ПОВЕЌЕ

    ДИРЕКТОРОТ НА ХЕЛЕНИК ЕНЕРЏИ ЗА КАТИМЕРИНИ: „По 10 години се отвори патот да проработи нафтоводот Солун-Скопје“

    Време зa читање: 4 минути

    По деценија застој, повторно зајакнува соработката на енергетски план помеѓу Грција и Северна Македонија. Отворен е патот за повторно отворање на нафтоводот Солун – Скопје, по 10 години неактивност, соопшти Управниот директор на HELLENiQ ENERGY Андреас Сиамисис, во интервју за Катимерини. Како што кажа, пред неколку дена надлежната регулаторна управа на Северна Македонија ја издала лиценцата за работа на нафтоводот.

    Ова е првиот чекор и е многу важен, бидејќи е првиот позитивен официјален развој по долгогодишни напори и дискусии, нагласи Сиамисис. Тој, сепак, појасни дека за да може повторно да се отвори нафтоводот, мора да се решат и други отворени прашања во Северна Македонија, кои се целосно во рацете на властите на соседната земја.

    Нивното уредување и последователно повторното отворање на нафтоводот ќе им понуди големи придобивки на двете страни, а исто така значително ќе придонесе за енергетската безбедност и стабилност во поширокиот балкански регион, рече шефот на енергетската компанија за Катимерини. „Ние сме во Северна Македонија повеќе од 20 години, од кои многу произведоа значителни предизвици со кои требаше да се соочиме“, истакна Сиамисис.

    Нафтоводот, според него, може годишно да пренесува 2,5 милиони тони сурова нафта и нафтени деривати (дизел, керозин и бензин).

    Сиамисис е оптимист дека, и по толку години неактивност, нафтоводот е подготвен да проработи бидејќи неодамна била извршена целосна контрола во која била користена најнова технологија за проверка и со тоа било направено сè што е потребно за да се стави во функција, „штом се исполнат сите предуслови“..

    Сиамисис истакнува дека одновото ставање во функција на нафтоводот ќе донесе повеќекратни придобивки за сите, кои не се само економски, а „најважна од сè е заштитата на енергетската безбедност и доволност во поширокиот балкански регион“, но и дека е очигледен изборот нафтата да се транспортира на овој начин, наместо со возови и стотици цистерни на патиштата.

    „Имаше многу случаи кога надворешни фактори доведоа до прекин на непреченото снабдување на пазарот во соседната земја. На пример, во моментов се соочуваме со непредвиден случај, што создава значаен проблем со снабдувањето на Северна Македонија. Имаше лизгање на подлогата во близина на регионот Градско, по нашата граница со Северна Македонија, поради што беше прекинат сообраќајот на возовите, а датумот на неговото обновување останува непознат. Накратко, не може да се транспортира ниту еден производ со железница до град Скопје. Ова директно влијае на транспортот на нафтени деривати“, објасни Сиамисис.

    Според директорот на Хеленик Енерџи, тие како компанија може да гарантираат и непречено снабдување на Северна Македонија со дизел, а истовремено, земјата „ќе има можност да стане важен регионален енергетски центар за блиските дестинации, со што ќе ја надгради својата позиција и улога во поширокиот регион“.

    Во интервјуто за Катимерини, извршниот директор на грчката компанија ја објаснува историјата на нафтоводот од неговата изградба во 2002 година во сопственост на компанијата „Vardax“ и со удел од 20 отсто на Владата на Северна Македонија, со главна цел да ги поврзе солунските рафинерии со тогашната рафинерија на компанијата ОКТА во Скопје, до неговото затворање и разговорите за повторно отпочнување со работа.

    Во 2013 година, според Сиамисис, било оценето дека е неисплатливо ОКТА да продолжи со работа како рафинерија и наместо тоа било одлучено капацитетите да се искористат како регионален центар за снабдување на Западен Балкан, со промена на употребата на нафтоводот и одлука да транспортира најсовремени и најчисти производи.

    Објектите на ОКТА биле модифицирани за новата функција и направени значителни инвестиции за нивна модернизација, но сепак нафтоводот „остана неактивен, бидејќи задоцни издавањето на соодветната промена во неговото лиценцирање“. „Напорите се интензивираа од 2020 година наваму, кога беше формирана заедничка комисија за да изнајде области на поклопување меѓу инволвираните страни, во поповолна средина. Во ноември минатата година, откако ги исполни сите поставени услови, нашата подружница „Vardax“, која е сопственик на гасоводот, повторно поднесе барање до надлежната регулаторна комисија на Северна Македонија, да добие дозвола за нафтоводот да работи за транспорт на рафинирани производи, наместо сурова нафта. По ова се отвори патот кој доведе до позитивниот резултат“, истакна Сиамисис.

    За правниот спор што компанијата го имаше со Владата на Северна Македонија за прекршување на договорните обврски, извршниот директор објаснува дека тоа не е поврзано со нафтоводот и се однесува на договорот за стекнување на акциите на ОКТА и соодветната државна гаранција за минимална потрошувачка од 500.000 тони мазут годишно, нешто што не било исполнето и следеше судска разврска во корист на „HELLENiQ ENERGY“, а сега, како што вели Сиамисис за Катимерини ги чекаат потезите од другата страна, за да се затвори и ова нерешено прашање.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично