ПОВЕЌЕ

    ГОЛЕМИ КОЛЕКТИВИ, РАЗЛИЧНИ БИЗНИСИ: Кој ја движи вработеноста во Охрид

    Време зa читање: 3 минути

    Охрид, град со 38.818 жители според пописот од 2021 година, најчесто се поврзува со туризмот, езерото и културното наследство, но деловната слика е многу поширока. Во 2025 година, во 2.895 активни трговски друштва работеле 13.048 лица, што покажува дека локалната економија не живее само од сезоната, туку и од индустријата, производството, трговијата, комуналните услуги, металопреработувачката индустрија, прехранбениот сектор и хотелиерството.

    Тие компании во 2025 година оствариле околу 955 милиони евра вкупен приход, како и 76,7 милиони евра добивка. Зад овие бројки стои економија во која индустриските компании носат најголем финансиски товар, но листата на најголеми работодавачи открива и друга страна, односно дел од фирмите што вработуваат многу луѓе воопшто не се меѓу лидерите по приход и добивка.

    Анализата на Пари, во соработка со Бизнис мрежа, ги разгледува десетте компании со најголем број вработени во Охрид. Во нив во 2025 година работеле 3.252 лица, што е само 0,49 насто повеќе од претходната година, кога имало 3.236 вработени.

    На врвот е Костал Македонија, со 1.188 вработени, што е раст од 8,79 насто во однос на 2024 година. Костал не е само најголем работодавач во оваа категорија, туку е и лидер по приход и добивка во Охрид – со приход од 244,8 милиони евра и добивка од 7,6 милиони евра. Тоа ја прави една од ретките компании што истовремено доминира во сите три категории: приход, добивка и број на вработени.

    Втора е ЛТХ Леарница, со 530 вработени, иако бројот е благо намален за 1,30 насто. И оваа компанија се појавува во сите категории – има приход од 37,1 милион евра и добивка од 4,9 милиони евра, што покажува дека металопреработувачката индустрија останува важен столб на охридската економија.

    Потоа следува Жито Леб, со 295 вработени, но оваа компанија ја нема меѓу топ 10-те компании ниту по приход, ниту по добивка. Нејзиниот приход изнесува околу 8,9 милиони евра, што е значајно, но недоволно за влез во финансискиот врв.

    Интересна е и сликата кај јавните претпријатија. Охридски Комуналец има 250 вработени, но бројот е намален за 17,22 насто, што е најголем пад во оваа група. Компанијата не се појавува меѓу водечките компании ниту по приход, ниту по добивка, иако е една од побројните компании во однос на вработеноста. Слично е и со ЈП Водовод, каде што работеле 210 лица, но и ова претпријатие не е дел од финансиската листа на топ 10 компании.

    Во групата големи работодавачи се и ВИЕМИ З & З со 187 вработени, Питон со 178, ПЕ-Вреќи со 172 и Хотели-Метропол со 126 вработени.

    Од десетте најголеми работодавачи, само три компании се појавуваат и меѓу водечките компании по приход и добивка – Костал Македонија, ЛТХ Леарница и Топлина.

    Топлина е последна во категоријата по број на вработени и има 116 вработени, приход од околу 18,8 милиони евра и добивка од 2,3 милиони евра, што ја прави пример за компанија што со релативно мал број луѓе има силна финансиска позиција.

    Извор: Бизнис мрежа

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично