ПОВЕЌЕ

    До брзи кредити со украдени идентитети – обвинение против шестмина организатори на измамничката шема

    Време зa читање: 2 минути

    По речиси две години од откривањето на аферата со злоупотреба на украдени идентитети за земање брзи кредити, Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против шестмина, а за уште 33 лица предложи издавање казнен налог, односно парична казна.

    Според Обвинителството, шестмината обвинети се товарат за продолжени кривични дела фалсификување исправа, злоупотреба на лични податоци и компјутерска измама. Со фалсификувани лични карти и злоупотреба на туѓи лични податоци тие подигнувале брзи кредити, при што вкупната противправна имотна корист изнесува над 3,16 милиони денари.

    „Намерата на обвинетите им била за секој од нив да прибават противправна имотна корист. Четворица од нив со вакви дејствија во периодот од февруари 2023 година до јуни 2024 година, како вкупна последица ја оствариле последицата на потешко кривично дело односно прибавиле вкупна имотна корист во износ од 2.509.808 денари која е значителна. Останатите во текот на 2022 и 2023 година со поединечни дејствија во помал износ прибавиле противправна имотна корист во вкупен износ од дополнителни 659.500 денари“, соопшти Обвинителството.

    За 33 лица, што се товарат за кривичното дело компјутерска измама, е предложена парична казна:

    „Против вкупно 33 лица е поднесен Предлог за издавање казнен налог до надлежен суд за кривично дело – Компјутерска измама од член 251-б став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик“.

    Во истрагата првично беа опфатени 43 лица, но за четворица постапката е запрена. За двајца не биле обезбедени доволно докази за нивна вмешаност, а двајца починале во текот на постапката.

    Случајот беше отворен откако Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во декември 2024 година го објави документарниот филм „Украдени животи“. Нивното оитражувањето откри десетици граѓани чии лични податоци биле злоупотребени за изработка на фалсификувани лични карти, по што во нивно име биле земани брзи кредити.

    Според истражувањето на ИРЛ, покрај злоупотребата на лични податоци и изработката на лажни лични карти, дел од жртвите биле фиктивно вработувани во компании за да ги исполнат условите за добивање брзи кредити, кои потоа биле подигнувани од организираната група.

    Обвинителството ја отвори истрагата во април 2025 година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично