ПОВЕЌЕ

    Finance Think: Проекцијата за годишен раст на БДП намалена на 1,7 проценти

    Време зa читање: 3 минути

    Во вториот квартал од годинава БДП се зголеми за 1,1 процент на годишна основа (сезонски прилагоден раст од 1%), што претставува забавување на економската динамика во однос на претходниот квартал, се вели во последниот Макроекономски монитор на Finance Think.

    Растот на личната потрошувачка од 1,6 насто е релативно солиден но забавен, а бруто инвестициите забележуваат помал пад од претходно – 1,2 отсто. Па, се посочува во анализата, забавувањето на вкупната економска активност главно е под влијание на намалувањето на извозната активност (-1,2%). Падот е во линија со забавената активност и негативните стапки на раст на економиите од главните трговски партнери.

    „Сепак, секторски, само градежништвото забележа драматичен пад од 21,8 отсто, додека другите сектори растеа со слична или побрза динамика споредено со крајот од претходната и почетокот од годинава“, наведено е во извештајот.

    За јавната потрошувачка се вели дека ја продолжи патеката на консолидација (-2,7%), но буџетскиот дефицит во првото полугодие изнесува 5,8 отсто од БДП, што е над годишната проекција од 4,6 проценти.

    Невработеноста во вториот квартал од 2023 изнесува 13,1 процент, што е благо намалување во однос на претходниот квартал (13,3%), рефлектирајќи присутна стагнација и на пазарот на труд. „Сепак, вработеноста благо се зголеми на 45,5% од 45,1% во претходниот квартал, додека активноста на пазарот на труд на 52,4% од претходните 52%“, анализираат од Finance Think.

    Во вториот квартал од годинава инфлацијата забави на 11,2 проценти на годишна основа, од 16,1 процеент во претходниот квартал. Притоа се вели дека забавувањето е водено од спласнувањето на глобалните притисоци кај цените на енергијата и на повеќе групи храна, но со продолжени глобални ризици кај некои примарни производи.

    За базичната инфлација, пак се укажува дека „и понатаму покажува значајна упорност, што налага затегнатост на монетарната политика и внимателност на фискалната политика“. Кон тоа се додава дека одредени домашни ценовни притисоци се уште се присутни во сегментот храна како одраз на корпоративни и трговски практики, и налагаат мерки во доменот на политиките за заштита на конкуренцијата.

    „Тенденциите за забавена економска активност, очекувани во претходниот макро-монитор, веќе се материјализираа во вториот квартал од 2023 и се очекува да опстојат и во следните квартали. Економијата е под значаен ризик од понатамошно забавување. Finance Think ја намалува проекцијата за раст на БДП во 2023 на 1,7% (од претходните 2%), а проектираниот раст на цените благо се зголемува на 9,7%“, се заклучува во анализата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично