ПОВЕЌЕ

    БЕЗ ЗАЛИХИ И ПАРИ Студио Модерна пред банкрот: Словенецот Санди Чешко тврди – не е готово

    Време зa читање: 4 минути

    Приказната не завршува. До крај ќе се трудам за опстанокот на компанијата – не се предава Санди Чешко, основачот на Дормео и на брендовите од групата Студио Модерна. Проблемите не ги одминуваат ниту големите бизнисмени, па човекот кој пред само една година беше рангиран меѓу десетмината најбогати Словенци, сега се соочува со непосакувани состојби. Нема залихи за продажба, нема пари да се нарачаат нови, на вработените се уште не им е исплатена мајската плата, а нема средства ни за придонеси, информираат словенечките и порталите од регионот, наведувајќи дека се блокирани банкарските сметки на компанијата. Се шпекулира дека на прашањето од вработените – кога ќе добијат плата, Чешко одговорил: „Не знам шта ќе биде за 24 часа“.

    Според пишувањата, Чешко пред неколку месеци судбината на својата деловна империја му ја препуштил на хрватскиот тајкун Дарко Хорват. Се работи за десетина брендови, меѓу кои Дормео, Делимано, Ровус, Топ Шоп и Космодиск, кои за мал надомест биле купени од компанијата на Хорват – Дормео АГ, основана во Швајцарија специјално за таа намена. Тоа било дел од планот за спасување на групацијата која се занимава со телевизиска и онлајн продажба на производи за домаќинство, но која се судрила со проблеми со банките, со добавувачите и со други кредитори. Сепак, по неполни два месеци Хорват се повлекол од спасувачката мисија, со која требало да се санираат долгови во износ од десетици милиони евра.

    Исто така, медиумите заклучуваат дека Хорват лесно може да најде нов „станар” за овие брендови и да стартува со „ново“ Студио Модерна. Наспроти тоа, се помалку има шанси за опстанок на компанијата во сопственост на Чешко.

    Сознанијата до кои доаѓаат словенечките новинари упатуваат на тоа дека до спорот меѓу Чешко и Хорват дошло минатата недела. А, само неколку дена претходно се вршеле подготовки за пренос на дејноста од Словенија на новата фирма која би била во сопственост на Хорват. Освен работата, би биле преземени и вработените, кои почнале масовно да добиваат откази.

    Во актуелните услови, се наведува дека Чешко бара деловни партери кои би можеле да му обезбедат десетина милиони евра, кои му се потребни како обртни средства.

    Тој има се помалку време, пишуваат словенечките медиуми. Притоа, посочуваат дека швајцарската компанија Топ Шоп Интернационал од 17 април е во претстечајна постапка, која ќе трае четири месеци. Па се до август, според локалното законодавство, тој е безбеден од конфискација.

    Всушност, падот на компанијата почнува со пандемијата. Приходите на Студио Модерна од ТВ-продажбата пред короната се движеле од 35 до 37 милиони евра. Минатата година се свеле на 21,7 милиони евра. Овој пад предизвикал и загуби. Кон ова се надоврзува и војната во Украина, со која се загубени да значајни пазари.

    Чешко кариерата ја почнал во компјутерска компанија што ја основал заедно со свои пријатели, а потоа во 1992 година го создал Студио Модерна, на стартот раководено од неговата сопруга. Почнал буквално од нула, во мала гаража во Загорје, со продажба на помагало за ублажување на болки во грбот.

    Потоа станува еден од пионерите за огласување и продажба, што довело до вртоглав раст на бизнисот и до освојување нови пазари. Компанијата се шири во 20 земји од Централна и Источна Европа, како и во Азија, а има осум илјади вработени.

    Чешко го имало и на листата на Форбс во 2013, со имот проценет на 410,5 милиони евра. А, лани, со имот вреден 200 милиони евра бил во топ 10 најбогати Словенци.

    За успехот Чешко своевремено изјавил:

    „Моето его се задоволува со тоа што сум меѓу најдобрите, ако не и најдобар во тоа што го работам, а не со тоа што врз таа основа сум купил за себе. Очигледно, луѓето мислат дека успехот се мери со должиата на јахтата, со бројот на викендички и со другилуксузни атрибути. Јас немам ништо од тоа“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично