До неодамна најголемиот акционер во „Македонијатурист“, Доне Таневски, го сведе сопственичкиот удел на нешто повеќе од десет проценти. Тие 7,03 проценти кои повеќе ги нема, му донеле 7,2 милиони евра. „Скопски пазар“ успеа да стекне речиси двојна предност. Се редат ли последните делчиња од мозаикот во сопственичката структура на хотелско-угостителската компанија, која последниве месеци е мета на индивидуални и групни интереси?
На Македонска берза има осум информации кои упатуваат на настанатите промени. Две се ососбено интересни. Почнуваме со таа во која се известува за акционерскиот статус на првиот човек на Надзорниот одбор, чие име повеќе децении, од уште од времето на некогашна Југославија, се врзува за оваа фирма од хотелскиот бизнис.
„…Известуваме дека Доне Таневски, претседател на Надзорен одбор на Македонијатурист АД Скопје, продаде 31.796 обични акции издадени од Македонијатурист АД Скопје и сега поседува 48.364 обични акции, односно 10,69%“.
Оваа објава може да се поврзе со една, односно со последната, од 13-те блок-трансакции за кои Пари пишуваше на почетокот од неделава. Тоа беше блок, забележлив не само по бројот на акции, туку и по највисоката досега постигната цена. За секоја од овие акции на Таневски му се платени по 13.964 денари. Вкупно 443.999.344 денари. Или, 7,2 милиони евра.
И, официјално, фирмата која има под свое 12 зелени пазари и издава деловен простор, е најголемиот акционер во „Македонијатурист“. Од компанијата информираат:
„Согласно член 38 став 2 од Правилата за котација на Македонска Берза АД Скопје, известуваме дека акционерот Скопски пазар акционерско друштво за услуги во прометот и трговијата увоз-извоз Скопје купи дополнителни 7.936 акција и сега поседува 86.166 акции, односно 19,05% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД“.
Познато е, сопственици на „Скопски пазар“ се „Современ дом“ на Ацо Дудулоски и ЗСФ-КОМ на Фатмир Етеми. Тие го купија и пакетот што Сава пензиски фонд го имаше во „Македонијатурист“ – 44.449 акции (9,83%) за 7,3 милиони евра.
Сопственичкиот удел во „Македонијатурист“ го зголемила и „Промедика“. Во информацијата се наведува дека „акционерот Друштво за трговија, производство и услуги Промедика дооел Скопје купи дополнителни 10.832 акции и сега поседува 50.104 акции односно 11,08%…“.
Исто така, и Симеон Павлов ги зацврстил позициите, а акции има и неговата „Чеза комерц“. „…Акционерот Симеон Павлов купи дополнителни 10.313 акции и сега поседува 47.366 акции односно 10,47%“, се вели во една од објавите. А, во другата стои: „…Друштво за внатрешен и надворешен промет Чезакомерц Симеон Роберто и Виктор доо Скопје поседува 28.102 акции односно 6,21% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД“.
Освен Доне Таневски, своите акции ги продала и неговата ќерка Мирјана Таневска, која е актуелна претседателка на Управниот одбор. И таа, како и двајца соработници, членови на УО и на НО, повеќе не поседуваат ниту една акција од хотелско-угостителската компанија.
„Известуваме дека Мирјана Таневска – Ефремова, претседател на Управен одбор на Македонијатурист АД Скопје, продаде 736 обични акции издадени од Македонијатурист АД Скопје и сега не поседува акции во Друштвото“.
Илија Тренески, кои исто така е дел од УО имал и продал 165 обични акции. Истото тоа го направил со своите 1.200 обични акции и членот на НО, Владо Богдановски.
Во сопственост на „Македонијатурист“ се хотелите „Холидеј Ин“, „Карпош“, „Бест Вестерн“, „Белви“, „Водно“, како и двата за кои јавноста во последно време се прашува – што ќе биде со нив и стравува дека ќе бидат урнати – „Јадран“ и „Бристол“.
Сепак, откако почна акционерската битка за проценти, гласни се и претпоставките дека предизвик не се само хотелите и нивните локации, туку и акциите што ги поседува „Македонијатурист“. Според податоците од финансиските извештаи, на крајот од минатата година компанијата поседувала 46.390 акции на Комерцијална банка, 16.598 на ТТК банка, 3.848 на „Алкалоид“, 518 на НЛБ банка и 155 на „Усје“.
М.А.