ПОВЕЌЕ

    И ТОА ГО ИМА: Четворица извршители биле во минус

    Време зa читање: 4 минути

    Додека некои од нивните колеги прават годишни профити од над 100.000 евра, или повеќе десетици илјади евра, четворица извршители минатата година ја завршиле во минус. Станува збор за Александра Заринска-Дуровска, Роза Родиќ, Горан Манојлов и Игор Антевски.

    Комората на извршители веќе крена тревога дека има извршители, особено во малите места, на кои не им се исплати да ја работат оваа работа. Но, каква е реалната слика на целиот „сектор извршители“? Порталот Пари веќе објави какви добивки заработиле 10-те извршители со најголем профит во 2021 година. Станува збор за годишни нето-добивки од 78.000 евра до над 130.000 евра. Во целиот сектор, односно кај сите 95 извршители кои имале добивки, завршиле 3,4 милиони евра профит. Наспроти нив, кај четворицата загубари, вкупната загуба изнесувала 12.630 евра. Податоците кои ги обезбеди порталот Пари, исто така, покажуваат дека дури 74 извршители од вкупно 99, лани имале добивка над 10.000 евра.

    Еве кои не добиле големи предмети (за да имаат и големи наплати):

    ИЗВРШИТЕЛИ – ЗАГУБАРИ ВО 2021 ГОДИНА

    ИзвршителЗагуба во 2021 год. (во денари)Загуба во 2021 год. (во евра)
    Александра Заринска-Дуровска7.368 120
    Роза Родиќ129.780 2.110
    Горан Манојлов270.645 4.400
    Игор Антевски371.037 6.000

    Извор: Комора на извршители

    ДУРИ ТРОЈЦА ЗАГУБАРИ СЕ ОД СКОПЈЕ

    Иако на тркалезната маса во Битола, од Комората на извршителите се пожалија дека има извршители, особено од помалите градови, кои не можат да работат рентабилно, податоците покажуваат дека тројца од четворицата загубари, се од Скопје.

    Извршителката Александра Заринска-Дуровска е од Скопје. Но, таа во овој бизнис влегла на први септември минатата година.

    И извршителката Роза Родиќ е од Скопје. Таа се кандидираше и за претседателка на Комората на извршители, но местото го доби сегашниот претседател Ванчо Марковски.

    Скопски извршител е и Игор Антевски, а само извршителот Горан Манојлов е од Кочани.

    КАКО ИЗВРШИТЕЛ СТАНУВА ЗАГУБАР?

    Извршителите имаат свои канцеларии, според закон назначен заменик, помошник, а можат да имаат и приправници. Канцеларијата на извршителот, сама по себе, има трошоци, а трошоци се прават и за постапките на извршување. Исто така, во расходната страна влегуваат и платите на извршителот и на неговиот тим, така што и тие се одземаат од вкупните приходи реализирани со наплатата на извршителите. Разликата, и тоа оданочена, ја прави нето-добивката, а кај овие четворица извршители ‒ загубата на крајот од 2021 година.

    Според Законот за извршување, извршителот за извршените дејства има право на:

    надоместок за обработка на предмет, трошоци за спроведени дејства, и награда за реализација на извршната исправа во согласност со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителот. Наградата за делумна или целосна реализација на извршната исправа, извршителот ја наплаќа од должникот во текот на извршувањето.

    Со последните законски измени, извршителот не може да претера во наплатата кога станува збор за комунални сметки, како што имаше безброј примери кои јавно беа споделувани во медиумите. Тој има граница, а таа е 20 % од главниот долг и каматата.

    „Вкупниот износ на надоместоци за спроведени дејства определени врз основа на став (1) од овој член за извршување на примено барање од доверител правно лице против должник физичко лице, за извршување на нотарски платен налог (за услуги кои произлегуваат од комунални дејности, топлинска енергија, електрична енергија, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште) со налог за извршување по член 141 (налог за извршување врз плата) или по член 149 од овој закон (извршување врз парично побарување кое по сметка кај банка му припаѓа на физичко лице), не може да надминат 20 % од главниот долг и каматата определени во извршната исправа. Во ограничувањата на висината на надоместоците не влегуваат трошоците за извршени три достави по пат на поштенска пратка и надомест за информација за трансакциска сметка на должникот од Единствениот регистар на трансакциски сметки“, пишува во Законот.

    Извршителите се жалат дека 80 насто од нивните предмети се за комунални услуги, а дека тарифите се мали, а, исто така, потенцираат дека не можат да наплатат услуга кај социјалните случаи.

    ЧИТАЈТЕ

    ПРВ ДЕЛ АНАЛИЗА: ЕКСКЛУЗИВНО:3,4 МИЛИОНИ ЕВРА ПРОФИТ СОБРАЛЕ ЛАНИ ИЗВРШИТЕЛИТЕ!

    Лектор: Христина Ангелеска

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично