ПОВЕЌЕ

    Блокчаин технологија и токенизирање на реални средства како нова алтернатива за тргување

    Време зa читање: 3 минути

    Финансиските пазари се едни од најиновативните пазари кога станува збор за креирање и развој на нови производи и услуги. Целта на континуираниот развој на иновативни финансики производи е да се задоволат потребите на различните учесници на финансиските пазари. Со цел проширување на инвестициските можности како и можностите за тргување на најразлични видови на финансиска актива, во последните неколку декади создадени се најразлични видови на финансиски инструменти. Некои од почесто застапени инструменти кои претставувале значајна иновација се деривативни инструменти како што се опции (options) и фјучерсите (futures) чија што вредност е поврзана со вредноста на некоја реална актива. Исто така, секјуритизацијата е уште една иновација која овозможила претварање на неликвиден имот (хипотеки) во ликвидни финансиски инструменти кои може да се тргуваат на финансиските пазари. Преку процесот на секјуритизација банките во развиените земји имале можност да соберат дополнителни средства за финансирање на своите активности.

    Меѓутоа, и покрај постоењето на голем број на финансиски инструменти за инвестирање и тргување, глобализацијата и развојот на технологијата наметнува дополнителни притисоци за проширување на достапноста на инвестициските можности. Па така, благодарение на блокчејн технологијата, некои финансиски институции започнале со развој и понуда на можностите за тргување со токенизирана актива односно токенизирани средства (tokenized assets).

    Креирање на токени поврзани со реалната активна произлегува од ограничувањето на инвеститорите да инвестираат во актива која не е директно достапна на нивните финансиски пазари. На пример, некој инвеститор можеби нема можност да купи акции од компанија која котира на берзата во САД или пак тргувањето на акциите може да е проследено со многу високи провизии доколку тргува од неговата земја. Ваквите ограничувања создале можност за развој на нов вид на финансиски средства преку токенизирање на постоечката (реална) актива.

    Процесот на токенизирање на активната е овозможено со развојот на блокчејн технологијата и креирањето на таканаречените паметни договори (smart contracts). Новата технологија го намалува времето за реализирање на трансакции и ја зголемуваат нивната безбедност. Исто така, блокчејн технологијата овозможува намалување на трошоците за извршување на трансакциите бидејќи нуди можност за елиминирање на трети страни кои традиционални се вклучени во трансакциите и кои наплаќаат дополнителни провизии.

    Псотојат неколку финансики инситуции кои нудат можности за тргување на токенизирани средства и може да се каже дека овој вид на финансиски инструмент ја зголемува својата популарност кај инвеститорите. Токенизираните средства всушност претставуваат токени чија што вредност е директно поврзана со вредност на соодветната актива. Токенизираните средства ги имитираат промените и движењата во цената на реалната актива, елиминирајќи ја потребата за директно тргувања на наведената актива. На пример, доколку некој сака да тргува со акцијата на Тесла, трговецот може да одлучи да купи токенизирани акции на Тесла, со што добива можност да заработи од движењата на цената на акцијата без да поседува акции од компанијата. Начинот на тргување на токенизирана актива е ист како и тргувањето со другите финансиски инструменти, односно, трговецот може да купи токенизирани средства доколку очекува зголемување на цената или да заземе кратка позиција при можност за намалување на вредност на активата.

    И покрај тоа што примерите се поврзани со акции од компании, треба да се напомене дека некои финансиски институции нудат можност за тргување со токенизирани стоки (златко, памук, нафта, итн.), токенизирани индекси и токенизирани обврзници.

    Доколку имате можност, дали би тргувале со токенизирани средства или би преферирале да тргувата со реалната актива (акции, злато, нафта, итн.)?

    Автор: Вон.Проф. д-р Зоран Темелков

    Повеќе текстови од авторот, [ тука ]

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично