ПОВЕЌЕ

    Економските врски посилни од географската оддалеченост – Потпишан Меморандум меѓу ТИРЗ и ЏЕТРО

    Време зa читање: 4 минути

    Заеднички активности за промоција на инвестициските можности и за унапредување на соработката меѓу компаниите во повеќе сектори предвидува Меморандум за соработка чии потписници се Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) и Јапонската организација за надворешна трговија (ЏЕТРО).

    „Денешниот ден е еден чекор напред кон унапредување на нашите билатерални односи со Јапонија, бидејќи претставници на водечки јапонски компании се дојдени за да ја запознаат нашата земја и можностите за развој на нивните бизниси кои нашата држава ги нуди“, посочи вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи.

    Притоа, потсетувајќи дека во текот на изминатите три децении двете држави одржуваат пријателски односи, нагласи дека постои простор за нивно унапредување во делот на економската соработка.

    „Сакаме да ја надминеме географската оддалеченост и да создадеме посилни економски врски. Ги претставивме можностите за инвестирање кои ги нудиме согласно законската регулатива, од финансиска поддршка за отворање работни места и капитални инвестиции до поддршка за истражување и развој“, рече Битиќи.

    Спорд него, географската локација на Северна Македонија и нејзината близина до Европската унија дава стратешки предности во делот на привлекувањето нови странски инвестиции.

    „Нашата држава е со стратешка локација, близина и пристап до единствениот пазар на ЕУ, а нашата легислатива е во голема мера усогласена со онаа на Унијата, на тоа во последниве неколку години засилено се работеше и се работи. Северна Македонија е посакувана дестинација како за јапонските, така и за други светски инвеститори“, наведе Битиќи, укажувајќи дека 2022 беше година со рекордни странски инвестиции од 753,8 милиони евра, што е доволен показател за зрелоста на нашата економија и бизнис опкружувањето.

    Воедно, истакна дека Македонија повеќе не е земја на евтина работна сила, туку на странските инвеститори им нуди висококвалификувани работници со достоинствени плати.

    „Од друга страна пак, заштитени се и нашите граѓани, нашите работници, нашиот највреден капитал, човечкиот капитал. Бидејќи оваа држава од 2017 наваму веќе не е земја на евтина работна сила, туку земја на високо квалификувана, добро платена и конкурентна работна сила“, рече Битиќи.

    Меморандумот го потпишаа директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски и директорот на ЏЕТРО од Виена, Татсуо Камино. Потпишувањето се направи во месец кога се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Јапонија и Македонија.

    Освен од Камино, јапонската делегација е предводена и од генералниот директор на јапонското Министерство за економија, трговија и индустрија,Такехико Матсуо. Во составот се и претставници на 11 познати јапонски компании, кои во следните три дена ќе имаат средби со студенти од ФИНКИ, со претставници на старап компании кои се дел од програмите на Фондот за иновации и технолошки развој, како и со претставници на големи компании во рамките на Стопанската комора на Македонија.

    „Еден од столбовите на Меморамдумот што го потпишавме денес е можноста за промоција на македонски и јапонски компании во проектите за обнова на Украина. Тоа што имавме можност летоска при посетата на Јапонија да го разбереме е дека има сериозен интерес посебно од големите јапонски банки да ги финансираат овие проекти кои очекуваме дека набрзо ќе се случат по завршувањето на конфликтот така што еден од фокусот на посетата е токму тоа – разговор меѓу македонските и јапонските компании како да се искористи нашето искуство и нашата блискост на овие пазари и нашите компании заедно со јапонските компании да добијат дел од тој колач на реконсрукција“, нагласи директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

    Инаку, со Меморандумот се очекува да се воспостави и поблиска соработка меѓу македонските и јапонските компании особено во делот на иновациите и полесен влез на јапонските компании во земјава.

    Ова е втора посета на ЏЕТРО на земјава. Првата беше остварена во 2019 година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично