Бранка Славеска се повлекува од позицијата генерален директор на винарската визба „Тиквеш“. Прекинот на ангажманот е спогодбен. Кариерата ќе ја продолжи во странство. До изборот на нов челник, оваа функција ќе ја извршува Светозар Јаневски.
Од компанијата оваа ценовно чувствителна информација ја споделија преку берзата:
„Надзорниот одбор на Винарската визба Тиквеш на седница на одборот донесе одлука за спогодбено прекинување на функцијата на досегашната генерална директорка Бранка Славеска заклучно со 30.09.2024. Одборот одлучи и дека до изборот на нов генерален директор на ВВ Тиквеш, функцијата генерален директор ќе ја извршува претседателот на Управниот одбор на компанијата.
Досегашната генерална директорка го завршува ангажманот поради лични семејни причини, а својата професионална кариера ќе ја продолжи во странство“, наведено е во објавата.
Исто така, од компанијата велат дека и натаму ќе работат според зацртаната стратегија.
„ВВ Тиквеш посветено продолжува со реализација на долгорочната развојна стратегија заснована на моќни вински брендови, силна извозна ориентација и презентирање на македонската винска индустрија на пазарите. Дополнително, ВВ Тиквеш ги воведе ESG-стандардите, а во тек се интензивни вложувања во реализација на проектот за трансформација на Тиквеш во зелена винарница“.
Славеска зад себе има 25-годишно искуство создадено преку работниот ангажман и во домашни и во мултинационални компании. Функцијата генерален директор на „Тиквеш“ ја извршува од први јануари годинава.