Главни акценти од првите шест месеци од 2020 година на Македонска берза

Датум на објава: 17.07.2020

Време зa читање: 6 минути

Податоците за берзанските движења за првите шест месеци од 2020 година се содржани во полугодишниот билтен на следниот линк

Вкупниот берзански промет по сите основи во првата половина на 2020 година изнесуваше околу 95 милиони евра, што претставува зголемување од 57% наспроти истиот период лани (61 милиони евра). Доколку се анализираат последните 5 години, може да се забележи дека ова е втор најголем вкупен берзански промет по 2018 година.

Истовремено прометот со акции во БЕСТ системот во првата половина од 2020 година изнесува околу 62 милиони евра и е за 124% поголем во однос на истиот период во 2019 година. Анализите покажуваат дека овој промет во класичното тргување е најголем во последните 5 години.  Истиот тренд се забележува и кај просечниот дневен број на трансакции  којшто во 2020 година е 120, додека просечниот дневен промет во првото полугодие од 2020 година изнесува околу 33 милиони денари.

Од 122 дена на тргување во првата половина од оваа година, 73 дена дневниот промет со акции бил над 20 милиони денари, додека 5 дена над 100 милиони денари.

Компаративната регионална анализа покажува дека акцискиот промет на Македонска берза (акциите се главен финансиски инструмент со коишто се тргува и на другите регионални пазари) во првиот семестар од 2020 година се повисоки во однос на берзите во Белград, Софија, Подгорицa, Сараево и во Бања Лука.

Перформансата на индексот МБИ10, што го мери општото ниво на цените на најликвидните 10 акции на Македонска берза, забележа значаен нагорен раст во последните 5 години, при што почнувајќи од 2016 година се регистрираат континуирани двоцифрени годишни порасти (16,45% во 2016, 18,92% во 2017, 36,64% во 2018 и 34,01% во 2019 година). Тој позитивен тренд на индексот МБИ10, под влијание на случувањата поврзани со вирусот COVID-19 и настанатата здравствена и економска криза во тековната 2020 година се промени. Во првата половина од 2020 година генерално сите регионални берзански индекси, исто така, бележат намалување, при што МБИ10 компаративно гледано е со доста помал пад во однос последниот ден на тргување во 2019 година. После нагласената ценовна корекција во март    (-22,47%), априлската перформанса беше во значаен плус (+23,2%), a почнувајќи од 6 мај до крај на полугодието (со исклучок на два трговски дена), се регистрираше извонредно мала осцилаторност на индексот (дневните движења на МБИ10 беа постојано во интервал од +-1%).

Прочитајте и ...  Џеф Безос продаде дел од своите акции и искешира 2,4 милијарди долари

Иако во првата половина од 2020 година се забележува надолна корекција на цените на акциите што се елементи на индексот МБИ10, анализата на движењата на поединечните акции од актуелниот состав на индексот во текот на последните 5 години покажува дека има значаен пораст во нивните пазарни цени.

Пазарната капитализација во 2020 година на 100 котирани компании бележи зголемување од 2,04% во однос на првата половина од 2019 година. Пазарната капитализација на котираните компании на 30.06.2020 година во однос на бруто домашниот производ изнесува 25%.

Најтргувани хартии од вредност во првата половина од 2020 година беа акциите издадени од Комерцијална банка, со вкупен промет по сите основи од 26,48 милиони евра, потоа следат акциите издадени од Алкалоид со вкупен промет од околу 13,23 милиони евра и акциите на Макпетрол АД Скопје со вкупен промет од околу 7,64 милиони евра. Учеството на промет остварен во БЕСТ системот на 10те акции во МБИ10 индексот во промет со акции од класично тргување во првата половина на 2020 година изнесува 93% .

Прочитајте и ...  Ќе има забрана на трансакции со кинеските сопственици на „TikTok“ и на „WeChat“

Вкупно котираните 100 акционерски друштва во првата половина од 2020 година преку СЕИНет објавиле 1246 информации во врска со собранија на акционери, одлуки на органите на управување, финансиски извештаи и други ценовно чувствителни информации.

Во првата половина од 2020 година беа објавени и финансиските резултати на котираните компании за првиот квартал од 2020 година. Од 100 котирани компании, 58 регистрирале добивка, 38 загуба, додека 3 компании не доставиле финансиски извештај. Вкупната прикажана добивка во Q1 2020 година е намалена за околу 15% споредено со истиот период лани.

Финансиските извештаи за работењето на котираните компании за првата половина од 2020 година, кога ќе може поцелосно да се види влијанието на настанатите состојби предизвикани од COVID-19, треба да се објават најдоцна до 31.08.2020 година.

Почнувајќи од јануари 2019 година, покрај обврзниците за денационализација, на Берзата котираат и континуираните државни обврзници. Досега се котирани 153 континуирани обврзници, со вкупна номинална вредност од 1.264.133.063 евра и е остварен промет од 208.929.720 денари преку 99 трансакции.  Приносот на обврзниците за денационализација се движи во рамките од 2,22% до 3,33%, додека приносот на континуираните котирани државни обврзници од 2,30% до 3,89%.

Во првата половина од 2020 година со оглед на настанатите околности предизвикани од вирусот COVID-19, а со цел да го поттикне користењето на дигиталните продукти и алатки што ги нуди, како и тргувањето од далечина, Берзата ги интензивираше своите активности во овој домен во комуникацијата со брокерите, издавачите и инвеститорите.

Во првата половина на 2020 година започнаа со реализација неколку стратешки проекти за Македонска берза со посредство на ЕБРД.


Тагови: акции, Македонска берза, показатели, тргување, хартии од вредност,

Facebook профил: pari.com.mk

Инстаграм профил: pari.com.mk

@pari.com.mk

© Преземањето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови и изјави во авторска сопственост на порталот pari.com.mk е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува. Секое преземање фотографија означена со лого, без претходна согласност со pari.com.mk, е строго забрането.


Сподели: