Ангеловска-Бежоска: Во периодот што претстои, нашата енергија ќе ја насочиме кон активности за повеќе прашања поврзани со финтек-секторот, преку координација со сите засегнати страни во екосистемот. Фокусот ќе го ставиме на отстранувањето на евентуалните регулаторни пречки за поттикнување финансиски иновации, но и обезбедувањето соодветна заштита на потрошувачите, а ќе ја разгледаме и можноста за обезбедување регулаторен простор за да можат компаниите да ги тестираат новите иновативни решенија во безбедно контролиран простор (англ. Regulatory Sandbox). Оваа регулаторна алатка има значителен потенцијал за поттикнување финансиско вклучување и за испраќање сигнал до учесниците во финтек-индустријата дека регулаторот е отворен за иновации. Сите овие прашања ќе бидат дел од првата Национална стратегија за финтек-услуги, којашто е планирано да се донесе на почетокот на идната година.

    Редакција Пари

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично