ПОВЕЌЕ

    Екстремните горештини во Швајцарија ќе удрат и врз економијата  

    Време зa читање: 7 минути

    Ни вечно зелената и свежа алпска држава не е поштедена од климатските промени. Пејзажот сѐ повеќе оди кон златножолтиот спектар, а високите температури и долготрајните топлотни бранови не само што им сe закануваат на столетните глечери, туку претставуваат ризик и за земјоделието, енергенсите и целата економија.

    Според првичните анализи, високите температури влијаат и врз инфраструктурата, производството на енергија како и врз цените на производите за секојдневна употреба. Некои малопродажни синџири веќе најавуваат поскапувања.

    Горештините го намалуваат производството на нуклеарна енергија

    Високата температура на водата во реките може да го ограничи капацитетот за ладење на нуклеарните централи. Така, енергетската компанија Aкспo на 26 јуни ги исклучи двата реактора во Бецнау во кантонот Аргау, бидејќи температурата на реката Аре, која се користи за ладење, достигнала 25 степени.

    Дури еден месец подоцна реакторите повторно бea приклучени на електричната мрежа, но со намалена моќност. Овие мерки се неопходни за заштита на речниот екосистем и за заштита на животната средина.

    Уште во јули 2025 година, нуклеарната централа Бецнау привремено го прекина производството на електрична енергија поради високата температура на водата.

    И Франција ова лето мораше времено да исклучи три од своите 57 реактори. Уште осум работеле со намалена моќност.

    Во една студија што француската државна енергетска компанија EDF ја спровела во две централи долж реките Меза и Гарона, се проценува дека зголемувањето на температурата на водата и намалувањето на протокот на реките, предизвикани од климатските промени, до 2050 година ќе ја намалат продуктивноста на реакторите за околу 2 проценти годишно.

    Исклучувањето на реакторите предизвикува загуби за операторите на електраните, кои не можат да продаваат електрична енергија неколку дена или недели. Сепак, последиците не се алармантни, бидејќи цените на електричната енергија во лето се пониски.

    „Ако горештините продолжат, економските последици за снабдувачот со енергија можат да станат значителни“, предупредуваат од Институтот за енергија при Високата школа за инженерство и менаџмент на кантонот Вод.

    Вода на шините во најжешките денови

    Во јавниот транспорт, екстремните горештини можат да предизвикаат ширење на челикот од кој се направени шините, поради што шините и скретниците може да се деформираат. Исто така, може да се појават проблеми со контактната мрежа која ги снабдува возовите со електрична енергија, што може да го наруши железничкиот сообраќај.

    Во јуни, Швајцарските железници (SBB) регистрирале проблеми предизвикани од горештините во железничката инфраструктура и кај возниот парк, како што е прегревањето на погонските мотори. Според SBB, почесто се појавуваат дефекти и кога климатизациските системи работат со максимален капацитет.

    Железничкиот сообраќај во Швајцарија досега остана стабилен, иако имаше доцнења. Во Франција, пак, националната железничка компанија откажала десетици возови, вклучително и некои на брзите железнички линии.

    За да ја заштитат железничката инфраструктура во текот на летните топлотни периоди, SBB со цистерни прскаат вода врз шините и железничкиот насип. Во иднина планираат и дрвените прагови да ги заменат со бетонски, бидејќи бетонските подобро го поднесуваат ширењето на шините.

    Водата за пиење подложна на ширење на микроорганизми

    Кристално чистите швајцарски реки и водните површини стануваат сè потопли. На почетокот на јуни, температурата во малите и средните езера веќе била околу 30 степени. Езерата ова лето се загреале и до седум степени повеќе од просекот за периодот од 1983 до 2024 година.

    Овој феномен не ги загрозува само рибите, туку и квалитетот и безбедноста на водата за пиење. Заедницата на водоводни претпријатија Боденско Езеро–Рајна (AWBR) предупредила дека повисоките температури го поттикнуваат размножувањето на микроорганизми, како што е легионелата. Во Базел неодамна од оваа бактерија имаше 28 заразени со еден смртен исход. Причина за инфекциите биле разладувачките уреди во една стоковна куќа кои преку микро водена прашина ја пренеле заразата.

    Во Швајцарија, законски пропишаната максимална температура на водата за пиење е 25 степени и таа не смее да биде надмината. Сепак, оваа граница денес веќе не може да се почитува насекаде. Околу 20 проценти од водата за пиење што се користи во Швајцарија потекнува од езерата.

    Дополнително, намалувањето на нивото на водата во реките во текот на летото, при непроменет доток на загадувачи, доведува до повисоки концентрации на пестициди, индустриски хемикалии и остатоци од лекови.

    Овошјето и зеленчукот стануваат поскапи и со послаб квалитет

    Поради топлотниот бран, производителите на овошје и зеленчук мора да наводнуваат повеќе отколку во „нормално“ лето. Тоа влијае врз трошоците за производство.

    „Останува да се види дали овие дополнителни трошоци ќе можат да бидат надоместени преку пазарот“, велат од Швајцарското здружение за трговија со овошје и зеленчук.

    Швајцарското здружение на производители на зеленчук планира да бара повисока продажна цена. „Производителите на зеленчук треба да добијат соодветен надомест за дополнителните трошоци за наводнување“, велат од енсафот.

    Малопродажниот ланец маркети Мигрос соопшти дека досега нема воведено зголемувања на цените поврзани со горештините. Ланецот маркети Кооп, пак, очекува последиците од топлотниот бран во наредните недели да се одразат врз цените.

    Швајцарскиот земјоделски сојуз (SBV) очекува намалување на квалитетот на овошјето и зеленчукот, но не и целосно пропаѓање на жетвата. Од зеленчукот, најмногу би можеле да страдаат компирите. Тие би можеле да останат ситни, неисплатливи или дури и непродажни.

    За земјоделските култури што се жнеат наесен, како што се сојата, сончогледот и пченката, ситуацијата веројатно ќе биде значително потешка.

    „Тие многу страдаат, и поради недостигот на вода и поради високите температури“, велат од Швајцарското здружение на производители на жито.

    Ризици по здравјето

    Годинешниов летен топлотен бран што ја зафати Швајцарија, достигна  температури до 39 степени во низинските предели.

    Во јужниот кантон Тичино, во северозападна Швајцарија и во регионот околу Женевското Езеро, според МетеоСвис, најмалку до 5 август беше во сила предупредувањето за топлотен бран од највисокото ниво -4.

    Швајцарските лекари предупредуваат дека екстремните горештини ја намалуваат способноста на организмот да ја одржува телесната температура и го зголемуваат ризикот од дехидрација.

    Во тешки случаи, тие можат да предизвикаат топлотен удар, состојби на збунетост и нарушувања на кардиоваскуларниот систем, кои кај ранливите лица можат да бидат и смртоносни.

    Во последните неколку лета, околу 500 смртни случаи годишно во Швајцарија се поврзуваат со високите температури, според проценките на Швајцарскиот институт за тропско и јавно здравје.

    Помалку заболувања предизвикани од крлежи

    Сепак, продолжените горештини и сушата немаат само негативни последици. Тие, всушност, би можеле да го ограничат размножувањето на крлежите и јапонскиот бумбар.

    И двата вида инсекти се сметаат за опасни: крлежите за луѓето, а јапонскиот бумбар за растенијата.

    Крлежите не ја сакаат топлината и сувото време, нагласува Швајцарската сојузна канцеларија за јавно здравје (BAG). Високите температури би можеле да влијаат врз намалување на болестите што ги пренесуваат овие животни, особено ранолетниот менингоенцефалитис и борелиозата (позната и како Лајмска болест), кои се прилично чести на ова поднебје.

    За јапонскиот бумбар кој е доселен во Швајцарија и чија наезда ги напаѓа културите како лозјата, овошките, пченката, температурите меѓу 21 и 35 степени се оптимални.

    Сепак, овие услови не се идеални за развојот на нивните ларви, кои тешко преживуваат во суви почви.

    Според експертите, комплетното влијание на горештините врз живиот свет, енергенсите и економијата со сигурност ќе може да се процени дури во наредната сезона.

    Подготви: Мимоза Петреска Георгиева

    (Дописник на Пари од Швајцарија)

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично