ПОВЕЌЕ

    ГТЦ пак во загуба – половина од приходите одат за плати, за 66 % повисоки трошоците за времени вработувања

    Време зa читање: 3 минути

    Градскиот трговски центар, еден од најпрепознатливите симболи на Скопје, и натаму не успева да излезе од зоната на загубите. Кај приходите лани се реализирал скромен раст, а минусот е намален на 298,9 илјади евра. Сепак, финансиските извештаи покажуваат дека најголемиот дел од приливите на средства се трошат за плати и за ангажмани на персонал, додека објектот, кој со децении го претставува срцето на градот, сè повеќе ја губи својата атрактивност.

    Во 2025 година оперативните приходи достигнале 4,2 милиони евра, или за 1,4 насто повеќе од претходната година. Главниот приход доаѓа од комуналии и одржување – околу 3 милиони евра, иако токму оваа ставка бележи пад од 3,2 отсто. Наспроти тоа, средствата прибрани од паркингот пораснале за речиси 26 насто, од скоро 550 илјади на 691 илјада евра, а приходите од закупнини се зголемиле за 7,6 насто и достигнале 413 илјади евра.

    Но, превагнуваат трошоците. За плати и други надоместоци за вработените биле потрошени близу 2,1 милион евра. Или, речиси половина од оперативните приходи. Само за бруто-плати се издвоени 1,96 милиони евра, за над 95 илјади евра повеќе од претходната 2024 година.

    А, интересна е и ставката – „Договори за привремено вработување“. Иако бројот на редовно вработените е намален од 211 на 196 лица, за времените ангажмани се исплатени 231,6 илјади евра, за дури 66,5 насто повеќе споредено со прекланските 139,1 илјада евра.

    Раст има и кај трошоците по основа на банкарските услуги, осигурувањето, адвокатските и нотарските услуги, како и кај надоместоците за членовите на Одборот на директори, кои се во износ од над 16 илјади евра.

    Позитивно е што оперативната загуба е намалена од 351,2 илјади на 235,8 илјади евра, како и загубата, која деловната 2025 е 298,9 илјади наспроти претходните 396,3 илјади евра. Впрочем, загубите кај ова јавно претпријатие се провлекуваат подолг временски период.

    ГТЦ со години е предмет на политички влијанија, односно претставува едно од претпријатијата за вработување кадри од владејачките коалиции. Трговскиот центар успеа да ја избегне барокната фасада што му ја намени владата на Никола Груевски во рамките на проектот „Скопје 2014“, но не не и партиските менаџменит како државно контролирано акционерско друштво, во кое државата преку АД за стопанисување со деловен простор поседува 97,58 проценти од акциите.

    Наместо да биде двигател на урбаниот и комерцијалниот живот во центарот на Скопје, ГТЦ и покрај својата атрактивна локација и значајниот недвижен имот со кој располага, не успева целосно да го искористи својот економски потенцијал.

     

     

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично