ПОВЕЌЕ

    Хрватски „Project 3 Mobility“ привлече 100 милиони евра приватен капитал за проектот роботакси

    Време зa читање: 3 минути

    Со сто милиони евра прилив од приватните инвеститори, хрватската стартап фирма „Project 3 Mobility“ (P3), која го развива екосистемот на урбаната автономна мобилност, го затвори инвестицискиот круг од серијата А. Со овие вложувања ќе биде поддржан идниот развој и раст на компанијата со седиште во Загреб, која има и канцеларија за истражување и развој во Велика Британија.

    Основана во 2019 година и предводена од Марко Пејковиќ, компанијата спроведува проект за роботакси и развива сопствено автономно електрично возило, специјализирана инфраструктура и мобилен сервис. Со возилата без возачи, најавуваат, целосно ќе се смени начинот на функционир и користењето на превозот во поголемите урбани подрачја. Не само што улиците ќе станат побезбедни, туку тоа ќе има поволни влијанија врз целата планета.

    Во кругот кој донесе капитал од сто милиони евра учествуваше TASARU Mobility Investments, сопственост на Public Investment Fund (PIF) од Саудиска Арабија – еден од најголемите инвестициски фондови во светот. Всушност, тоа е и првата негова инвестиција во Хрватска. Претходно, P3 успеа да обезбеди инвестиции и од јужнокорејскиот производител на автомобили KIA.

    Други стратешки инвеститори кои го поддржуваат P3 се бугарската софтверска фирма „SiteGround“, хрватската ИТ компанија „Infinum“, како и „Rimac Group“, кој обезбедува технолошки решенија во секторите за мобилност и енергија. Дополнителни клучни инвеститори се „Neurone“, инвестициска групација фокусирана на напредни технологии и „Elaf Auto“, компанија со седиште во Катар.

    Освен тоа, средствата привлечени од странските инвеститори се повеќе од добиените како поддршка од ЕУ – 89 милиони евра.

    „Во текот на минатата година минавме низ долги процедури и длабински анализи, како во рамките на процесот за одобрување грантови од ЕУ, предводен од Европската комисија, така и во нашата потрага за привлекување приватен капитал. Успешното затворање на оваа инвестициска рунда означува уште една пресвртница во афирмирањето на вредноста на нашиот проект, кој ќе ја унапреди мобилноста и ќе го подобри квалитетот на животот во урбаните средини“, изјави главниот извршен директор Пејовиќ.

    Воедно, тој е уверен дека проектот на P3 ќе донесе значителни придобивки за Загреб и за Хрватска, но и за многу други градови ширум светот.

    Свежиот капитал P3 ќе го искористи за натамошен развој на сите елементи од проектот и за испорака на екосистемот за урбана автономна мобилност. Но, и за проширување на тимот, кој е интернационален. Со овој проект, кој ја менува индустријата на мобилност на глобало ниво, P3 придобил експерти од Германија, Данска, Италија, Кина и од Индија, кои поради ангажманот се доселиле во Хрватска.

    Плановите на компанијата за наредните две години се – следење на фазите преку кои ќе се реализира проектот и секако, привлекување странски капитал.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично