ПОВЕЌЕ

    Ден на пензиската свесност: Се штеди во младост за безбедна старост

    Време зa читање: 4 минути

    Нововработените треба да се насочат кон долгорочно штедење, зашто фондовите на вториот и третиот столб се најголемата гаранција дека младите, кои ќе останат тука и ќе бидат идни пензионери, ќе имаат достоинствени пензии

     

    Капитално финансираното пензиско осигурување обезбедува посигурни пензионерски денови. Затоа, од големо зачење е младите правилно да се информираат за значењето на пензиските столбови, за пензиските фондови – задолжителни и приватни, за улогата на пензиските друштва. И навремено да се запознаат со правата, обврските и придобивките што им следуваат како на членови на задолжителните и доброволните пензиски фондови, веднаш по започнувањето на работниот однос.

    Денес, 15 септември, е Ден на пензиската свесност. Воспоставен од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, со цел да ја нагласи важноста на пензиското штедење. А, веќе традиционално, од 2014 година, му претходат еднонеделни едукативни активности кои се организираат за да се допре до што поголем број млади лица, кои имаат години пред себе за вложување и планирање на пензиската иднина.

    Што треба да знаат младите?

    Во структурата на пензискиот систем се три столба: првот – задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност, вториот – задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и третиот – доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

    Или, кога ќе се вработат, младите според законските одредби стануваат членови на вториот столб, но партиципираат и во првиот. На сметката отворена во вториот столб им се акумулираат средства од секоја плата. Придонесите им се уплаќаат во двата пензиски столба. Секој корисник има лична сметка и право на увид во секое време по електронски пат. Годишно, пак, од пензиските друштва информациите за сите движења на сметката ги добиваат во препознатливиот зелен коверт. Нивните средства се безбедни, затоа што се инвестираат според строго утврдени законски прописи.

    Третиот столб ги има истите елементи, со таа разлика што кон него се пристапува на доброволна основа. Наменето е за оние со намера да обезбедат повеќе пари за пензионерските денови од аспект на материјална сигурност. Секако, покрај задолжителното осигурување. Исто така, овој столб ги прифаќа и лицата кои не се дел од задолжителното осигурување. Овозможено е и основање и финансирање на професионални пензиски шеми. Оттаму, членот може истовремено да има една доброволна индивидуална сметка и една професионална сметка.

    Парите кои се насочуваат кон третиот столб понатаму се инвестираат од страна на пензиските друштва, при што се обезбедува највисока заштита на интересите на осигурениците. Па, членовите не само што добиваат редовни информации за своите средства, туку преку информаторот за инвестирање можат да видат во какво портфолио се вложени.

    Иако овој столб е доброволен, парите исклучиво се наменети за пензија, а можат да се повлечат десет години пред рокот за пензионирање.

    Каде ќе членува – тоа е личен избор на секој нововработен. Понудата е Сава пензиско друштво, КБ прво пензиско друштво и Триглав пензиско друштво. Во нивни рамки се и двата фонда, задолжителниот и доброволниот. Опција е и ВФП пензиско друштво, но само за оние кои ќе се определат за доброволниот пензиски фонд.

    Последните податоци на МАПАС, пак, покажуваат – во задолжителните пензиски фондови има 586.006 членови (состојба од 14 септември), а нето вредноста на нивните вложени средства изнесува 128,77 милијарди дененари, или над две милијарди евра (состојба од 13 септември).

    На истите датуми во доброволните пензиски фондови бројот на членови е 30.536, кои на своите сметки имаат 3,3 милијарди денари, односно речиси 54 милиони евра.

    Поентата е луѓето да се насочат кон долгорочно штедење кое ќе биде исплатливо во иднина. И, Како што укажуваат експертите од оваа област, фондовите на вториот и третиот столб се најголемата гаранција дека младите, кои ќе останат тука и ќе бидат идни пензионери, ќе имаат достоинствени пензии.

    Пораката од МАПАС е – ПРЕЗЕМИ ОДГОВОРНОСТ ЗА ТВОЈАТА ПЕНЗИЈА!

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично