ПОВЕЌЕ

    Буџетот 2024 проектиран на 5,5 милијарди евра со дефицит од 545 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Развоен Буџет кој обезбедува солидни основи за перспектива на стопанството и подобар стандард за граѓаните, е заедничката оценка на премиерот Димитар Ковачевски и на министерот за финансии, Фатмир Бесими, искажана на прес-конференцијата, на која ги изнесоа деталите од предлог-конструкцијата на буџетските приливи, трошоци и потреби

    Буџетотот 2024 година е проектиран на 343,6 милијарди денари или 5,5 милијарди евра, а дефицитот е намален и се предлага ниво од 545 милиони евра. Догодина се очекува забрзан економскиот раст од 3,4 проценти, проследено со поголеми инвестиции, раст на потрошувачката и закрепнување на надворешната побарувачка, наведе премиерот.

    „Најголем придонес се очекува да имаат бруто инвестициите од државата. Двигател на растот ќе биде и поддршката на приватниот сектор. Закрепнувањето на трговските партнери – Германија и ЕУ, позитивно ќе влијае врз растот. Стапката на инфлација се очекува да се стабилизира на 3,6 проценти во услови на стабилно ниво на цени на енергенси и храна. Во 2024 година се очекува раст на бројот на вработени за два проценти. Номиналниот раст на платите е проектиран на 8,4 проценти“, посочи премиерот.

    Приходите се проектирани на 310,1 милијарда денари, односно 5,040 милијарди евра и се за 10 насто повисоки од оние за 2023. Кај расходите има зголемување за 5,8 насто и треба да изнесуваат 5,5 милијарди евра. Според Ковачевски, планирани расходи и приходи резултираат со намален буџетски дефицит од 150 милиони евра, кој е проектиран во апсолутен износ од 545 милиони евра. Односно, на ниво од 3,4 отсто од планираниот БДП.

    Исто така, во државната каса за идната година предвидени се пари за планираните зголемувања на платите во јавниот сектор, за редовното усогласување на пензиите и за повеќе финансиски средства за општините, а капиталните расходи се 733 милиони евра.

    Буџетот е изработен во извонредно тешки глобални времиња кога е тешко да се предвидат работите, потенцира министерот Бесими, кој посочи дека продолжуваат политиките за намалување на инфлацијата. Одржливоста, пак, на Буџетот, вели, се гледа во намалувањето на буџетскиот дефицит.

    Исто така, министерот укажа дека најголемиот раст е планиран кај приходите од данокот на личен доход, кои се проектирани на 31,1 милијарди денари, што претставува пораст од 17,4 проценти во однос на годинава. Приходите од данокот на добивка се проектирани на ниво од 19,5 милијарди денари,од ДДВ на ниво од 80,7 милијарди денари, а приходите по основ на акцизи треба да се 31 милијарда денари.

    „Главната цел на даночната политика е постигнување на одржлив економски раст и развој и фискална консолидација на јавните финансии на среден рок, притоа обезбедувајќи правна сигурност за даночните обврзници и редовна наплата на јавните приходи. Приоритети се поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и продуктивност на даночниот систем, зголемена даночна транспарентност, подобар квалитет на услугите“, нагласи министерот.

    По усвојувањето од страна на Владата, предложениот буџет треба да го мине и собранискиот филтер.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично