ПОВЕЌЕ

    Дали би инвестирале во компанија за производство на лажно месо?

    Време зa читање: 5 минути

    Брзиот развој на технологијата и технолошките иновации имаа значителен позитивен ефект врз развојот на постоечките индустрии меѓутоа, во исто време создадоа и нови индустрии и сектори кои го привлекоа вниманието на инвеститорите. Од една страна технологијатa иницираше промени во навиките за купување и исто така целосно го смени начинот на кој што потрошувачите купуваат одредени производи и услуги. Од друга страна, промените во барањата и навиките на потрошувачите се исто така едни од поважните фактори кои создадоа можности за развој на нови индустрии и соодветно развој на нови компании.

    Можеби еден од најочигледните примери е компанијата Амазон која во целост го проемни начинот на продажба, купување и дистрибуција на различни видови на производи. Развојот и популизирањето на блокчаин технологијата е исто така уште еден пример преку кој може да се види влијанието на технологијата за проширување на можностите за инвестирање. Сите се добро запознаени со Биткоинот како и пазарот на крипто валути кој постепено се разви во последните две декади.

    Зборувајќи за развојот на новите индустрии задолжително треба да се наведат индустриите кои се развиваат како резултат на промените во навиките за исхрана. Една таква индустрија е индустријата за производство на алтернативи за месо и месни производи за кои секојдневно се зголемува побарувачката.  Секако, оваа индустрија може да биде посебно атрактивна за инвеститорите бидејќи има голем потенцијал за развој и соодветно нуди можности за голема заработка на долг рок.

    Една од најпознатите компании кои се занимаваат со производство на алтернативно (лажно) месо е компанијата Бијонд мит (Beyond meat) која е основана во 2009 година во САД.

    И покрај тоа што оваа компанија кај нас е со сигурност непозната за поголем дел од читателите, Бијонд Мит е компанија чии што производи се популарни во САД. Компанијата произведува растителни хамбургери, колбасици, телешко и пилешко месо кои имаат за цел да ги имитираат карактеристиките на вистинското месо. Во Јануари 2021 година, компанијата има пазарна капитализација од 9.95 милијарди долари и има пријавено приходи од приближно 300 милиони долари за 2019 година.

    Акциите на компанијата се достапни за тргување од Мај 2019 година на берзата во Њујорк и во релативно краток период вредноста на компанијата бележи значителен раст. На денот на првичната котација на берзата акцијата на Бијонд Мит била дефинирана на 25 долари за акција. Меѓутоа, до крајот на сесијата за тргување акцијата се тргувала по цена од 65 долари. Во наредниот период цената на акцијата бележи значителни промени кои содаваат бројни можности за инвеститорите и другите учесници на финансиките пазари.

    Акцијата на Бијонд Мит стана посебно актуелна на 26 Јануари 2021 година кога нејзината цена драстично порасна под притисок на вестите за можно соработка со ПепсиКо. Претходниот ден (25.Јануари 2021) Бијонд Мит го зврши денот со цена од 158 долар додека на 26 Јануари акцијата достигна цена од 218 долари при започнување на сесијата за тргување, што претставува зголемување од околу 37 процените. Акцијата на Бејонд Мит го заврши денот со крајна цена од 186 долари. Причината за ваквиот драстичен пораст на цената на акцијата е веста дека Бијонд Мит и ПепсиКо ќе започнат соработка за развој, продажба и дистрибуција на растителни грицки односно грицки од растителни протеини.

    Треба да се напомене дека ова е втор пат како цената на акцијата на Бијонд Мит го поминува нивото од 200 долари по акција од денот кога за прв пат котираше на берза. Од Мај 2019 година до 26 Јули 2019 година цената на акцијата се зголемува за повеќе од 200 проценти достигнувајќи цена од 234 долари после што започнува пад на вредноста на акцијата. Најниската вредност на акцијата е забележана на крајот на сесијата за тргување на 20 Март 2020 година со цена од 57 долари за акција. Некои од причините кои довеле до ваквиот пад се рестриктивните мерки и затварањето на угостителските објекти со цел сузбивање на пандемијата со што се намали побарувачката за производите на Бијонд Мит.

    Доколку се земе во предвид движењето на цената на акцијата на Бијонд Мит може да се заклучи дека со купување на акции од оваа компанија инвеститорите би можеле да имаат стотици проценти заработка за релативно краток период. Ова само по себе покажува дека индустријата за растително (лажно) месо може да понуди можности за значителна заработка.

    Дали сте запознаени за можностите кои ги нуди оваа, релативно нова, индустрија за производство на лажно месо? Дали би инвестирале во ваква компанија?

    Автор: Вон.Проф. д-р Зоран Темелков

    Повеќе текстови од авторот, [ тука ]

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично