ПОВЕЌЕ

    Светска банка го откажа „Дуинг бизнис“ по наодите дека се местеле резултати

    Време зa читање: 6 минути

    Сегашната шефица на ММФ, Кристалина Георгиева, осомничена дека ги притискала вработените да ги сменат податоците поврзани со рангирањето на Кина, пишува Независен весник.

    Светската банка го откажа истакнатиот извештај за оценување на деловното опкружување на земјите во светот „Дуинг бизнис“, откако истрагата заклучи дека високото раководство на банката извршило притисок врз вработените да ги сменат податоците што влијаат на рангирањето на Кина и на други нации.

    Посочените лидери ги вклучуваат тогашна извршна директорка на Светска банка Кристалина Георгиева, сега управен директор на Меѓународниот монетарен фонд, како и претседателот на Светска банка Џим Јонг Ким, пишува „Волстрит џорнал“.

    Директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева изјави дека таа фундаментално не се согласува со наодите на истрагата.

    Групацијата на Светска банка денеска ја објави следната изјава за извештајот „Дуинг бизнис“:

    „Довербата во истражувањето на Групацијата на Светска банка е од витално значење. Групно истражување на Светска банка ги информира активностите на креаторите на политики, им помага на земјите да донесуваат подобро информирани одлуки и им дозволува на заинтересираните страни попрецизно да ги измерат економските и социјалните подобрувања. Таквото истражување исто така беше непроценливо средство за приватниот сектор, граѓанското општество, академијата, новинарите и други, што го прошири разбирањето на глобалните прашања“, се вели во соопштението.

    Притоа се додава дека последователно биле пријавени нерегуларности на „Дуинг бизнис“ во 2018 и 2020 година. Менаџментот на Светска банка го прекина следниот извештај на „Дуинг бизнис“ и иницираше серија прегледи на извештајот и неговата методологија. Покрај тоа, бидејќи внатрешните извештаи покренаа етички прашања, вклучително и однесување на поранешни службеници на Одборот, како и сегашни и/или поранешни вработени во Банката, раководството ги пријави наводите до соодветните внатрешни механизми за отчетност на Банката.

    „По разгледувањето на сите досегашни информации за ‘Дуинг бизнис’, вклучувајќи ги наодите од минатите прегледи, ревизии и извештајот што Банката го објави денес во име на Одборот на извршни директори, менаџментот на Групацијата на Светска банка донесе одлука да го прекине работењето извештај. Групацијата на Светска банка останува цврсто посветена на унапредување на улогата на приватниот сектор во развојот и обезбедување поддршка на владите да дизајнираат регулаторна средина што го поддржува ова. Одиме напред, ќе работиме на нов пристап за проценка на деловната и инвестициската клима. Ние сме длабоко благодарни на напорите на многуте членови на персоналот кои работеа вредно за да ја унапредат агендата за деловна клима и со нетрпение очекуваме да ги искористиме нивните енергии и способности на нови начини“, соопштија од Светска банка.

    Светските агенции пренесуваат дека истрагата покажала дека во извештаите за 2018 и 2020 година имало некои неправилности, како и дека станува збор за Кина, Саудиска Арабија, ОАЕ, а се споменува и Азербејџан, за кои, како што се наведува, има сомневање дека некој од Светска банка можеби влијаел на бодовите што тие ги добиле, а не се во согласност со нивната дефинирана методологија. Светска банка одлучи да спроведе внатрешна истрага за да утврди дали таквите обвинувања се точни.

    Ранг листата на „Дуинг бизнис“ се објавува секоја година и во неа земјите се рангирани според економските реформи и регулативи, а според извештајот од истрагата, Пекинг се пожалил дека во 2017 година завршил на 78-то место.

    Извештајот, подготвен од адвокатската фирма „Вилмер Хејл“, на барање на етичката комисија на банката, изразува загриженост во однос на влијанието на Кина врз Светска банка, а се укажува на „директен и индиректен притисок“ од високите претставници во кабинетот на тогашниот претседател на Светска банка, Џим Јонг Ким од САД, да ја смени методологијата на извештајот за да го зголеми рејтингот на Кина и наведува дека тоа најверојатно се случило по негови насоки.

    Агенциите јавуваат и дека Бугарката Георгиева и клучниот советник Симеон Ѓанков (поранешен министер за финансии на Бугарија) извршиле притисок врз персоналот да „направи конкретни промени во податоците на Кина“ и да го зголеми нејзиниот ранг во време кога банката бараше поддршка од Кина за зголемување на капиталот. Банката во 2018 година објави зголемување на капиталот од 13 милијарди долари, што го зголеми акционерскиот удел на Кина од 4,68 отсто на 6,01 отсто.

    Кина во извештајот „Дуинг бизнис 2018“, објавен во октомври 2017 година, скокна за седум места и се искачи на 78-то место, откако беа направени промени во методологијата на податоците, во споредба со првичниот нацрт-извештај.

    Извештајот нотира и дека имало притисоците за рангирање на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Азербејџан во „Дуинг бизнис 2020“ објавен во 2019 година, но не се посочува дека некои членови на Канцеларијата на претседателот на Светска банка или извршниот одбор се вклучени во промените во овој дел.

    Саудиска Арабија се искачи за 30 места, на 62-то во извештајот „Дуинг бизнис 2020“.

    Се наведува и за „токсична култура“ и „страв од одмазда“ кои го опкружуваат извештајот „Дуинг бизнис“, како и дека членовите на тимот „сметаат дека не можат да ја оспорат наредбата од претседателот или извршниот директор на Банката без да ги ризикуваат своите работни места“.

    Понатаму, е наведува и дека Георгиева го посетила домот на менаџер на „Дуинг бизнис“ за да извади печатена копија од конечниот извештај што ги одразува промените што го подигнаа рангот на Кина и се заблагодарила на вработениот што помогнал во „решавањето на проблемот“.

    Од компанијата „Вилмер Хејл“ соопштија дека биле ангажирана од страна на ИБРД (Меѓународната банка за обнова и развој) во јануари за да ги разгледаат внатрешните околности што довеле до нерегуларности на податоците, како и дека Банката ја поддржала истрагата, но дека таа е целосно независна.

    Извештајот доаѓа речиси две години откако Георгиева ја презеде функцијата директор на Меѓународниот монетарен фонд, во време пред најголемата глобална економска криза во 76-годишната историја на ММФ, предизвикана од пандемијата на КОВИД-19.

    Георгиева во изјава за Извештајот за истрагата во врка со нерегуларностите на податоците во „Дуинг бизнис“ 2018 и за деловно работење во 2020 вели: „Не се согласувам фундаментално со наодите и толкувањата на истрагата за нерегуларностите на податоците кои се однесуваат на мојата улога во извештајот на Светска банка ‘Дуинг бизнис’ од 2018 година. Веќе имав првичен брифинг со Извршниот одбор на ММФ за ова прашање“.

    „Дуинг бизнис“ е еден од најзначајните извештаи што ги објавува Светска банка, при што рангирањето на земјите во него се прави врз основа на повеќе критериуми, како што се регулаторната и правна средина, процедурата за започнување бизнис, финансиите, инфраструктурата, како и други фактори кои што влијаат врз завршната оцена за деловната клима во една земја и нејзиното место на конечната ранг-листа.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично