ПОВЕЌЕ

    ГИ СНЕМА ЛИ БОГАТИТЕ ВО ГРЦИЈА или само си го кријат богатството?

    Време зa читање: 3 минути

    Ако се гледаат официјалните податоци за приходи и имот, со кои располагаат надлежните државни органи, Грција има екстремно малку богати луѓе. Бројките од даночните декларации истакнуваат неколку грчки „особини“: На хартија, Грција речиси и да нема богати поединци. Само 27.000 даночни обврзници пријавуваат индивидуален приход поголем од 100.000 евра, додека четворица од 10 изгледа дека живеат со 5.000 евра годишно, пишува англиското издание на грчкиот весник Катимерини.

    Помалку од 15.000 сопственици имаат личен недвижен имот во вредност од повеќе од 1 милион евра, додека помалку од 70.000 клиенти на банки имаат големи депозити од над 100.000 евра.

    Од околу 300.000 правни субјекти кои работат во земјата, само 10.000 пријавиле оданочлива добивка поголема од 150.000 евра, што значи дека уште помалку (со оглед на тоа што корпоративниот данок на доход и задржаниот данок мора да се одбијат) можат да распределат заработка над 100.000 евра.

    Од друга страна, 235.000 фирми од приближно 300.000 – или осум од 10 компании – имаат или загуби или профит под она што сега го заработува работникот со минимална плата во Грција, а  тоа се 10.000 евра годишно, наведува весникот.

    Што покажуваат сите овие докази? Грција мора да ги открие и правилно да ги евидентира приходите, средствата и профитот, за даночната политика да биде дизајнирана со поголема правичност, заклучува Катимерини.

    ГРЦИ НА ЛИСТАТА НА ФОРБС

    Инаку, најбогатата Гркинка на планетата е Вики Сафра. Таа и нејзините деца сега вредат повеќе од 16,2 милијарди долари заедно, според индексот на милијардери на Блумберг. По смртта на нејзиниот сопруг Џозеф Сафра во декември 2020 година, таа стана матријарх на огромното богатство Сафра.

    За прв пат оваа година, Гркинката Марија Ангеликусис, 41-годишната директорка на Анџеликусис Шипинг Груп се најде на листата на Форбс. Таа е на чело на една од најголемите бродски компании во светот, а нејзиното богатство се проценува на 5,6 милијарди долари.

    Друго ново дополнување на листата на Форбс е семејството на Маријана Лацис, кое е на 1.804 место со богатство од 1,6 милијарди долари.

    На 905-то место е 61-годишниот Телис Мистакидис со богатство од 3,2 милијарди долари, особено благодарение на неговата долгогодишна активност во металниот сектор. На 1067 место е 69-годишниот Филипос Ниархос, со неговото богатство проценето на 2,8 милијарди долари и останува на стабилно ниво од 2018 година.

    На 1.905. место е семејството на Спирос Лацис, чие богатство изнесува приближно 1,5 милијарди долари. На листата се наоѓа и Иван Савидис, кој има руско државјанство, со богатство од 1,7 милијарди долари на позицијата 1.725.

    На листата на Форбс е и кипарскиот основач на EasyJet, познатиот бизнисмен Стелиос Хаџијоану, заедно со неговата сестра Клелија Хаџијоану, кои се на 2.540 место со богатство од по една милијарда долари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично