ПОВЕЌЕ

    ЦАРИНИЦИТЕ ГИ „ЧЕШЛААТ“ ПЛОВИЛАТА НА ОХРИДСКО: Контролите ја зголемија наплатата на увозните давачки

    Време зa читање: 2 минути

    На Охридското Езеро повеќе не се проверува само дали пловилата безбедно се движат по вода, туку и дали зад нив стои чиста царинска документација. Засилените контроли на Царинската управа и Министерството за внатрешни работи веќе почнале да се чувствуваат и во наплатата, сè повеќе сопственици на пловни објекти внесени во земјава со привремен увоз ги плаќаат увозните давачки.

    Во последната координирана акција биле проверени 38 пловни објекти на Охридското Езеро. Царинските службеници го проверувале статусот на пловилата, но и лицата што управувале со нив, со посебно внимание на оние што во земјава влегле под режим на привремен увоз.

    Од Царинската управа оценуваат дека ваквите акции веќе даваат конкретен резултат.

    „Во изминатиот период се забележува зголемена активност на платени увозни давачки за пловни објекти кои биле внесени со привремен увоз, што укажува дека контролите даваат ефект“, изјави управникот на Царинарница Битола, Ѓоко Трпоски.

    Во фокусот на цариниците се пловилата што биле внесени во државата привремено, а чиј статус мора да биде регулиран во согласност со царинските прописи. Ваквите пловни објекти можат да се користат во земјава во законски утврден рок, но откако тој ќе истече, сопственикот има две можности – пловилото повторно да ја напушти државата или да биде увозно оцаринето и за него да се платат предвидените давачки.

    Токму околу исполнувањето на овие обврски се концентрирани засилените проверки на Охридското Езеро. Со нив, Царината настојува да утврди дали пловилата што престојуваат и се користат во земјава имаат соодветен правен и царински статус.

    Контролите се спроведуваат согласно Царинскиот закон, Законот за внатрешна пловидба и останатите прописи што го регулираат увозот, прометот и управувањето со пловни објекти.

    Акцијата со проверените 38 пловила нема да биде последна. Началникот на Одделението за оперативни работи во Царинската управа, Душан Размовски, најави продолжување на засилените контроли од страна на мобилните царински тимови.

    Пораката до сопствениците на пловила е дека непочитувањето на законските обврски може да повлече прекршочни санкции, а во одредени случаи како мерка е предвидено и одземање на пловниот објект.

    Зголемената наплата на увозните давачки, според Царината, е првиот показател дека присуството на контролите на терен ги поттикнува сопствениците навреме да го регулираат статусот на пловилата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично