Речиси една година по преземањето од српската АЛТА Груп и ребрендирањето, Алта банка Битола продолжува со трансформацијата на своето работење. Во првата половина од годинава ја зголемила кредитната активност за 20,6 насто, депозитите за 5,4 насто и вложувањата во хартии од вредност, додека финансискиот резултат останува под влијание на процесот на преструктурирање.
Првото годинешно полугодие го завршила со нето-загуба од 20,4 милиони денари или 332 илјади евра, наспроти добивката од над половина милион евра што ја оствари во истиот период лани.
Од Банката нагласуваат дека негативниот резултат е очекуван и е значително подобар од планираниот, бидејќи загубата е за 73 отсто помала од деловниот план за годинава. Според менаџментот, причините не се во влошено работење, туку во стратегијата за темелно преструктурирање на кредитното портфолио, построги критериуми при одобрување нови кредити и решавање на нефункционалните пласмани, како и во зголемените инвестиции во човечки ресурси.
Ова се одразило и врз приходите. Нето-приходите од камати се намалени за речиси 10 отсто и се во износ од 2,7 милиони евра. Од провизии и надоместоци се обезбедени 475 илјади евра, односно овие приливи се пониски за 10,6 отсто.
Од друга страна, забележани се повисоки приходи (+ 16,94 %) од курсни разлики кои достигнале 167,3 илјади евра, како и позитивен ефект од ослободување на исправките на вредност на финансиските средства.
Значителен товар за резултатот претставуваат и исправките на вредност на преземениот имот, поради што Банката евидентирала загуба од 526,6 илјади евра кај нефинансиските средства. Во исто време, трошоците за вработените се зголемени за 27,2 насто, а останатите оперативни расходи за повеќе од 31 насто, што Алта банка го поврзува со стратегијата за раст и развој по промената на сопственичката структура.
И покрај загубата, Алта банка останува силно капитализирана. Стапката на адекватност на капиталот на крајот од јуни изнесува 27,55 насто, а ликвидната актива учествува со 43,75 отсто во вкупната актива – нивоа што, според Банката, се значително над просекот на банкарскиот сектор.
Основата за банкарското работење – депозитите на граѓаните и компаниите во првото шестмесечие се зголемиле за 5,4 насто. Од 146,2 милиони евра на 154,1 милион евра.
Зголемена за 20,6 насто е и кредитната поддршка дадена на клиентите, која достигнува 74,6 милиони евра.
Исто така повисоки (+ 3,5 %) се и вложувањата во хартии од вредност, кои на крајот од првото полугодие се во износ од 39,4 милиони евра.
Во извештајот се наведува дека во второто полугодие банката ќе продолжи со проширување на кредитната активност, зголемување на депозитната база и развој на дигиталните услуги, при што ќе се потпира и на искуството и ресурсите на матичната Алта банка од Белград. Таа банка се смета за една од најбрзорастечките и најиновативните банки во Србија, со силен фокус на дигитализација и модернизација на банкарските услуги.
M.A.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








