Ланските прогнози на аналитичарите за цените на становите за 2024 година се исполнуваат. Тие тогаш очекуваа дека цените нема да се намалуваат и како клучна причина ја наведуваа високата цена на материјалите кои не поевтинуваат брзо.
Според последните податоци на Народна банка, цените на становите континуирано растат, во третиот квартал тие се зголемиле за осум насто, додека пак во вториот квартал цените беа зголемени за 11 насто.
Тренд на поскапување на становите започна крајот на 2021 година, и продолжи низ цела 2022 година, кога становите поскапеа најмногу. Но, трендот продолжи и во текот на минатата и оваа година. Податоците на Народна банка покажуваат дека налголемо поскапување имало во третиот и четвртиот квартал на 2022 година за над 20%.
Според сопственикот на агенцијата за недвижности „Левел 7“, Игор Панчевски, во периодот од пред пандемијата до денес имаме голема разлика во цените на недвижностите, при што е забележан раст на становите од над 30 отсто. Во другите градови низ Македонија е забележан раст на цените на недвижностите, но сепак во помало темпо за разлика од Скопје, каде што сѐ уште имаме и најголем интерес за инвестирање во недвижности.
– Постојат повеќе фактори за растот на цените на недвижностите, пред сѐ од глобален карактер, како што се политичко-економската состојба и растот на цените на енергентите и градежните материјали, кои во најголема мера влијаат на цените на недвижностите, како и локалните фактори, особено соодносот на понудата и побарувачката бидејќи и во услови на криза недвижностите сѐ уште се најсигурната инвестиција што доведува до зголемено побарување и, секако, раст на цените – истакнува Панчевски.
И покрај растот на цените на становите има голема побарувачка на станови на населението.
Панчевски вели дека исто така како голема причина за покачувањето на цените се и градежните парцели за градба односно нивната достапност особено во централниот дел на Скопје и најактрактивните локации како Центар, Тафталиџе, Карпош, Водно и Аеродром но и нивната вредност бидејќи со зголемувањето на цените на станбениот простор се зголемија и побарувањата на сопствениците на градежните парцели што директно влијае на креирање на цената на станбениот простор.
-Треба да се размислува во насока на поголем и побрз развој на периферните делови од градот односно во подобрување на условите за живеење особено инфраструктурата и да се инвестира на тие локации каде што и цените на недвижностите се подостапни – укажува Панчевски.
На прашањето дали може да се очекува во иднина и намалување, тој вели дека со оглед на целосната ситуација не очекува намалување на цените на недвижностите, но стабилизација без поголеми флуктуации во која било насока, би требало да има.