ПОВЕЌЕ

    Генерали Инвестментс: Пазарите мерени според различни толкувања на економските податоци

    Време зa читање: 7 минути

    Тимот на Генерали Инвестментс подготви резиме за актуелните настани кои влијаат врз пазарите на капитал.

    Американските потрошувачи ги одолговлекуваат големите набавки

    По многу позитивниот почеток на годината, при што инвеститорите се радуваа на намалувањето на инфлацијата во САД и ширум светот, расположението на пазарите беше стишено минатата недела. Релито на главните берзански индекси беше прекинато во средината на неделата, кога најновите економски податоци покажаа пад на индустриското производство во САД и особено неочекуван длабок пад на продажбата на мало кој падна за 1,1% во декември во однос на ноември. Тоа беше еден од поочигледните показатели за зголемена претпазливост кај американските потрошувачи откако инфлацијата се зголеми. Падот беше особено почувствуван кај дилерите на мебел и моторни возила и делови, што укажува дека потрошувачите особено се воздржуваат од големи набавки.

    Од друга страна, евентуалното продолжување на трендот на намалување на потрошувачката би значело помал притисок врз растот на цените, а како резултат на тоа централнит банки се поблиску до нивната цел за стабилизирање на инфлацијата. Токму поради тоа, полошите економски податоци од изминатата недела не се нужно негативни вести за берзите. Во наредните месеци може да очекуваме уште многу вакви ситуации, кога пазарите ќе одмерат различните толкувања на одредени економски податоци. Идеалното сценарио би било правилното ублажување на потрошувачката, така што инфлацијата барем приближно би се нормализирала, а во исто време економијата би избегнала значителна рецесија.

    САД минатиот четврток повторно ја надмина границата на долгот

    Покрај економските податоци, во САД се повеќе се зборува и за поделбата меѓу републиканците и демократите околу горната граница на јавниот долг. Претходната граница од 31,4 трилиони долари беше надмината минатиот четврток. Затоа, американското Министерство за финансии започна да спроведува вонредни мерки за да се избегне банкрот во САД, додека не се постигне договор за зголемување на дозволената граница. Тоа е многу почеста ситуација отколку што изгледа на прв поглед, бидејќи долгот е веќе зголемен 78 пати од 1960 година, последен пат во декември 2021 година. Договорот за зголемување на лимитот мора да биде одобрен од американскиот Конгрес и е чест предмет на сопнување меѓу двете страни. И покрај тензичната политичка ситуација во САД, на пазарите нема паника, бидејќи двете страни секогаш постигнувале договор (иако во последен момент).

    Колку е одржлив растот на технолошкиот сектор?

    Повторно голема прашина кренаа најголемите компании од IT секторот, каде што не поминува недела без да се прочита за масовни отпуштања. Во текот на изминатите неколку дена, во Мајкрософт и Гугл беа најавени отпуштања на повеќе од 10.000 вработени. Водачите на технолошките гиганти признаваат дека зголемувањето на апетитите во IT секторот за време на бумот во короната не се засновало на реални перспективи. Но, стои и прашањето колку е одржлив растот со нешто пониски, но сепак многу над просечните стапки на кои бевме навикнати во технолошкиот сектор од крајот на кризата во 2008 година до 2020 година. На долг рок, пазарните сили порано или подоцна почнуваат да ја туркаат индустријата кон просечна траекторија на економски раст. Оваа и следната недела, IT гигантите ќе ги објавуваат квартални резултати, почнувајќи со Мајкрософт.

    ЕЦБ ќе продолжи да ја зголемува каматната стапка

    Повнимателни беа и инвеститорите во европските акции во однос на првите две недели од годината. Во својот говор на Светскиот економски форум во Давос, гувернерката на ЕЦБ, Кристин Лагард, предупреди дека финансиските пазари погрешно очекуваат дека малку пониските бројки на инфлација во последниот период ќе бидат доволни да го променат размислувањето на централните банкари. Слично, можеме да прочитаме и од записникот од декемврискиот состанок на ЕЦБ, објавен минатата недела, каде што неколку претставници се залагаа за поголемо (0,75%) зголемување на каматната стапка. Тие се согласија на помалку агресивно зголемување од 0,5% дури откако останатите претставници се согласија да поддржат дополнително заострување на монетарната политика на идните состаноци. Европските индекси малку загубија на неделно ниво, но сликата за почетокот на оваа година останува позитивна.

    Кинеските берзи затворени оваа недела

    Четврта недела по ред кинеските берзански индекси ја затворија неделата во зелено. Економската перспектива на Кина се подобрува, а владата вети дека ќе се фокусира на оживување на економскиот раст оваа година преку зајакнување на потрошувачката и инвестициите. Оваа недела кинеските берзи остануваат затворени поради прославата на најголемиот национален празник Лунарната Нова година, што ќе ја намали активноста на азиските пазари на капитал.

    СОВЕТИ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ

    Макроекономските податоци, со исклучок на инфлацијата, се релативно слаби и укажуваат на рецесија. Но, бидејќи пазарот на трудот останува многу силен, шпекулациите за идната монетарна политика остануваат многу широки, иако се зајакнуваат очекувањата за непосреден крај на зголемувањата на каматните стапки. Промената на политиката на централните банки и покрај нивната различна реторика, останува фактор на пазарите на капитал, а ова оптимистичко сценарио претставува ризик за пазарите. Ликвидноста останува добра и му дава поддршка на пазарот, но за нагорно движење ќе бидат потребни нови и пред се пооптимистички информации. Започна сезоната на објавување резултати за последниот квартал од 2022 година, но главно ги чекаме прогнозите за 2023 година. Ова може да биде извор на оптимизам или песимизам. Забрзаното влошување на макроекономските податоци и брзото лизгање кон рецесија, ќе го потресе пазарот. Отворањето на Кина дава надеж, но влошувањето на кинеските податоци од друга страна покажува дека оваа рецесија на развиените пазари нема да можеме да ја решиме на ист начин како во 2008 година, со растот на кинеската економија. Акциите, со оглед на сите предизвици и очекуваните промени, не се евтини, но одредени сегменти на пазарот сè уште нудат можности, бидејќи иднината или очекувањата на инвеститорите за тоа како треба да изгледа иднината се менуваат многу брзо. Препорачуваме да се задржи долгорочен пристап со периодични зголемувања на инвестициите, што се покажа дека дава добар одговор и најдобар резултат во услови на поголема нестабилност и привремена неизвесност. Диверзификацијата на портфолиото останува клучен двигател за одржување и зајакнување на заштедите. Комбинација од акциски фондови како што се Генерали Топ Брендови, Генерали Америка и паричниот фонд Генерали Кеш Депозит, ги нуди најдобрите решенија за сложениот коктел на актуелната политичка ситуација и економското опкружување. Тоа исто така носи одредени можности. Оние кои имаат поголема позиција во технологијата или одредени други сегменти во нивното портфолио можат да го искористат овој пораст за да ги реконструираат своите портфолија. Генерали БРИК сепак, останува многу шпекулативна инвестиција, бидејќи кинеската држава редовно и често ја менува сликата за иднината што ја предвидуваат инвеститорите, што со себе носи силни флуктуации. Обврзниците ја имаа најлошата година (2022) во последните 50 години. Не веруваме дека тоа може да се повтори во 2023 година, напротив, полека ќе почне да се гради можност за инвестирање. За трпеливите инвеститори ова се моментите за почнување на градење на позиции. Времињата се непредвидливи и ќе се појават можности. Последното отскокнување покажува дека пазарот е непредвидлив и дека се потребни постепени и методички чекори во прилагодувањето на инвестициското портфолио, бидејќи чекањето за оптимален момент води до можност за пропуштање на силни скокови. Отскокнувањето не значи дека кризата е завршена и дека не е можно ново дно. Тоа само покажува дека да се биде премногу самоуверен во една приказна и како резултат на тоа да се има неизбалансирано портфолио може да биде опасно.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично