ПОВЕЌЕ

    И ДО 60 ЕВРА ЗА СЕТ ЛЕЖАЛКИ: Поскапувањата не го одминаа Халкидики, еве на кои плажи важат новите цени

    Време зa читање: 3 минути

    Македонските граѓани, кои ова лето ќе се одлучат за годишен одмор на грчкиот полуостров Халкидики, ќе треба да се соочат, меѓу другото и со поскапи цени на лежалките на плажа. И годинава, како и претходните, цените зависат од плажата, како и од местоположбата – дали се во првиот ред, во вториот или поназад.

    Туристите што планираат одмор во Неа Флогита ова лето треба да очекуваат дека цената за првиот ред лежалки е околу 30 евра по сет, додека вториот ред е околу 20 евра. За лежалките кои се наоѓаат поназад честопати не се плаќа, но е потребно да се нарача нешто од бич-барот.

    За секој следен ред, според достапните информации, обично е доволно само консумирање на пијалок, што значи дека лежалките не се плаќаат одделно, туку е потребно да се нарача кафе, сок, вода или некој друг пијалок. Кога се наведува цената по сет, таа обично се однесува на две лежалки и чадор. Сепак, правилата може да се разликуваат од бар до бар, па затоа туристите треба да ги проверат условите пред да седнат.

    Зголемувањето на цените на лежалките не е забележано само во Неа Флогита. На Халкидики, значително повисоки цени се споменуваат и оваа сезона на популарните плажи, особено во првите редови до морето. Според податоците што ги добивме, на некои плажи комплет може да чини 40, 50, па дури и повеќе евра, во зависност од локацијата и „барот на плажа“.

    Еве ги цените на лежалки и во неколку други често посетувани места на Халкидики: Според nikana.gr, во Полихроно цените за сет лежалки дневно се движи од 20 евра – 60 евра, и тоа во прв ред: 50-60, втор ред: 40, трет: 30, четврти+: 20 евра. Во соседниот Ханиоти се плаќа од 20 евра по сет во мај и јуни, до 30 евра по сет во јули и август. Во Пефкохори сетот чини 20 евра сет со конзумација, во Криопиги 20 евра со вклучени 2 пијалака.

    На вториот крак, во Никити (плажа Versus) условот за гостите е минимум 50 евра потрошувачка (пред 1 јуни само 2 пијалака), додека во Vertigo минимумот е 40 евра потрошувачка. На популарната Калогрија комплет на две лежалки со чадор е 40 евра со 25 евра конзумација + бесплатен паркинг. На Каламици треба да се издвојат 20 евра за комплет, за што се добиваат два пијалака. На Лагониси во прв и втор ред 40 евра комплет на две лежалки со чадор за сонце чини во ред 30 евра, други 20 евра (+ конзумација). Во Вурвуру – прв ред 50 евра, втор ред 40 евра, трет ред 30 евра.

    Слични податоци претходно објави и Грчка Инфо, која наведува дека цените на лежалките и чадорите за сонце во Грција варираат многу од место до место, па туристите можат да најдат и поевтини и значително поскапи опции.

    И годинава важи правилото однапред да проверат дали цената вклучува пијалоци или дали потрошувачката се плаќа дополнително. Тука најчесто се јавува забуна, бидејќи некои барови наплаќаат за самиот комплет лежалки, додека други бараат минимална потрошувачка.

    За семејствата што планираат цел ден на плажа, разликата помеѓу првиот ред и последните редови може сериозно да влијае на дневниот буџет. Затоа многу туристи избираат подалечни редици, каде што е доволно да нарачаат пијалок, наместо да плаќаат за поскап сет покрај самото море.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично