Бродовите моментално плаќаат во просек од 1,5 до 2 милиони долари за транзит низ Ормускиот теснец, изјави Мохсен Занганех, член на Комитетот за планирање и буџет на иранскиот парламент, според иранската новинска агенција Фарс. Дека Иран активно наплаќа надомест за поминување низ Ормускиот теснец се потврдува и од страна на Loyd’s List.
Иранскиот корпус на револуционерна гарда (ИРГЦ) воведува де факто „наплатна рампа“. Бродовите мора да поднесат документација до новоформираната Управа за Персискиот Залив за да добијат код за дозвола и да продолжат низ коридор придружуван од ИРГЦ.
Некои медиуми наведуваат дека, покрај стандардните валути (како кинескиот јуан), Иран прифаќа плаќање во Tether (криптовалута врзана за американскиот долар), во стока или преку размена на стоки.
Во мај, заменик-претседателот на иранскиот парламент, Али Никзад, презентираше нацрт-план од 12 точки за управување со Ормускиот теснец, објави агенцијата Фарси, а формирана е и нова државна агенција за спроведување на планот во соработка со Министерството за економија и под надзор на Врховниот совет за национална безбедност, објави иранската новинска агенција.
Иранската Управа за Персискиот Залив официјално тврди дека ова е компензација за поморски услуги (како што се безбедност, помош при навигација и заштита на животната средина), а не директна патарина.
Приходите од транзитните такси се уплаќаат во државната каса, во согласност со буџетските закони, и се користат за однапред дефинирани цели.
Економскиот експерт Мансур Зара’неџад процени дека собирањето транзитни такси би можело да му донесе на Иран до 7,5 милијарди долари годишно.
Вистинското значење на водниот пат, сепак, лежи во неговата стратешка локација и влијанието што евентуалните нарушувања во теснецот би можеле да го имаат врз енергетските пазари, синџирите на снабдување и глобалната економија, нагласи економистот. Затоа, според него, Хормуз е важен адут за Техеран во преговорите.
Агенцијата за управување со Ормускиот теснец (PGSA) започна со работа на почетокот на мај и досега доби барања од повеќе од 300 странски бродови за дозволи за безбеден транзит, објави Фарс минатата недела, повикувајќи се на податоци од PGSA.
Поголемиот дел од барањата, 77 проценти, дојдоа од бродови што го напуштаат Персискиот Залив, соопшти PGSA во објава на мрежата X. Азиските земји, првенствено Кина и Индија, беа најчесто наведуваните дестинации.
Дестинациите на бродовите што бараа дозвола за влез во Персискиот Залив беа главно Обединетите Арапски Емирати, соопшти PGSA.
Иран, по нападите на САД и Израел, ја презеде контролата врз Ормускиот теснец и го забрани преминувањето на бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници. Бродови на „пријателски“ земји минуваат низ теснецот во координација со иранската војска.
Иран неодамна објави и дека преговара со соседната држава, Оман, која е американски сојузник, за формализирање на овој транзитен и услужен систем, предизвикувајќи остри предупредувања и закани од администрацијата на Трамп против каква било соработка или плаќања.
(Фото: американски чистач на мини во Хормуз, NAVCENT Public Affairs)
Аналитика








